Семејство од Минесота потрошило недели за изградба на џиновско разнобојно игло од повеќе од 700 коцки мраз, а креацијата станала вирална. Импресивната структура била висока околу 3,5 метри, но речиси била уништена од неочекуван топлотен бран што стопил дел од структурата.
Брет Ашбах и неговата сопруга Лаура сакале максимално да ја искористат зимата со своите деца, па затоа почнале да градат игло во нивниот двор. Она што требало да биде едноставен проект, брзо прераснало во пошарена и амбициозна идеја – игло „виножито“. Децата помогнале во изборот на локацијата, спакувале снег за основата со дијаметар од 3,5 метри и учествувале во изборот и мешањето на боите за коцките.
Го изградиле за 60 часа
Ледените коцки биле направени во алуминиумски садови, во водата се додавала прехранбена боја, а на секоја коцка ѝ биле потребни еден до два дена за да се замрзне. Лаура вели дека процесот честопати бил непредвидлив, речиси како мал научен експеримент – виолетовата била најтешка бидејќи често излегувала како мат сива. Ги наредиле коцките и ги залепиле заедно со мешавина од снег и вода, слој по слој, чекајќи сè да се стегне, а најдобро време за градење било ноќе, без сончева светлина. Идеалните температури биле помеѓу -29 и -12°C, а Брет и Лаура поминале околу 60 часа на проектот.
@whatwillwethinkofnext Make memories, it’s so important to say yes! #important #getoutside #rainbowigloo #igloo_challenge #whatwillwethinkofnext #makememories #corememory #childhoodmemories ♬ original sound – 𝒶𝓂𝒶𝒾 🌀☀️
Кога иглото било завршено, внатре било високо речиси 2,1 метри, а осветлено со голема ЛЕД-светилка ноќе изгледало како витраж. Станало атракција во соседството, па на крајот ги поканиле пријателите и соседите на топло чоколадо, оган и пица – доставена директно во иглото.
Срушено од безбедносни причини
Проектот не бил без проблеми: ненадејните температури над нулата стопиле половина од структурата, принудувајќи ги да почнат одново. Подоцна, завршеното игло повторно почнало да се топи, добивајќи облик на „џиновски корнет“, па затоа решиле сами да го срушат од безбедносни причини. Брет го пробил ѕидот, а Лаура истакнала дека пукнатината изгледала урнебесно – наводно личела на континентот Африка.
Тие го објавиле видеото првенствено како спомен, но на крајот станало огромен хит, со повеќе од 22 милиони прегледи и многу позитивни реакции. Семејството вели дека можеби повторно ќе пробаат сличен проект – ако временските услови соработуваат со нив.