Воспитување

Вестибуларни активности за деца

Сензорните рецептори во внатрешното уво му даваат на детето информација за движење, вибрација и гравитација. Кога детето ја движи главата, вестибуларните рецептори примаат дополнителни стимулации кои на телото му даваат потребни сензорни информации. Различни движења даваат различни вестибуларни стимулации, а сите се важни за нормално функционирање на вестибуларниот систем. Кога сѐ добро функционира, вестибуларниот систем е главен организатор на сензорните информации. Децата со сензорни тешкотии имаат слаби врски меѓу вестибуларниот систем и другите сетила. Интегрирањето на вестибуларниот систем со другите сетила е важно од аспект на:

– како да одржи рамнотежа од делот на ориентација на главата и телото,

– стабилизација на видно поле со фиксирање на очите додека главата и вратот се движат,

– влијание на мускулен тонус и држење на телото,

– регулирање на нивото на будност и внимание

Кај децата со лошо функционирање на вестибуларниот систем забележано е:

– гравитациска несигурност (детето емотивно реагира на движењата),

– нетолеранција на движења (некои деца чувствуваат непријатност од брзо движење),

– деца со висок праг на сензорна стимулација, постојано бараат дополнителна стимулација.

Активности за вестибуларен систем

Терапевтот или родителот треба да ги спроведе овие активности со трпение и полека низ процес на игра, со големо внимание на неговиот израз на лицето. Тоа е начин со кој детето станува свесно за своето тело. Активностите кои се применуваат може да се изведат дома, во парк, на игралиште. Дете кое е вестибуларно преосетливо избегнува лулашки, тобоган, трамбулина, но целта е да го заинтересираме. Исто така, корисни се и пилатес-топките.

Скокањето на трамбулина придонесува за ритам и регулирање на вестибуларниот систем. Додека се изведува активноста, мора да сме до детето. Но доколку не сака, не е добро да го присилуваме, туку треба да се пронајде начин (скокање на играчки, рецитирање песна, броење до 10 и назад).

Возење велосипед, користење гумени топки за стоење, вртење хулахоп.

Автор: Теодора Томовска-Ристовска спец. едукатор и рехабилитатор, гешталт-психотерапевт во едукација

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top