Да почнеме од почеток.
Јас сум самохрана мајка. Бидејќи тој израз отсекогаш ми бил многу грд, еден убав ден одлучив да станам супермајка.
Затоа што самите мајки тоа и се, супермајки со многу раце кои сѐ прават сами. И затоа што тоа звучи поубаво и помоќно од вообичаениот израз самохрана мајка. Така, супермајка станав под влијание на околностите. Денес, кога би ме прашал некој што би избрала кога би можела пред шест години – не знам дали би избрала да одгледувам дете со партнер или сама.
Не, не е кисело грозје. Еве шест години како функционирам како индиската божица Шива (со осум раце) и факт е дека се приспособив и навикнав на овој модел на родителство. Сите одлуки ги носам сама и стојам зад нив. Никого не морам да прашувам за дозвола, ниту за помош. Всушност, главно на помош не можам ниту да сметам. Планирам како да сум препуштена сама на себе, а најчесто и сум.
Дали беше лесно? Не, нималку.
Се чувствував напуштена и беспомошна. Болеше. Секого го боли откако ќе ја согледа вистината и ќе сфати дека целосно се разликува од онаа вистина во која верувал.
Тоа чувство на страв.
Тага.
Осаменост.
Сигурна сум, знам дека не сум единствената што поминала низ тоа, но не сакав да покажам.
Ги криев од сите анксиозноста, беспомошноста, осаменоста.
Се криев зад обврските, одев со крената глава и се преправав дека животот ми е под контрола. Плачев во текот на ноќта додека детето спиеше, за да не може да чуе.
Никој не смееше да ме види пропадната, се криев зад шминката и ставот – „силна сум и самостојна“.
Во главата милион пати си го преиспитав својот живот, своите постапки, своите грешки. Се сомневав во сопствениот разум и на крај ја доведов во прашање сопствената вредност. Тој момент кога ќе се запрашате дали некогаш сте донеле барем една правилна одлука и дали овој единствен живот можеби би можел да биде поинаков, поквалитетен, повреден.
Сите сме поминале низ ова, сигурна сум. Сме вределе онолку колку што другите нè процениле, сме се однесувале како што сме мислеле дека мораме – за да бидеме прифатени. Бидејќи, факт е дека самите мајки не се секогаш и секаде прифатени и сфатени. Факт е дека ова наше општество од жените со деца уште очекува и прашува – а каде е таткото?
Факт е дека поради таквиот став, поради таквиот однос, самите мајки ги поминуваат годините во испитување на себеси и потиснување на сето она што ги мачи.
И јас бев една од таквите.
А вистината е следната:
Животот не нуди никакви гаранции, дека ќе биде лесно, убаво или барем – нормално. Ќе биде како што ќе биде, лудо, тажно, неверојатно, здодевно, фантастично. Ќе биде онака како што ние ќе одлучиме и никако поинаку. Бидејќи никој, освен ние самите, нема право да го проценува нашиот живот, нашите пропусти, нашата среќа или несреќа.
Вредиме онолку колку што ќе одлучиме дека вредиме. А ќе живееме онака како што ќе решиме. Потиштено или исправено. Секоја од нас е извонредно вредно човечко битие.
Нашите ставови се важни бидејќи такви какви што сме, баш такви, воспитуваме мали луѓе и ги водиме низ животот и го заслужуваме најдоброто, заслужуваме почит и внимание кои никој, ама баш никој, нема право да ни ги скрати.
Автор: „Дневникот на една супермајка“