Воспитување

Вклучете ги децата во подготовките за празниците

Празниците традиционално претставуваат дружење со семејството и пријателите, време за споделување љубов, смеа и подготовка на одлична храна.

Но, поради стресот кој често си го наметнуваме, забораваме дека ако сме родители, најважно е да поминуваме квалитетно време со нашите деца и да ги вклучиме во сите активности. За десет или дваесет години, децата нема да се сеќаваат што добиле под новогодишната елка, но ќе се сеќаваат на чувството. И токму тоа чувство ќе одреди како ќе го доживеат Божиќ во зрелоста.

Затоа вклучете ги во вашите божиќни подготовки оваа година. Еве како.

Избор на елка и украси

Децата сакаат да чувствуваат и да гледаат дека нивното мислење се цени и се зема предвид. Нека ви помогнат во изборот, а вие донесете ја конечната одлука за тоа какво дрво и какви светилки ќе имате за празниците. Дискутирајте за вештачки и живи дрвја бидејќи тоа им помага на децата да научат да прават споредби и да ги презентираат своите аргументи за одредени опции. Во зависност од нивната возраст, можете да ги однесете и во шопинг на новогодишни светилки и да им ја кажете разликата помеѓу топли и ладни светилки, ЛЕД-светилки, надворешни и внатрешни и слично.

Исто така, при изборот на украси, земете ја предвид нивната омилена боја или договорете се омилените бои на сите членови на семејството да бидат претставени на елката.

Планирање божиќна вечера

Вклучете ги децата во планирањето на празничниот оброк. Нека размислат за храната што би сакале да ја јадат на Бадник или Божиќ и тоа не мора да биде традиционална храна. Нека остават свој белег. Потоа, со ваша помош, можат рачно да напишат листа со намирници што треба да се купат. Нека ги поделат во категории како што се месо, овошје, зеленчук, колачи – ова ќе им помогне да развијат организациски вештини.

Децата сакаат да бидат вклучени во подготовката на храната и можат да помогнат на различни начини, во зависност од нивната возраст. На помалите деца дајте им полесни задачи, како што се броење компири или мерење. Постарите деца можат да сечкаат, а потоа да истражуваат користејќи зачини и масла.

Подарување на другите

Празниците не се единственото време кога треба да мислиме на другите и да учествуваме во добротворни акции, но имајќи предвид дека во декември ги има повеќе од кога било, можеби сега е вистинското време да ги запознаете вашите деца со овој аспект од животот. Многумина можеби немаат толку среќа како вашето семејство, а тоа е разговор што порано или подоцна треба да се води со децата. Со текот на времето, тие самите ќе гледаат бездомници на улиците, трошни куќи, облека понеубава од нивната и слично, но ова е можност да им се даде до знаење дека сите луѓе се еднакви без разлика на тие работи. Научете ги како да бидат почувствителни кон другите и како да им подаруваат на другите. Секогаш можете да помогнете со донирање дополнителни играчки, носење храна во засолниште за животни и слично.

Објаснете им зошто го правите тоа и на крајот прашајте ги како се чувствуваат.

Развивање на креативноста

Во зависност од возраста на детето, вклучете го во различни задачи за украсување на домот и сè што ги карактеризира Божиќ и Нова година како празници. На пример, тие можат да исечат снегулки од хартија, да направат честитки за целото семејство со боички и фломастери, а малку постарите можат да направат и дигитални честитки. Ова е и можност да ги научите како да користат стари украси, како да ги пренаменат или рециклираат, како да спасат дотраено дрво, како да направат уникатни украси од шишарки кои ги собрале при прошетка…

Приказни од минатото

Божиќ некако најмногу се карактеризира со поимот традиција, па ова е добра можност да им раскажеме на децата како настанал Божиќ, зошто ја украсуваме елката, како настанал календарот за празнување…

Кажете им како вие сте ги поминувале празниците и прашајте ги дали би сакале да спроведат некои од тие традиции со вас.

Како што растат, подоцна можат да им го кажат тоа на своите помлади браќа и сестри, или на помладите членови на поширокото семејство.

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top