Учителките и децата заедно саделе цвеќиња и дрвца, а притоа учеле и за овој процес и за значењето и негувањето на природата

Со многу игра и работа низ забава, децата, вработените и родителите заеднички ја одбележале Детската недела во седумте објекти на скопската градинка „8 Март“ во Општина Кисела Вода. Организирале претстави и модна ревија, а дел од нив направиле и акција за разубавување и уредување на дворовите. Од отпад направиле креативни играчки и украси, на кои им се радуваат децата, а и учат како се создадени.

Учителките и децата заедно саделе цвеќиња и дрвца, а притоа учеле и за овој процес и за значењето и негувањето на природата.
– Со гордост можам да истакнам дека одбележувањето на Детската недела се реализира преку цела низа различни активности: посета на Зоолошката градина, куклени претстави, театарски претстави, модна ревија од рециклиран материјал, спортски натпревари и други активности по избор на воспитниот тим од објектот, а со целосна вклученост на родителите, што е и една од нашите цели. Неделата ја завршивме со активност што ние ја поттикнавме, но главни организатори и реализатори беа родителите со нивните дечиња и вработените од објектот „Пржино“. Тие несебично се вложија со донирање и работни активности за разубавување на дворот и уредија прекрасно рекреативно катче кое децата би го користеле за реализирање на редовните активности и за престој во попладневните часови – вели м-р Павлинка Топузоска, директорка на градинката.

Креациите за модната ревија од рециклирачки материјали се од најлон, салфетки, картон и капачиња. Ги работеле вработените заедно со децата, а помогнале и родителите од објектите „Пеперутка 1“ и „Пеперутка 2“.
– Децата не само што изгледаа волшебно, туку и научија како може да рециклираат и реупотребуваат материјали, а учевме и како да се заштити планетата Земја – вели воспитувачката Васка Кузмановска.

Весел двор направиле вработените, децата и родителите во објектот „Пржино“.
– Среќа е да се биде активен учесник на убави вредности, во креативно будење и разубавување на дворот на нашата градинка. Оваа заедничка активност на реупотреба на материјали во корисни дела од вредните родители и нашите деца е вреден подарок и за мене како воспитувач во тимот на оваа градинка. Учиме да ја сакаме природата и да се сакаме меѓу себе – вели воспитувачката Сузана Колевска.

– Во нашата градинка се обрнува големо внимание на развојот на емпатијата кај децата, како и на учењето на човековите вредности. Мислам дека сето тоа имаше големо влијание врз успешноста на акциите – вели негувателката Гордана Ѓорѓиевска.

Фото: Градинка „8 Март“



912

X