Немате претстава колку е голема возбудата, но и одговорноста и среќата да се работи на многу популарна детска ТВ-серија, вели актерката Весна Петрушевска за новиот предизвик да работи со децата-актери во римејкот на „Дајте музика“. Филип, Наташа, Кики, Саша, Тео се главните јунаци кои ја плетат приказната за новата „Дајте музика“.
– Оваа детска серија во своето време беше една шарена сликовница за нашите деца. Оваа генерација на „Дајте музика“ има поголема одговорност затоа што станува збор за друго време и друг ментален склоп на децата – вели Петрушевска.
Серијата веќе на големо се снима во Скопје. Околу главните ликови има 30-ина деца кои се на сет секојдневно, и тоа најголемиот дел од актерската школа на Весна, за што признава дека е „особено горда и среќна“.
Ја замоливме да ни објасни малку за тоа што ќе биде различно од оригиналната серија со која генерации деца растеа во 90-тите години.
– Станува збор за сосема нови ликови кои се создадени во сценаријата на Цаци Паковска. Некако приказната излезе сосема фамилијарна, оти јас сум со години врзана со Лазе Паковски во разни проекти. Затоа, овој проект за мене има исклучително емотивна нишка – признава актерката.
Засега се планира да се снимаат 30 епизоди, но актерката од Македонскиот народен театар се надева дека ќе се снимаат уште 30.
– Оваа генерација мали глумци ќе бидат вистинските херои на нашите деца. Талентирани, умни, воспитани и слушаат добра музика. Задолжително е читањето книги, секако! – категорична е Весна.
Колку се важни детските серии за развојот на децата се наметна како прашање.
– Најзначајниот дел по ова прашање е сегментот на идентификација. Преспавме 27 години без значајна детска серија. Со години зборував колку е важно да имаме детски серии. Но, во ниту еден момент не се откажав од работата со деца. Кога Лазе Паковски ми се јави во март да ми ја раскаже идејата, не можев да поверувам колкава радост ќе ми предизвика. Ете, многумина што растевме со „Дајте музика“ се стопивме од идејата. Веќе сме на средина од снимањето, а мене уште сега ќе ми недостигаат страста и посветеноста на целиот тим. МРТВ го прави вистинскиот чекор – вели Петрушевска.
МРТВ е главен продуцент, а копродуцент е „Рифенштал“. Автори на серијалот се Лазар и Цаци Паковска. Нови детски песни ќе бидат вклучени од наши автори, а ќе се појават и познати пејачи и групи.
Фото: Жарко Чулиќ
912