Постојат реченици што сите ги знаеме, но ретко гласно ги кажуваме. Една од нив е дека родителите не ги сакаат сите деца еднакво. Не затоа што се лоши луѓе, ниту затоа што сакаат да ги повредат, туку затоа што се луѓе со емоции, слабости и потсвесни механизми кои влијаат дури и кога најмногу би сакале да веруваме дека не постојат.
Токму на оваа тема зборува Владета Јеротиќ, академик, невропсихијатар и еден од највлијателните српски мислители, чии размислувања за семејството, децата и родителството често се пред своето време и токму затоа понекогаш се непријатни за слушање.
Зошто родителите несвесно избираат едно дете?
Јеротиќ укажува дека уште при раѓањето на детето се создава одредена емотивна динамика. Дали детето наликува на таткото или мајката физички, а подоцна и психички, таа сличност, сакале или не, буди посилна идентификација.
Родителот се препознава во тоа дете – во неговата насмевка, неговиот темперамент, неговите реакции. И токму таа сличност често станува основа за посилна емотивна врска. Непланирано, несвесно.
„Еднаква љубов“ како општествен мит
Како психијатар, Јеротиќ години наназад разговарал со родители кои имале две или три деца. На прашањето кое дете најмногу го сакаат, речиси сите одговарале исто: „Еднакво“. И мајките и татковците биле уверени во тоа.
Но Јеротиќ е јасен: таква рамнотежа во љубовта не постои. Секогаш постои нијанса. Едно дете се сака малку повеќе. Ако има две деца, идеално е вели тој, мајката да биде емотивно поблиску до едното, а таткото до другото. Зашто кога двајцата родители повеќе го сакаат истото дете, другото не само што го чувствува тоа, туку и длабоко го носи во себе.

Децата го гледаат она што возрасните не го изговараат
Едно од клучните тврдења на Јеротиќ е дека децата се исклучително интуитивни суштества. Тие не мора да ги слушнат зборовите. Доволни се погледите, тонот на гласот, ситните гестови, отсуството на внимание. Сè се одвива невербално, но е јасно како ден. Детето знае и памети.
Три нивоа на мајчинска љубов
Јеротиќ посебно зборува за мајката и начините на кои се гради нејзината љубов кон детето. Првото ниво е љубов кон детето што ги носи нејзините особини. Второто е љубов кон детето како плод на односот со саканиот партнер. Но постои и третото, највисоко ниво на љубов – кога мајката го сака детето како посебно, ново и мистериозно суштество, независно од тоа на кого наликува, какви особини носи и колку се вклопува во нејзините проекции. Тоа е љубов што бара зрелост.
Кога детето не наликува на никого
Јеротиќ зборува и за деца кои не наликуваат ниту на таткото ниту на мајката, ниту физички ниту психички. Родителите тогаш често се обидуваат да пронајдат сличности во роднините, семејното дрво. Понекогаш успеваат, понекогаш не.
Се случува во семејство без музичка традиција да се роди исклучително музикално дете. Таквите примери, иако поретки, потсетуваат дека детето не е празна табла.
Генетика, темперамент и наследени особини
Некогаш се верувало дека детето се раѓа како празна табла, а сè што следува доаѓа од средината. Денес знаеме дека тоа не е точно. Темпераментот е вроден, како и многу предиспозиции.
Генетиката има огромна улога, но не само таа. Тука се и пренаталните и постнаталните фактори, како и сложените механизми на наследување што понекогаш се манифестираат преку генерации.
Јеротиќ често користи метафора дека во секој од нас се кријат „стотина реинкарнации“ – особини на предците кои ненадејно се појавуваат кај потомците.
Тешки вистини за наследните предиспозиции
Посебно вознемирувачки дел од неговите размислувања се однесува на современите сознанија од генетиката. Некогаш младите психијатри биле учени дека склоноста кон алкохолизам, самоубиство или насилство се јавува исклучиво преку учење по модел.
Денес знаеме дека постојат предиспозиции за зависности и за деструктивно однесување. Таквите сознанија, како што вели Јеротиќ, се тешки и застрашувачки, но неопходни за разбирање на човекот.
Родителите не се виновни за сè, но се важни
На крајот, Јеротиќ потсетува дека родителите не треба да бидат единствените виновници за сè што не е во ред во животот на нивното дете. Некогаш целата одговорност се префрлала врз нив, а денес знаеме дека тоа не е целосно точно.
Но тоа не значи дека улогата на родителите не е пресудна. И токму во тој баланс меѓу генетиката, воспитувањето и личната одговорност лежи вистината што Јеротиќ се обидува да ја објасни – често тивко, но секогаш длабоко.