Целта на оваа вежба е намалување на анксиозноста, формирање чувство на сигурност, развивање на имагинацијата и креативноста, помагање на детето да ги изрази своите стравови и да пронајде внатрешни ресурси. Вежбата ја користиме во психотерапевтски цели во работа со деца.
1. Материјали што се потребни: лист хартија (по можност голем А3-формат), дрвени боици, фломастери или бои.
2. Го поканувате детето да замисли голем, убав чадор што може да го заштити.
3. На врвот од листот се црта голем отворен чадор.
4. Под чадорот детето се црта себеси (или симбол од себе) – на безбеден, удобен начин и удобно место.
5. На надворешната страна од чадорот детето црта нешто што му предизвикува страв, вознемиреност, возбуда (на пример, дожд, темни облаци, чудовишта, вресоци, проблеми итн.).
6. Дискусија:
Што се крие под чадорот?
Како се чувствуваш додека си таму?
Што останува надвор и подалеку од тебе?
Што помага да се чувствуваш заштитено?
7. Доколку сакате, можете да додадете други елементи, нацртајте шеми, бои или симболи на чадорот што даваат сила, мир и радост.
Оваа вежба му помага на детето да се одвои од вознемирувачките стимули преку слика. Како резултат на тоа, се јавува симболично чувство на контрола: „Јас имам заштита“. Се воспоставува рамнотежата помеѓу опасноста и ресурсот. Уметничката терапија е еден од најбезбедните и најнежни методи во мојата работа со деца.
Автор: м-р Христина Стефановска