Обожавам деца и секогаш уживам во нивната наивност, искреност и ведрина. Но, секое дете има некоја карактеристика или извик по кој е препознатливо, па така се родија „јееј“ и кикотењето на Биби. Секое снимање е вистинско уживање кога актерот пред себе ги има илустрациите на Тхе Мичо, текстот на Билјана Црвенковска и инструкциите од Гоце Цветановски
Да не постоеше Биби, најверојатно ќе ја создадевме според неа. Актерката Слаѓана Вујошевиќ ја оживува сезнајката Биби на нејзиниот јутјуб-канал Биби/Bibi. Тимот на Факултети.мк и Деца.мк ја „пронајде“ многу лесно. Иако повеќе од 70 актерки се пријавија за оваа улога, таа беше меѓу фаворитите уште на прво слушање.
Вујошевиќ е дипломирана актерка на Факултетот за драмски уметности од Скопје во 2011 година, во класата на професорите Владо Цветановски и Мими Таневска-Србиновска. Периодов ги привршува докторските студии на Истанбулскиот универзитет. Одлично го зборува турскиот јазик, има играно во две турски серии, а од дете е во актерските води како член на Детското драмско студио при МТВ.
За себе вели дека од мала била палавка слична на Биби. Пред камери застанала во 1999 година во серијата „Умни глави“. Глумела во филмот „Скопјанката Мајка Тереза“. Играла во неколку театарски претстави на професионални сцени. Играше и во филмот „Како да ме нема“ на Хуанита Вилсон.
Во Турција играла во повеќе театри, како и во две претстави на Турскиот театар од Скопје – „Војникот Фалбаџија“ и „Сон на летната ноќ“, од каде што за улогата на Хелена ја освои наградата за најдобра млада актерка на фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп.
Слаѓана ја толкуваше главната женска улога во спотот за песната „Cone of Shame“ на култниот американски бенд „Faith no more“ (2016) во режија на Гоце Цветановски. Спотот доби одлична критика во списанието „Ролинг стоун“ и беше објавен на повеќе музички портали во повеќе од 40 земји. Од 2017 година е дел од актерската екипа на „Над земјата под облаците“ во Ентропи Сане, која гостуваше и на Млад отворен театар.
Вујошевиќ предава актерска игра и сценски движења во теaтарските академии Санебаз и Ролсане во Истанбул.
Што беше клучно да се одлучите да станете дел од светот на Биби?
– За кастингот за ликот на Биби дознав од режисерот Гоце Цветановски, со кого веќе имавме реализирано неколку соработки. Ми испрати текст, краток опис за ликот и неколку илустрации, преку кои морам да признам дека Биби ме освои. Ми се чини дека одамна се немав забавувано толку како додека го читав текстот на Биби. Биби е срцка! Таа не носи розово, туку жолто фустанче. Не игра со барбики, туку ужива да го победува другарот Боби во фудбал, а и тренира карате. Од самиот почеток сфатив дека Биби ќе ги крши стереотипите за тоа како треба да изгледаат и да се однесуваат девојчињата. Тоа беше главната причина што прифатив преку позајмувањето на гласот да ја оживеам Биби.
Веројатно никогаш не е едноставно за актер да објасни како создал одреден лик. Како ја создадовте Биби и дали Ве навраќа на Вашето детство?
– Целиот процес на изработка на ликот на Биби е ново искуство за мене. Пред сѐ, јас ја снимам аудиоверзијата на ликот, по која подоцна се изработува визуелната динамика. Оттука, мојата одговорност како актер е голема. Преку гласот треба да ја доловам целата енергија и душата на Биби. Сепак, јас имам 30 години, а позајмувам глас на шестгодишно девојче и за почеток трансформацијата на гласот ми беше голем предизвик. Често гледав анимирани филмови со детски ликови, а потоа ги прегледував и видеата од процесот на работа за да видам како децата актери ги креираат анимираните ликови. Обожавам деца и секогаш уживам во нивната наивност, искреност и ведрина. Но, секое дете има некоја карактеристика или извик по кој е препознатливо, па така се родија „јееј“ и кикотењето на Биби. Секое снимање е вистинско уживање, кога актерот пред себе ги има илустрациите на Тхе Мичо, текстот на Билјана Црвенковска и инструкциите од Гоце Цветановски.
Вашата моќ за трансформација на гласот и лесното влегување од улога во улога се реткост. Дали можеби проверувате како реагираат децата на улогите?
– Анимацијата, за разлика од театарот, од актерот бара целата креација да ја реализира исклучиво преку гласот. Во првите две сказни, покрај гласот на Биби, требаше да ги креирам и гласовите на ловецот, волкот, џиновите, вештерката, па дури и лажливото огледало. Тоа беше навистина тешко, ама и многу забавно. Гоце Цветановски одлично ме насочува и некогаш вади гласови од мене за кои не сум ни знаела дека постојат. Многу често им се јавувам на најмалите членови од мојата фамилија и им зборувам како Биби и вистинско уживање е кога ќе ги слушнам дека веруваат дека тоа е Биби, а не нивната Џаџе.
Децата ја обожаваат Биби. Кои се најубавите реакции што стигнале до Вас?
– Откако излезе првата епизода „Азбуката на Биби“, ми пристигнаа безброј фотографии од дечиња како маѓепсано ја гледаат Биби на телевизорите, таблетите и телефоните. А веќе по првата сказна „Биби и животните“ ми пристигнаа видеа во кои го кажуваат текстот на Биби напамет. Подоцна сликовницата на Биби стана дел од речиси секој дом на моите пријатели и роднини. Безбројни се позитивните критики за овој проект, особено бидејќи е прв проект од ваков тип, благодарение на Факултети.мк и Деца.мк. Се разбира дека има и критики и забелешки кои ги прифаќам како можност за подобрување.
Завршивте актерска игра на ФДУ во Скопје, продолживте во Турција. Како Ви се случи љубовта со турскиот јазик?
– На почетокот на турски јазик знаев да кажам само: здраво – merhaba, добра ноќ – İyi Geceler и еден, два, три – bir, iki, Üç, кои ги научив од мојот дедо, кој беше Tурчин. По дипломирањето во класата на проф. Владо Цветановски и доц. Мими Таневска, посакав да го надградам своето образование во Истанбул, градот кој беше прогласен за светски град на културата. За таа цел го изучував турскиот јазик во Турскиот културен центар „Јунус Емре“ во Скопје и добив стипендија за постдипломски студии на Државниот конзерваториум при Истанбулскиот универзитет. Магистрирав во 2015 година со темата „Актерска игра на друг јазик“ и повторно добив стипендија за докторски студии на отсек радио, ТВ и кино при Истанбулскиот универзитет.
Во меѓувреме, реализирав неколку улоги на турски јазик во Истанбул и во Турскиот театар во Скопје, а во моментов ја пишувам мојата докторска теза „Филмскиот актер во дигиталната епоха“, повторно на турски јазик. Накратко, љубовта кон овој јазик е голема.
Сте глумеле и во турска серија (или повеќе). Кажете ни за тоа искуство? Се работи ли професионално?
– Турската филмска и телевизиска индустрија стои рамо до рамо со холивудската. Голема професионалност и квалитет се одликите на речиси секој проект. Имав чест да играм со познати турски актери и актерки во мини-серијата „Големото прогонство од Кавкасија“ во режија на Мехмет Ада Озтекин. Оваа серија беше прогласена од IMDb за една од 15. светски мини-серии со највисок рејтинг.
Во серијата „Горка љубов“, за која сценариото го напиша нашата сценаристка и драмска писателка Сема Али, ја играв улогата на Вера и ми беше навистина интересно да се гледам и на телевизија кај нас, нахсинхронизирана од друга актерка.
Кога би можеле да изберете, би сакале ли да бидете дете како Биби?
– Ако ги прашате моите родители и оние што ме познаваат, ми се чини дека ќе ви кажат дека бев дете слично како Биби. Покрај тоа што бев љубопитна, бев и многу палава, па можеби на таа возраст би сакала Биби да ми беше другарка, да ме научеше да бидам малку повнимателна. Ги гледам децата дека се поистоветуваат со Биби, па кој не би сакал да биде како Биби?
912