Во 15. недела од бременоста бебето е големо приближно колку јаболко, со должина на телото од темето до задникот помеѓу 10 и 11 сантиметри и тежина од приближно 70 грама. Плацентата е докрај развиена и ја презела улогата на производство на хормони, а во неа бебето веќе вежба дишење, иако сиот кислород сè уште го добива од крвта, преку папочната врвца. Со вдишување и издишување, амнионската течност го поттикнува развојот на белите дробови.
Иако очите му се цврсто затворени, сепак, се чувствителни на светлина. Ако, на пример, го осветлите стомакот со блесок од фотоапарат, бебето ќе ја сврти главата. На јазикот веќе му се развиени нервите за вкус, иако бебето сè уште нема што да вкуси, освен можеби некоја индикација од вкусот на храната што ја јаде мајката, а успева да продре преку плацентата.
Сакате ли да го знаете полот на детето?
Со помош на ултразвук може да се дознае дали бремената жена носи машко или женско дете. Затоа е важно пред прегледот жената да разговара со партнерот и да одлучат дали сакаат да го прашаат гинекологот за полот на детето. Ако бидете нетрпеливи, не разочарувајте се ако тоа веднаш не се случи, бидејќи можно е бебето да е во таква положба што гениталниот орган нема да може да се види доволно јасно. Исто така, треба да се има на ум дека ултразвукот не дава сто отсто сигурна информација за полот на детето.
Вашето бебе сега е со големина на јаболко. Неговиот мозок сега ги контролира сите мускули во телото и бебето може да се движи. Меѓутоа, ако е ова ваше прво бебе, нема да го почувствувате како се движи уште неколку недели.
Бебето расте, а вие сте сѐ потешки
Веројатно досега сте добиле барем два килограма плус, но не грижете се и ако се помалку, бидејќи следува период на поголемо качување на тежината, како на бебето така и на вашата. До крајот на бременоста поголемиот дел од жените добиваат околу 12 килограми, но за нормално се смета и помал број покачени килограми, во зависност од индексот на телесна маса на почетокот од бременоста.
Некои од симптомите од првото тримесечје се исчезнати, а наместо нив можно е да ве изненади некој нов. Еден од неочекуваните симптоми во бременоста е затнатиот нос. За тоа постои и официјален назив – труднички ринитис, а се појавува поради влијанието на хормонските промени и зголемената циркулација на слузницата во носот. Поради зголемениот волумен на крв и ширење на крвните садови во носот, некои трудници имаат и благо крвавење од носот.