однесување Прашај психолог училиште

Внука ми се дружи само со 3-4 деца од фамилијата, не сака да комуницира со непознати. Како ќе се снајде кога ќе тргне во училиште од септември?

ПРАШАЊЕ: Имам внука од 6 години и од септември ќе биде прваче. Психофизички е многу напредна, ама имаме еден проблем – многу е срамежлива. Се дружи само со три-четири дечиња што ѝ се од фамилија. Со непознати, и деца и возрасни, не сака да комуницира. Ако некој ја праша нешто, одговара кратко, со наведната глава и со гримаса на устата. Во градинка малку одеше, некаде околу 2 години. Во семејството и со блиски најнормално се однесува. Нѐ загрижува како ќе се снајде сега во училиште, нема да може знаењето да ѝ дојде до израз. Како да ѝ помогнеме и дали треба да посетиме психолог?

ОДГОВОР: Ме радува што вашата внука расте и се развива убаво и, како што рековте, е напредно девојче. Исто така, споменавте дека е срамежлива, дека не комуницира толку лесно со непознати и дека претпочита да поминува време со деца од семејството.

Тоа значи дека вашата внука веќе ги има своите „први другарчиња“. Иако тие се од семејството, овие односи и врски се почетна точка за развој на социјалните вештини, приврзаноста, довербата и играта. Таа веќе знае како е да се биде во врска, како е да се поврзе и како е да се припаѓа… и тоа секако не е мала работа 🙂

Некои деца се природно порезервирани, претпазливи и чувствителни на нови луѓе и непознати ситуации и едноставно им е потребно малку повеќе време да се отворат кон надворешниот свет, т.е. да излезат од своите безбедни граници. Тоа не значи дека нешто не е во ред со нив, туку дека нивното темпо на приспособување е различно.

Но, многу често се случува ние, возрасните, од преголема љубов и загриженост и потребата за заштита, понекогаш несвесно да ги проектираме сопствените стравови врз нашите деца, внуци. Нашиот страв дека нема да успеат, дека ќе бидат сами, дека нема да бидат прифатени. Тогаш детето не само што ја носи својата срамежливост, туку ја носи и нашата.

Затоа, наместо да се грижите, верувајте во неа. Покажете ѝ дека е сакана и прифатена токму таква каква што е. Охрабрете ја преку игра, преку ситуации кои се природни. Децата се менуваат, растат и се развиваат. А кога таа ќе има самодоверба и чувство дека ја гледате како способна, и самата ќе верува дека може. Една од многу важните работи е што децата чувствуваат кога родителите, бабите и дедовците се сомневаат во нив. Ако покажете доверба дека ќе успее, дури и кога тоа не е видливо, детето ќе го апсорбира тоа, ќе го носи во себе и ќе му даде сила. Често се случува дете кое изгледа затворено во една средина, во друга, како што е училиштето (кога динамиката се менува и улогата се менува) да блесне!

Потрудете се јавно да не ја етикетирате како „Таа е срамежлива“. Понекогаш низ разговор прашајте ја: „Како ти се допаѓа да си играш со други деца?“; „Што најмногу сакаш да правиш кога си сама?“; „Дали некогаш сакаш да играш со нив, но не знаеш како да им пријдеш?“

Можете да ѝ помогнете да се отвори преку бајки, симболика и игра. На пр: „Замисли мала лисица која не сака многу да зборува, но паметна е и гледа сѐ околу себе… што си мисли таа, што сака да направи?“

Пофалете ја за нејзиниот труд и радувајте се на нејзините успеси. А доколку забележите дека нејзината повлеченост станува поголема пречка во нејзиниот секојдневен живот, тогаш е корисно да побарате разговор со психолог.

Доколку имате потреба од разговор и дополнителна помош, потребно е да закажете  советување и психоедукација на sovetuvanje@gmail.com.

To top