ПРАШАЊЕ: Јас сум загрижена баба на внука која во декември наполни 6 години и е прваче. Првите три месеци сѐ беше во ред, одеше на училиште и беше радосна за секоја петка што ќе ја добиеше, но при крајот на ноември и цел декември упорно почна да одбива да оди на училиште и плаче. Ако оди на училиште, бара еден од родителите да биде присутен и да ја чека. Многу е паметна, сака да учи, по враќање од училиште седнува одма да си напише домашно. Многу убаво пишува, чита, задачите по математика лесно ги решава, ама одбивноста за на училиште останува. Комуникативна е со другарчињата и не е насилна со нив. Родителите максимално се посветуваат да го решат проблемот, но тој продолжува и во второто полугодие. Би ве замолила за совет и помош како да го надминеме овој проблем.
ОДГОВОР: Ја разбирам вашата загриженост и потребата да му помогнете на вашето внуче, а и на родителите. Од она што го опишавте се гледа дека станува збор за умно, вредно и совесно девојче. Таа сака да учи, убаво чита и пишува, лесно решава задачи и дури сама седнува да си ја заврши домашната работа. Тоа укажува дека нема проблем со учењето, ниту со способноста да се вложи во она што треба да се извршува. Многу е убаво и што велите дека е комуникативна со другарчињата и дека нема агресивност. Тоа значи дека таа знае да се поврзе и да другарува.
Кај децата на нејзина возраст често знае да се јави анксиозност која е поврзана со одвојувањето од родителите и од она што им е сигурно и познато. Почетниот ентузијазам во првите месеци од одењето на училиште може постепено да се замени со одбивност, која – ако го прашаме детето – често не знае да ја објасни со зборови.
Ваквото однесување, одбивањето да оди на училиште, плачењето и потребата родителот да биде близу најчесто укажува дека нешто во неа создава чувство на несигурност или страв, иако изгледа дека сѐ е во ред.
Ќе ѝ помогнете ако вие, возрасните, останете смирени и нема да правите „голема работа“ од сето ова, бидејќи ако сите вие бидете посмирени, таа на некој начин ќе го црпи тоа од вас. Наместо да ја убедувате дека нема од што да се плаши, дека е супер таму, подобро е едноставно да ѝ покажете дека ја разбирате. На пр., „Гледам дека ти е тешко, но ние сме тука за тебе“ или „Мама или тато ќе дојде по тебе во тоа време.“
Избегнувајте постојано да се фокусирате на она што го добила по извршената задача, па можете да кажете: „Колку си се потрудила, ме радува тоа.“ Понекогаш играјте улоги, таа да е учителката, а вие ученикот и преку играта можете многу да дознаете што се случува таму. Доколку поминува време на мобилен, тоа да биде ограничено и со ваша контрола. Можете да споделите и ваше искуство, кога сте биле мали и колку ви било тешко и дека многу деца понекогаш се чувствуваат така и тоа е сосема во ред.
Потрудете се навечер да се подготвува со спремање на ранецот, што ќе облече итн. Со себе да земе некоја мала играчка или нешто што ја потсетува на дома. Спремањето за училиште наутро да биде кратко, мирно и предвидливо, без долги разговори и убедувања. Ако сака да ја чека родителот, може да се направи постепено, прво да ја чека кратко, па секој ден по малку да се намалува времето. На тој начин таа ќе научи дека може да издржи и дека е сигурна, дури и кога родителот не е тука.
Добро е родителите да поразговараат и со учителката за да видат дали има нешто што ѝ создава притисок, дали се плаши да не згреши, дали има некоја ситуација што ја вознемирува.
Со текот на времето таа ќе чувствува поголема сигурност и ова ќе биде само една кратка фаза што ќе помине.
Доколку ви е потребна дополнителна помош и разговор, потребно е да закажете родителско советување и психоедукација на sovetuvanje@gmail.com
Билјана (Манасова) Јовановиќ, https://www.facebook.com/PsihoterapevtManasova