Читањето е јазична вештина клучна за идниот успех на ученикот во и надвор од училницата. Таа претставува комплексна активност која во себе ги вклучува перцепцијата и мислењето како два меѓусебно поврзани процеси. Перципирајќи, ученикот го препознава зборот, ги забележува симболите, ја бара смислата на пишаните знаци.
За да научи да чита, потребно е ученикот да го научи системот на пишани симболи – букви кои се користат за да го претстави говорот. Истражувањата покажале дека постои тесна врска меѓу говорниот речник – препознавањето на голем број зборови и јазичните вештини на детето. Способноста да се препознаат поединечните гласови во зборот е вештина која е тесно поврзана со јазичните вештини на детето во периодот на подготовка за читање.
Последните статистики и резултати од испитувањата на ТИМС, ПИРЛС, и ПИСА покажуваат дека учениците во нашата држава имаат сѐ послаб успех во читање. Читањето не само што претставува клучна вештина во животот, туку е и неопходно за совладување на другите училишни предмети. Добриот читач се разликува по тоа што може брзо да ги декодира зборовите или да користи нова вештина кога ќе му откаже постојната.
Постојат две најзначајни вештини во процесот на читање:
- Препознавање зборови
Тоа би значело дека ученикот се подготвува и усвојува сѐ поголем фонд на зборови и постојано ја проширува листата со зборови која со вежбање лесно ја декодира. Колку е поголема листата со зборови, толку поретко ученикот ќе застанува за буква по буква да провери за кој збор се работи. Во креирањето на таквата листа со зборови најнапред треба да се започне со зборови составени од три, четири букви и постепено истиот фонд слоговно да се зголемува, потоа важно е да се тренира читањето на високофреквентни зборови кои најчесто се употребуваат во училишните текстови. Во таа насока користењето и тренирањето на контекст, особено сликовен контекст за зборот и компарирање со текстуалниот контекст на зборот е многу ефективно.
- Разбирање на значењето на прочитаниот текст
Овде треба да се започне со разбирање на збор, потоа разбирање на реченица, параграф и најпосле разбирање на текстот во целина. Постојат различни видови разбирање на прочитаното како: буквално разбирање, толкувачко, критичко, креативно.
Разбирањето може да се утврди и провери и со тоа што ќе побараме од детето да го нацрта тоа што го прочитало, да даде наслов на целиот текст или поднаслови на поединечни делови, да избере неколку од понудени наслови и слично. Читањето со разбирање го развива квалитетот на мисловниот тек и ја јакне когницијата на детето.
912