Игротека

Кога да го пуштите детето на дочек на Нова година?

Речиси сите се согласуваат дека Нова година им е омилен празник и на децата и на возрасните. Новогодишната еуфорија е присутна насекаде, а со неа и љубовта кон блиските.

Мајките сакаат совршен семеен пречек со семејна вечера, постарите деца сакаат да ја прослават со пријателите и партнерите, а тинејџерите сакаат да го доживеат првото самостојно прославување на најлудиот празник во текот на годината.

Ноќните клубови обично се кошмар за родителите кога станува збор за дочекот на Новата година, но ние ќе ви помогнеме како да преземете мерки на претпазливост и мирно да спиете додека вашите тинејџери се на прослава.

Психолозите наведуваат дека е добро децата да се чувствуваат самостојни и не треба да им забранувате друштвени активности и да ги затворате дома. Тинејџерите се во познатата „проблематична возраст“ кога искажуваат револт, нервоза и желба за осамостојување.

За Новата година да помине мирно, а сите членови од семејството да бидат задоволни, потребно е да воспоставите правила кон кои ќе се придржувате и вие и децата.

Основното барање што треба да го поставите е да знаете со кого ќе оди на забавата и каде. Доколку вашето дете не сака да ја сподели таа информација, можете да ја остварите вашата првобитна желба и да го задржите дома.

Одење во град

Доколку сака со вас да ги сподели сите информации што ги побаравте, тогаш треба да го пуштите на неговиот прв незаборавен дочек.

Новогодишното излегување во град е резервирано за постарите тинејџери, додека со помладите треба да се договорите околу излегување на место каде што ќе нема многу непознати луѓе.

Психолозите нагласуваат дека помладите од 16 години не би требало да бидат во клуб и дека домашна журка е прифатлив компромис. Она што мора да го поставите како главно правило е да нема алкохол и други опијати. Потсетете се дека нивната прва Нова година во клуб не треба да биде лошо сеќавање, туку сеќавање на убава забава со пријателите.

Ако сакате да бидете сигурни дека вашето дете ќе биде безбедно, однесете го на местото на забавата и договорете се со него да го земете кога ќе заврши. Она што сигурно не го сакате е да го вози некој постар другар или сестра/брат на другарот, бидејќи постои можност помладите полнолетни тинејџери веќе да бидат пијани.

Најважно е да му нагласите на вашето дете дека доколку дојде до некој поголем инцидент, не смее да се плаши да ве повика. За да бидете посигурни на какво место вашиот тинејџер ја прославува Новата година и дали е соодветно и примерно за негова возраст, можете да проверите кој излегува таму и какви забави се прават.

Домашна забава

Домашната забава кај другар е она што родителите секогаш ќе го изберат пред ноќниот клуб. Ова е одличен избор за помладите тинејџери бидејќи точно знаете каде е, кои му се другари и знаете дека е на сигурно.

На овие журки значително е намален бројот на непознати луѓе, и со самото тоа и бројот на непријатни инциденти. Она што дополнително ви влева доверба е дека родителите на детето каде што се прославува Новата година најверојатно ќе бидат присутни, ако не директно на журката, тогаш некаде во близина на куќата.

Позитивно е и тоа што веројатно го познавате другарчето на вашето дете, како и неговите родители, па ги знаете адресата и телефонот. Доколку не е така, повторно можете да ја дознаете доколку вашето дете го однесете до куќата каде што се прославува Новата година.

Иако ова е побезбедна и најбезболна опција за родителите, алкохолот и опијатите не се исклучени, така што важно е на вашето дете да му нагласите дека се строго забранети.

Што ако детето не го испочитува договорот?

Доколку се случи вашето дете да не го испочитува договорот – да нема алкохол, опијати, доколку се задржи подолго од договореното, тогаш треба да преземете соодветни мерки.

Доколку детето прекрши некои од овие правила, психолозите советуваат казна. Казните треба да ги опфатат оние работи што вашето дете ги сака, а тоа се телефонот и интернетот. Доколку му ги забраните овие работи на одредено време, ќе сфати дека направило грешка и нема повторно да ја направи.

Од друга страна, ако вашето дете го исполни договорот и ги почитува правилата, треба да го пофалите. Со тоа ќе ја подигнете неговата самодоверба и ќе сфати дека му верувате, дека го третирате како возрасна личност и во иднина нема да сака да направи грешки што би предизвикале недоверба кај вас.

Важно е да не ги притискате премногу децата, да најдете совршен однос на слободата и правилата, бидејќи не сакате да создадете бунт и револт кај нив, со што ќе постигнете лош ефект.

Испратете го вашето дете на журка, опуштете се, верувајте му, искористете ја оваа Нова година за вас бидејќи, веројатно, поминало доста време откако не сте ја поминале најлудата ноќ во годината без деца.

Поврзани написи

To top