Додека некои деца едвај чекаат да дојде Нова година за да ги отворат подароците, за жал, постојат и такви кои немаат на што да се радуваат. Сиромашните семејства не секогаш можат да им обезбедат на своите деца подароци под новогодишната елка.
За среќа, постојат многу хуманитарни луѓе кои ни ја враќаат вербата во човештвото и со својата добрина успеваат да измамат насмевки на лицата на сиромашните дечиња. Еден од нив е и 80-годишниот Џим Анис.
Во текот на изминативе 50 години Анис прави играчки за децата од сиромашните семејства. Секоја година тој прави дрвени играчки и донира околу 300. Материјалот го добива од неговите соседи, а често и го купува. Сето тоа го чини 1.000 долари.


Но, како што вели, тој воопшто не се грижи за парите, туку сака децата да знаат дека има некој што се грижи за нив, затоа што и сам добро ја знае ситуацијата. Како дете, се соочувал со нешто слично затоа што растел во семејство со пет деца, па неговиот татко не можел да им купи подароци на сите.
– Татко ми работеше, но не заработуваше многу пари. Тешко е да имаш богат Божиќ со пет деца – вели тој.
Дел од играчките што ги прави се пожарни коли, автомобили и кукли. Тој вели дека ќе го прави ова добро дело додека може да го прави.


– Обожавам кога луѓето ме прашуваат колку ме плаќаат за да ги правам овие играчки. Им велам дека мојaта плата е кога ќе ги видам детските лица насмеани. Се надевам дека ова ќе продолжам да го правам сè додека не ми се искриват прстите – вели Џим.