Родителите сè повеќе се ангажираат да ги активираат децата околу домашните обврски, но има и такви што сметаат дека тоа е родителска работа и дека цел живот ќе се занимаваат со задолженијата во домот. Искуствата во секој дом се различни, а и начинот на ангажирање на децата. Анкетиравме родители за тоа колку им помагаат децата во домот и како реагираат кога од нив ќе се побара помош. Ова се нивните одговори:

– Јас имам две девојчиња. Поголемата има 14 години и таа навистина ми помага, но само кога ќе ѝ кажам. Малата не толку бидејќи секогаш помалите користат ситуација, а и не сакам многу да ги заморувам. Важно е да се фати некој ред и да стекнат навика, инаку големата често знае да стопли јадење за сестра си, а и таа ми ја чува дома малата, т.е. дома сами се чуваат.

Марина

– Нема зошто дете да помага по дома. Сега е дете, цел живот ќе работи.

Игор

– Моето има три години, помага, односно се плетка кога чистам со правосмукалка, кога пружам алишта, кога диплам. Сака да помага, интересно му е, само мало е за тоа да го наречам обврска, ама па така постепено стекнува навики. Инаку, ако сака да оди да спие, првин ги раскрева играчките, сè додека не ги собере нема спиење.

Елена

„Ана има седум години. Си ја знае обврската наутро, станува и мести кревет, пижамите ги дипли и ги става во шкаф. Потоа си ги мие лицето и забите и доаѓа да правиме заедно овошна „бомба“. Децата од мали ги учам на ред и култура.

Јасмина

– Кога ручаме, ќерка ми ја мести масата и помага при раскревање. Нејзина задача е да ги реди чевлите во ходник. Заедно местиме кревет, ама тешко ни оди со собирањето играчки. Тоа не сака да го прави сама, мора со мене или со сопругата. Инаку, има 4 години и 7 месеци.

Мартин

– Самоиницијативно, Петар (12 години) сам ја поставува масата, собира по јадењето, често знае да направи салата за ручек, знае терасите да ги измете, пружа алишта, ги дипли, фрла ѓубре без проблем, садови си мие. Во заедничко работење по дома помага, исклучок е бришење прашина и чистење со правосмукалка (поради астма).

Ана

– На тригодишна возраст брише нешто ако му капне, се облекува, соблекува, ги става во корпа нечистите алишта, фрла ѓубре. Планирам да му создадам сега навика да ја носи чинијата во кујна и да ги реди чиниите во машината за садови. Папучите и патиките си ги става едни до други.

Ангела

– Ништо не помагаат, мои се, ама навистина се ужас. Еве сега сме на одмор, се убивам од работа, никој ништо да помогне, уште бараат сè од мене: „Каде ми се ѓакичките за капење, што да облечам“. А големи се, дури срамота е да кажам.

Маја

– Дарија има две години и седум месеци. Брише ако истури нешто, фрла отпадоци во ѓубре, самостојно оди во тоалет, собира играчки, секако дека треба да ѝ се свика за да ги собере играчките, ама барем го прави тоа. Се мавта кога пружам алишта, ми ги подава и демек заедно ги редиме, јас чистам и за неа задолжително крпа треба да се обезбеди за бришење, многу е мала за други обврски.

Силвија

– Искрено, многу чистат со правосмукалка, бришат прашина, собираат садови, простираат алишта, собираат суви алишта, собираат играчки. Сè што правиме ние прават и тие, само не им давам хемикалии, не чистат тоалет, нормално. Не готват, големата може да направи по еден сендвич за двете. Алиштата ги диплат, креветите ги местат, си ја средуваат собата. Кај тетка им и палачинки прават со неа.

Тина

– Девојчето ни е 9 години и многу помага, а момчето (4 години) не можеш никако да го натераш. Се обидуваме сите, ко султанче се однесува. Знае сам да си земе вода, ама дава наредби. Не сака да собере нешто ни ако му падне.

Маријан

– Малото растура, големиот собира и се жали. Ама кога чистам, сите сакаат крпче и да чистат, иако повеќе ми замачкуваат отколку што бришат. И собираат играчки.

Елена

– Жена ми како да не сака децата да помагаат зашто, како што вели, само повеќе растурале. Јас ги терам да се создаваат навики од мали. И кога се со мене помагаат, а со неа не. Кога сме сите заедно – на кој како ќе му текне.

Драган

– Не можам да се пожалам од децата. Имаат осум и четири години. Не делам обврски на машко/женско, кога се средува собата, заедно си ја средуваат. Малата секогаш користи ситуација дека е мала и не може сама да си го мести креветот, па бато секогаш ѝ помага. Помагаат во поставување на масата, си раскреваат, помагаат во одржување на домот (демек бришат прашина, а всушност повеќе замачкуваат, ама навиката е битна). Не секогаш ова го прават со ќеф, ама наоѓам начин да го направат тоа, особено за играчките. Ако е доцна, заедно ги собираме, си помагаме. Алишта не расфрлаат по соба, си местат на столче/плакар или носат за перење ако им кажам. Често баткото знае да фрли и ѓубре. Малата помага во пружање алишта и сама ги реди понекогаш.

Цеце

Мајка сум на единаесетгодишен син и осумгодишна ќерка. Речиси сите домашни обврски ги завршуваат на мое инсистирање. Знаат сè да прават. Свесни се за домот и одговорностите, ама самоиницијативно некако тешко им оди. Во последно време почнавме со бизнис, бараат да заработат пари, па сами се нудат нешто што не сум побарала да го сработат за да заработат. Градиме претприемачки дух.

Јасмина

ДА ГИ НАУЧИМЕ ДЕЦАТА ДЕКА СЕ ВАЖНИ И КОРИСНИ

Психологот Билјана Ивановска вели дека речиси во секое семејство се води борба околу извршувањето на основните домашни задачи од децата, кои најчесто прво се согласуваат, а потоа бараат одредена награда за успешно завршена задача. Во спротивно следува казнување. Прашање е дали и кој период од детството е најпогоден за да развијат одговорност?

– Што треба да знаат родителите? Никогаш не е прерано или предоцна. Треба да ги научиме децата да знаат дека се важни, корисни и дека можат да придонесат за своето семејство – вели Ивановска.

Според неа, точно е определено на секоја возраст што треба да се умее. Така, дете на возраст од 2-3 години треба да ги собира играчките и да ги враќа на место, да го собере она што му паднало во текот на јадењето, да помогне купените намирници да се наместат во ниските полици, да ги сложи чорапчињата и крпите, како и да избере гардероба и самостојно да се облече (како знаат и умеат).

Четиригодишните деца треба да ја постават масата за ручек, да знаат да состават список за пазарење, редовно да го хранат домашното милениче, сами да си намачкаат путер на леб. Петгодишните, пак, треба да знаат сами да си направат сендвич, а потоа сè да вратат на свое место, сами да си турат сок или вода, да го наместат креветот, да се јават на телефон и сами да го свртат саканиот број, како и сами да го изнесат ѓубрето.

Според Ивановска, најважно од сè е родителите да почнат да одржуваат семејни состаноци еднаш неделно.

– На нив ќе можете да одредите кој што може да сработи и што можете да очекувате. На овој начин ќе им помогнете на децата да развијат вештини, а и да се чувствуваат корисно и одговорно. Ако сметате дека нешто од горенаведеното е премногу за вашите деца, немојте утре да викате дека сте слуги и дека никој не ве слуша – вели Ивановска.



912

X