Иако имаат најдобра намера, родителите често имаат погрешен пристап и грешат во некои одлуки кога се работи за воспитувањето на децата. Каде настанува проблемот, објаснува истакнатиот невропсихијатар и психотерапевт Владета Јеротиќ.

Веќе одамна е кажано дека детето е најнемоќното битие во природата. Децата имаат огромна зависност од своите родители, нивните интереси, страв, рамнодушност. Во животинскиот свет овој период на беспомошност трае релативно кратко и сите животински парови родители, или само еден од нив, се насочени кон брзо и успешно оспособување на своето младенче за самостоен живот.

Кога оваа самостојност ќе се постигне, родителите ја исполниле својата задача и младенчето заминува, сакајќи или не. Во човечките заедници таквиот процес уште постои само кај таканаречените примитивни народи (и тоа не сите), или во сиромашните слоеви кај многудетните семејства. Карактеристично е тоа што кај ваквите народи и во тие слоеви поретко се забележуваат душевни нарушувања во развојот.

1. Услови на развој

Кај сите народи што населуваат цивилизирани земји, сè до оние во високо цивилизирани и културни општества, сеедно дали во моментот станува збор за општества со строга патријархална структура на семејството или онаа, во најново време, од преоден тип, за кој уште не знаеме каде ќе нè одведе – развојот на детето поминува под значително различни услови, кои не само што го зајакнуваат чувството на сигурност и самостојност кај детето, туку напротив, го кочат и попречуваат. Притоа не е важно дали се работи за класичен тип на семејство со строг, патријархален татко и слаба, потчинета мајка, или за родители кои се зафатени со своите грижи и надворешна ангажираност, па му го препуштаат воспитувањето на децата на некој друг воспитувач или едноставно на улицата.

Во двата случаи она што ќе одлучи дали детето погрешно се развива е недостигот од топлина, сигурност и авторитет кај самите родители. Бидејќи, ако детето на почетокот е навистина беспомошно, од кого тоа може да го добие првиот неопходен импулс на сигурност и згриженост ако не од родителите. Тоа нема никаков друг критериум за сопствената вредност, туку признанието што го добива од својата најблиска околина.

Да не го заборавиме притоа Адлеровото тврдење дека секое дете не само што ја чувствува својата инфериорност, туку е и навистина инфериорно во однос на светот на возрасните кој го опкружува. Не е дури ни важно дали некое дете има физички недостаток, бидејќи имаме низа примери дека ваквите деца и подоцна возрасни луѓе со правилно воспитување, кое на детето ќе му даде материјал за самопотврдување и признавање на неговата личност, воопшто не патат од некое чувство на инфериорност.

Обратно: многу деца се надарени со интелигенција и физички изглед, но поради погрешно воспитување, многу патат од недостиг на самодоверба, страв и срам.

2. Сигурност и значење

Сега веќе се приближивме кон настанувањето на неврозата. Невротичар е човек кој во развојот на својот чувствителен живот бил спречен со оштетувања кои ги доживеал од страна на ладните, незаинтересирани, потценувачки, во основа несигурни и невротични родители, или оние што ги заменуваат родителите. Се разбира, не само вакви родители. Потребата на човекот да се чувствува сигурен и значаен е посилна и од сексуалниот нагон. Ако оваа потреба е рано фрустрирана, нема да биде чудно ако и сексуалниот нагон погрешно се развие.

Развојот на ваквото дете, следствено на логиката од свирепите случувања во неговата околина, за кои родителите често и не се виновни бидејќи и самите се болни, е определен, како што вели Адлер, со една фиктивна цел, чија основа е неодоливата потреба за признание и важење. Притоа не е важно дали ваков невротичар ќе се развива закован во својот свет на фантазии, дневно сонување, оддалечен од реалниот живот со страв од повторување на доживеаните трауми од детството, или ќе се обиде со неумерена и секогаш лошо насочена агресија да се ослободи од ваквото неподносливо чувство на несигурност и слабост.

Во овој невротичен развој важно е тоа што таквиот субјект е секогаш свртен кон минатото наместо кон сегашноста, бидејќи неговите неисполнети желби за признавање се во минатото, а не во сегашноста. Увидот во апсолутна неможност минатото повторно да се доживее, нему речиси секогаш му недостига. Другите карактеристики на невротичарот произлегуваат од првата.

Владета Јеротиќ; Фотоизвор: „Јутјуб“

3. Слобода човекот да биде свој

Условот за развој на самостојна и зрела личност е во доживеаното и проживеано чувство на сигурност и признание во детството. Ако не се случило тоа, невротичарот подоцна во животот постојано ќе се стреми да добие признание од надворешниот свет, а не од себеси.

Поголема несреќа за личноста на човекот нема. Ако некој непрестајно се обидува да добие милост и признание од својата околина (овде, се разбира, не се работи за потребата на нормалниот човек за признание за својата реална вредност), немајќи доверба во себеси, постојат сите услови да се развие во ропска и несамостојна личност од која ни општеството не може да има никаква корист.

Ако на крајот се запрашаме за социолошките причини за порастот на неврозата во современиот свет, тогаш секако доаѓаме до проблемите во структурата на општеството кое формира и семејство од кое зависи развојот на поединецот во него. Тоталитарните режими, од една страна, на кои и не им е цел развивање на самостојни личности, и анархичната демократија, од друга, во која конкурентската безмилосна борба ги зголемува стравот и несигурноста – се плодна почва за развој на неврозата.

Само таква заедница и општество кое, според зборовите на Фром, му даваат на поединецот најдобри шанси за развивање на сите негови можности ќе ја надминат веќе постигнатата човекова „слобода од“, отворајќи перспективи на „слободата за“, т.е. слобода човекот да биде свој, да биде продуктивен и целосно разбуден.

Автор: Владета Јеротиќ



912

X