Хрватскиот професор Жарко Алфиревиќ веќе 25 години работи во Велика Британија како гинеколог и тврди дека ја открил најголемата разлика во здравствените системи.
– Онака како што жените се породуваат тука, на балканските жени не би им се допаднало – заклучува професорот Алфиревиќ.
Д-р Алфиревиќ во 1984 година дипломирал на Медицинскиот факултет во Загреб, а во 1989 година со стипендија на „Британскиот совет“ заминал на обука во Ливерпул, каде што живее и денес.
Раководител е на Клиниката за гинекологија и педијатрија на Медицинскиот факултет во Ливерпул, а клиничката работа ја врши во породилиштето во Ливерпул, едно од најголемите во Европа. Неодамна беше избран за претседател на Академскиот совет на Кралското здружение на гинеколози на Велика Британија.
– Многумина ќе бидат изненадени од мојата споредба на британскиот и хрватскиот здравствен систем кога станува збор за грижата за трудниците. Верувам дека најголемата разлика доаѓа од односот меѓу лекарите и акушерките. Имено, во британскиот систем не постојат гинеколози од општа практика или приватни гинеколози кои се грижат за здравите трудници. Сето ова го прават акушерки кои вршат пренатална нега, породувања во вода, шијат епизиотомии и обезбедуваат нега по породувањето, вклучително и грижа за доење. Не само во болница, туку и дома. Болницата во која работам, со повеќе од 8.300 раѓања годишно, вработува околу 300 акушерки кои се составен дел од нашиот тим. Ова им овозможува на повеќето трудници да имаат континуирана нега, а во болница доаѓаат само во случај на тешки компликации – раскажува докторот.
Прегледите се релативно ретки, ултразвук не може да се направи без медицинска индикација, а здравите трудници немаат свој гинеколог.
– Повеќето здрави трудници поминуваат помалку од еден ден во болница по породувањето и воопшто не одат на гинеколог. Тоа ни овозможува нам, докторите, да се занимаваме само со вистинска патологија и да бидеме експерти во нашата област, бидејќи не се оптоваруваме со грижата за здрави жени – вели докторот.
Како што наведува, акушерките ја третираат бременоста како нормален физиолошки процес, додека лекарите речиси во сите ситуации гледаат потенцијална опасност, па понекогаш се јавуваат професионални конфликти.
Додека тој се грижи само за жени со тешки компликации, здравите трудници се породуваат на другиот крај од болницата, секоја во посебна просторија со бања, со партнерот и нивната бабица. Лекарот се повикува само кога се појавуваат компликации. Основниот принцип е дека жената, бебето и партнерот се центар на сѐ, а персоналот е тука само да помогне доколку е потребно.
– Сигурен сум дека многу трудници од Хрватска не би уживале во британскиот здравствен систем. Прегледите се релативно ретки, ултразвук не може да се направи без медицинска индикација, а здравите трудници немаат свој гинеколог. Во капиталистичка Велика Британија, каде што владее профитот, во медицината важи старото социјалистичко правило – на секој според потребата, а не според способноста за плаќање. И не се сеќавам кога последен пат прегледав или породив здрава трудница – објаснува докторот.
Гинеколошката нега ја водат општи лекари и се вршат минимален број прегледи. Од 1948 година здравството е бесплатно и едно од најефикасните во светот, истакнува професорот.
912