За децата на претшколска возраст можеме да искористиме и игра ресторан и детето да биде главниот келнер, а децата можат и да учествуваат во подготвувањето на храната
Мерките за заштита од коронавирусот се олабавени, па децата сега имаат поголема можност да си играат надвор и да не се постојано дома. Но и покрај тоа, тие уште не одат во градинка или училиште, разделени се од другарчињата, роднините и најголем дел од времето го минуваат со родителите. Многу од децата промените во секојдневието сакаат да ги компензираат со јадење слатки, кои, доколку се во прекумерни количества, не се здрави. Некои деца имаат и потреба да „се смират“ со благо.
Што да преземете и како да им помогнете на децата, а и себеси, советуваат нутриционист и психолог.
Во овој период на изолација, според Цветанка Петрова, инженер-технолог и нутриционист, кога активностите на децата се ограничени, се случува да имаат поголема потреба и повеќе да бараат нешто слатко.
Цветанка Петрова, инженер-технолог и нутриционист
– За да избегнеме и поголемо внесување шеќери, многу е важно вие, родителите, да сте секогаш „на низок старт“, спремни да понудите некоја здрава замена. Препорачувам да се јаде свежо овошје, кое може да биде и во облик на интересно сервирана овошна салата или смути. Исто така, добра замена е и сувото овошје, кое може да го прелиете со темна чоколада. Домашен милкшејк со банана, млеко и лешници е исто така една здрава, слатка ужина – вели Петрова.
Таа советува здравиот десерт да се подготвува заедно со децата.
– Заедно со вашите деца можете да направите бомбици од суво овошје и јаткасти плодови, овошен колач од овесни снегулки, чоколадна овесна каша… На здравите и интересни рецепти им нема крај, а голем дел од намирниците веќе ги имате во вашата кујна. Употребете ја вашата креативност и вклучете ги вредните рачиња на вашите деца! – додава Петрова.
И Христина Стефановска, психолог и соработник на Деца.мк, советува децата да бидат вклучени во правење некој здрав домашен десерт.
– Може да ставаат, мешаат, сипуваат намирници. Додека ги ставате намирниците, зборувајте за нив и нивните придобивки. Кога десертот ќе биде готов, поттикнете ги тие да го сервираат за секој член од семејството и да објаснат што сè е ставено внатре. Пред да пробаат сите, на детето му се вели: Ајде сега главниот готвач да проба и да го изеде својот дел, а ние, дегустаторите, откако ќе пробаме, ќе даваме оцена од 1 до 5 – предлага психологот.
Христина Стефановска, психолог
Таа советува и да се тргнат благите производи на место што не е достапно и видливо за деца. Кога бараат десерт, понудете им неколку здрави благи работи велејќи им: „Имаме банана, овесна каша, чоколадирана брусница, одбери што сакаш“.
– Начинот на хранење и составот на храната треба да ги регулираме преку поставени правила во домот, на пример, дека десерт се јаде по ручек и остануваме доследни на правилото. Објаснуваме зошто е така. За децата на претшколска возраст можеме да искористиме игра ресторан и детето да биде главниот келнер, ќе ја носи храната со редослед предјадење, ручек, десерт. И најважно, родителите да бидат посакуван и позитивен модел. Преку сопствениот начин на исхрана ги учиме и децата како да се хранат, што би значело – доколку често купувате и јадете пред нив шеќери, истото ќе го бараат и тие – додава Стефановска.
912