Воспитување

„Верувам во тебе“, „Способен си“… – реченици со кои ќе ја поттикнете самодовербата кај детето

Со здрава самодоверба, вашето дете ќе процвета. Во ера во која градинката е новото прво одделение, децата се насочени кон развивање образовни вештини од рана возраст. Сепак, сите интелектуални вештини во светот се со мала вредност ако не постои самодоверба за да се применат. Затоа, како родител, треба да ни биде приоритет градењето здрава самодоверба кај децата. За да го постигнеме тоа, треба да ги одбираме и зборовите со кои им се обраќаме. Ова се 25 фрази што можете да ги користите за таа цел:

1. Способен си.

Како родители, нашите зборови стануваат внатрешен јазик во умовите на нашите деца. Знаеме дека нашите деца се способни за многу работи – па така оставете вашите зборови да соодветствуваат со ова верување. Избегнувајте да кажувате реченици како: „Ќе се повредиш себеси“ или „Немој да згрешиш“. Тонот со кој се обраќаме и зборовите што ги користиме треба да зрачат со самодоверба.

2. Тоа беше храбро.

Понекогаш треба да ги кажеме работиме наглас. Тоа значи да им дадеме до знаење на децата дека сме виделе дека биле храбри. Кога го забележуваме тоа, и самите деца ќе почнат да го забележуваат.

3. Ти го можеш ова.

Знаете дека ги имаат потребните вештини и им е потребен само вашиот поттик за дополнително зголемување на самодовербата.

4. Верувам во тебе.

Како родител, треба да имате верба во способностите на вашите деца. Кога отворено комуницирате со нив и им ја покажувате вербата, тоа ќе ги инспирира да постигнуваат резултати.

5. Можеш да направиш тешки работи.

Кога околностите се тешки, пречките може да изгледаат непремостиви. Па оваа директна реченица ќе им го каже точно она што им е потребно да го слушнав – сознание дека пред нив е тешка работа и тие се способни да ја надминат.

6. Што и да се случи, те сакам.

Нашите деца треба да слушнат зборови кои изразуваат безусловна љубов. Тоа значи обезбедување сигурност за вашата љубов – без разлика на исходот.

7. Да се обидеме заедно.

Понекогаш сè што ни е потребно е рака за помош. Децата треба да знаат дека вие ќе им подадете рака кога тоа ќе им биде потребно.

8. Како се справуваш со тоа?

Поставувајте прашања. Кога гледате дека децата се соочуваат со некоја тешкотија, прашајте: „Како се справуваш со тоа?“

9. Тоа звучи одлично, раскажи ми повеќе.

Одете еден чекор понапред од забележувањето на нивниот труд – побарајте да ви елаборираат. Потоа слушајте ја гордоста во нивниот глас додека објаснуваат.

10. Како можам да помогнам?

Кога навистина ќе „заглават“, не плашете се да ја понудите вашата поддршка. Дајте им до знаење дека понудата за помош е секогаш достапна.

11. Дај го најдоброто од себе.

Никогаш не можеме да победиме во сè, или да бидеме најдобри во сè. Но, можеме да го дадеме најдоброто од себе. Да ги научиме децата на оваа лекција.

12. Знам дека е тешко, но те имам видено како го правиш тоа и порано.

Може да изгледа претешко, но дајте им на децата доказ дека биле успешни и порано. Тоа ќе влијае врз самодовербата дека можат пак да се обидат.

13. Добар си.

Не е важно кој е исходот – децата треба да знаат дека се добри токму такви какви што се.

14. Се гордеам со тебе.

Директно и со цел – оваа реченица никогаш не е премногу кажувана. Секојпат има големо значење за децата.

15. Дури и ако се фрустрираме, сè уште се сакаме.

Чувствата како фрустрација, лутина и безнадежност се човечки емоции. И покрај големите чувства, родителите треба да бидат покрај децата и да им дадат безусловна љубов.

16. Се прашувам што ќе се случеше ако…

Обидете се да предизвикате љубопитност и нов начин на размислување преку прашања за тоа кои се можностите.

17. Дали знаеш што значи упорност?

Децата сакаат да учат нови зборови. Научете ги што значи отпорност и упорност за да им помогнете да ги достигнат целите.

18. Сакаш да слушнеш една приказна?

Споделувајте приказни со вашите деца. Кажувајте им за времињата кога сте надминале пречки и сте ги оствариле целите.

19. Сакаш да се обидеш да направиш нешто лудо?

Предизвикувајте ги децата со работи кои мислат дека се невозможни за нив, па дури и ако звучат малку лудо. Можеби ќе се изненадат себеси, а и вас.

20. Понекогаш новите работи изгледаат страшно, но може да бидат возбудливи.

Малите деца сакаат да се држат до познати луѓе и средини. Но, ако искусат колку возбудливи може да бидат новите искуства, тогаш можете како родители да ја охрабрувате нивната самодоверба за да излезат од комфорната зона.

21. Знам дека даде сè од себе и горд сум што вложи труд.

Кога гледаме дека работат напорно и даваат сè од себе, можеме да го препознаеме вложениот труд. На крајот на краиштата, поентата е на животот е во самото патување, а не во дестинацијата.

22. Изгледа како да се интересираш за ова, навлези подлабоко.

Охрабрете го интересот кај децата на секоја возраст. Како резултат на тоа, тие повеќе ќе бараат нови информации и искуства.

23. Некогаш правиме грешки и така учиме.

Научете ги децата дека е човечки да се греши. Од тоа се извлекуваат вредни животни лекции.

24. Какви предизвици си наметна денес?

Започнете разговор за растење, промени и преземање ризици. Со секој предизвик и достигнување чувството на самодоверба ќе расте.

25. Повторувај по мене: Јас можам.

Позитивните реченици се моќни – може да воведат позитивен „мајндсет“. Кога ги учиме децата да користат позитивни реченици од рана возраст, таа основа кај нив само ќе се надградува како што ќе растат.

Автор: Денаје Барахона

Извор

Поврзани написи

To top