Децата почнуваат да ја развиваат својата фантазија веднаш штом ќе станат свесни за светот околу нив. Како што детето расте и се развива, границата помеѓу фантазијата и реалноста станува појасна и детето самостојно одлучува дали и кога ќе ја премине. Фантазијата го поттикнува развојот на интелигенцијата и способноста за справување во различни ситуации. Таа претставува терапевтска катарза на насобрана емоционална содржина во психичкиот живот на детето. Децата што имаат богата фантазија, помалку се склони кон кавги и конфликти и воопшто поинтересно го поминуваат своето време. Фантазијата поттикнува подобра концентрација. Фантазирањето е многу сликовито и со тоа е соодветно за развивање на детскиот речник. Раната способност за фантазирање може да предизвика креативност која трае целиот живот.
Еве пример од вежба „Замислено патување“ со која ќе ја поттикнете. Му велите на детето:
Замисли си дека додека патуваш во непознат правец, поминуваш низ еден тунел. Што гледаш, а што слушаш во тунелот? Забележи дали среќаваш некого додека одиш низ тунелот. Кого го гледаш? Излегуваш од тунелот и продолжуваш понатаму. На крајот од патувањето стасуваш во непозната земја. Разгледај наоколу. Како таа изгледа? Како изгледаат улиците? Каква боја се дрвјата? Сега нацртај или напиши или раскажи го сето она што го доживеа додека го правеше твоето замислено патување.

Ваквите вежби можете да ги насловите и како „Патување во земјата на џиновите“, „Патување во земјата на птиците“ итн.
Фантазијата е клучна алатка во еволуцијата на човечката мисла и развој.
Автор: м-р Христина Стефановска, психолог и автор на литература за деца