Реченицата од насловот веројатно е апсолутен шампион во одговорот на секое прашање што некоја мајка ќе го постави на фејсбук-групите во потрага по каков било совет.

– Здраво, мајки. Моето бебе е 6 месеци, кога можам да му дадам чипс?

– По една година, тогаш му дадов јас. Но, вие најдобро знаете што е добро за вашето дете.

– Моето јаде од 3 месеци. Но, вие знаете најдобро за вашето дете.

– Најдобро никогаш, тоа е отров во кесичка. Но, секоја мајка најдобро си го познава детето.

Вакви одговори ќе добиете на речиси секое прашање, дури и а она прашање што често нема никаква врска ни со мајчинскиот инстинкт ни со „познавањето на детето“.

Да речеме: – Има четири месеци, може да го ставам во одалка?

– Да, јас го ставив моето од два месеца, но моето е напредно, вие знаете најдобро за вашето дете.

Јас сум мајка на две деца и признавам – не секогаш го знам најдоброто за моите деца. И не секоја мајка секогаш знае што е најдобро.

Познавам мајка што го бркаше детето со сукало, додека се одвикнуваше од пелени, секогаш кога ќе се измочкаше в гаќи. Дали и таа знае што е најдобро за нејзиното дете?

Познавам мајки што ги оставаат бебињата да плачат додека не заспијат. Дали тие знаат што е најдобро за нивните деца?

Познавам мајки што не сакаат да дојат затоа што им е важно да ја зачуваат привлечноста и убавината на своите гради. Дали овие мајки го прават најдоброто за своите деца?

Знам и мајки што им даваат телефони на бебињата додека се во количка, а некои од нив навистина веруваат дека прават добро затоа што така децата „учат“. Па, дали тие знаат што е најдобро за нивните деца?

Точно е дека секоја мајка најдобро го познава своето дете, но понекогаш мајките навистина не знаат што е најдобро. Постојат работи што не се најдобри за секое дете. Ние користиме работи што можеме свесно да ги дадеме, иако знаеме дека не се добри, но се надеваме дека ќе можеме да ја најдеме вистинската мера.

Можеби можеме да се утешиме со фактот дека со доза сарказам ќе кажеме: да, ете, му дадов на детето да игра игри цел ден, баш сум немајка. Но, не е во тоа поентата. Можете да му дадете на детето да гледа цртани цел ден. На пример, еднаш годишно. Можете да му дадете да изеде цела кесичка грицки и потоа сладолед за ручек. Но, тоа нека биде еднаш до двапати во животот.

Да се најде мера, но вистинска мера, тоа денес е уметноста на родителството. Бидејќи, мерата често не е она што мислиме дека е.

Верувам во инстинкт кога станува збор за здравјето на моето дете, кога неговото однесување ми покажува дека нешто не е во ред. Ретко која мајка греши за тоа. За повеќето работи – не знаеме најдобро. И не убедувајте се себеси и другите мајки дека не ви треба совет. Знаат нутриционистите, експертите за исхрана на децата, педијатрите, психолозите… Не двоумете се да ги прашате нив бидејќи работата на мајката не е да знае сè. Нејзината работа е да набљудува, следи, разбира, сака, да греши и да учи од тоа.

Автор: И. Стефановиќ

Извор



912

X