Игротека

Наставничка открива поразителен факт за тоа што се случува со нашите деца

Патрис Едвардс, наставничка од трето одделение, предизвика дискусија на „Тик-ток“ откако во искрено видео откри дека нејзините ученици не поседуваат основни животни вештини. Видеото, кое собра повеќе од 5,8 милиони прегледи, отвори глобална дискусија за состојбата во денешното образование и улогата на родителите.

На видеото „Што се случува со нашите деца? Ми требаат одговори!“, Едвардс ги набројува вештините што некогаш биле вообичаени, а денес претставуваат проблем за нејзините осумгодишни и деветгодишни ученици. На прво место е читањето аналоген часовник бидејќи децата, како што вели, се потпираат исклучиво на наставниците да им кажат колку е часот.

Потоа го споменува краснописот – вештина што постепено исчезнува.

– Што се случи со краснописот? Денес тоа изгледа како изгубена уметност. Повеќе не се изучува во училиштата. Мора да го вратиме – споделува Патрис.

Листата продолжува со уште поголеми проблеми: децата не ги паметат телефонските броеви на своите родители, не ја знаат сопствената адреса, па дури ни во кој стан или на која улица живеат. Наставничката е разочарана и од фактот дека не знаат да бројат пари.

Меѓу другите „изгубени вештини“ ги наведува врзувањето врвки на обувките, помнењето на целосните имиња на родителите, па дури и годината на сопственото раѓање. Исто така, истакнува дека учениците не знаат да користат речник, туку за сè се потпираат на паметните телефони.

Апел на наставничката: „Да се вратиме на основата“

На крајот од видеото, Едвардс им се обраќа директно на родителите нагласувајќи дека проблемот лежи во недостигот на основни знаења со кои децата доаѓаат на час.

– И конечно, но не помалку важно, како да следат повеќекратни упатства. Воопшто не слушаат и тоа е проблем. Мора да се вратиме на основите. Дали можете да им помогнете на овие деца? Тие доаѓаат на настава без основни знаења и тоа е проблем. Ние ќе си го направиме нашиот дел како наставници, но ни треба мала дополнителна помош дома. Ве молам. Да им овозможиме успех на нашите деца – вели таа.

Проблемот е во технологијата и падот на вниманието, велат експертите

Загриженоста на оваа наставничка не е изолиран случај. Експертите за образование предупредуваат дека овие проблеми се симптом на пошироки општествени промени. Зголемената употреба на технологија директно се поврзува со падот на концентрацијата.

Според едно канадско истражување, просечниот распон на внимание се намалил од 12 на само 8 секунди. Децата што растат со постојани промени, нестабилни рутини и голема зависност од технологија имаат помалку можности да ги вежбаат основните вештини пред да влезат во образовниот систем.

Извор

Поврзани написи

To top