Кај мене нема „не можам, не сакам“… Со сопругот, кој ја разбира мојата професија, сме одлично усогласени, па и покрај специфичната работа, имаме среќни и задоволни деца, вели Златеска. Таа е нашата прва соговорничка во серијалот Родителство и кариера, во кој сакаме да прикажеме како се организираат во одгледувањето деца луѓето со поспецифични професии

Јас сум професионален војник. Во АРМ сум 12 години. Дисциплината и строгоста се дел од одликите на мојот професионален живот. Но дома е поинаку. Да, очекувам од децата да си ги местат креветите секое утро, но не мора баш под линија, вели низ смеа Верица Златеска, воен полицаец во баталјонот на Воената полиција.

Таа осум години е во брак со Златко, поранешен припадник на специјалната воена единица „Волци“. Нивното синче Михаил има 6,5 години, а ќерката Мартина – пет години.
– Голема предност е што сопругот ја разбира мојата работа – вели Златеска.
Има случаи кога војниците дежураат по 24 часа, или се на терен по два, три, четири, пет дена. Во вонредни услови тие се нонстоп ангажирани.

Колку ќе бидам отсутна од дома, вели таа, зависи од задачата што ја имам.
– Најдолго во континуитет сум отсуствувала две недели кога бевме на вежба во Романија.

Со Михаил и Мартина разговараме за сѐ

Професионалните војници секој ден одат на работа. Тие секое утро имаат смотра, па вежбаат најмалку два часа, по што следуваат обуки, чистење на опремата, учење… Работниот ден им поминува во војнички чизми, но тоа за нив не е проблем. Навикнати се и си ја сакаат работата, вели таа.
– Не можам да кажам дека е едноставно усогласувањето на кариерата и мајчинството, но постигнувам со добра организација и со помош и поддршка од најблиските – вели Верица.
Разговорот со децата, објаснува таа, е главен адут за да може да разберат дека мама нема да биде дома подолго време.
– Ги подготвувам со разговор. Зборуваме дека иако мама нема да биде дома, тука ќе биде тато, но и бабите, дедовците, кои секогаш помагаат. Ако имам можност додека сум отсутна, ги барам на телефон, да видам како се, да се слушнеме. Има случаи и кога не можеме често да се слушаме, но тоа е мојата работа, не може поинаку. Обврските по дома ни се заеднички со сопругот и ете, сѐ се постигнува – вели нашата соговорничка.

Децата се гордеат со мама

Се сретнавме во касарната „Илинден“, каде што сѐ беше организирано со воена прецизност.

– Децата се горди што мама е војник, воен полицаец. Јас не дозволувам многу да ме гледаат во униформа, но сепак тие знаат, разбираат што работам и веќе се доволно големи за да сфатат како изгледа мојата работа и дека можеби за викенд нема да бидам со нив во парк. Потоа, кога ќе се видиме, си ги надоместуваме гушкањата – вели Верица.
Синот, иако е поголем, е поемотивен, а ќерката е поербап.
– На врата обично се појавувам со некоја нова играчка. За Мартина овој период тоа најчесто е поврзано со ликовите од цртаниот филм „Фрозен“, а за Михаил од „Карс“ или „Нинџа желки“. За воспитувањето на децата сме добро усогласени и организирани со сопругот, имаме исти методи. Шегата настрана, нема војнички правила дома, особено не со децата, но сепак добро ни се поставени границите што и до каде може. Секако, покрај тоа да се здрави, најважно ни е да се среќни, социјализирани и да се дружат, да не се агресивни, да знаат да се снаоѓаат во различни ситуации, да бидат примерни и добри ученици – вели Златеска.

Знаев што сакам и што ме очекува

Верица објаснува дека во униформа е војник, но штом ќе ја соблече е едноставна жена, со секојдневни тековни обврски. Шминката и униформата и не одат баш заедно. Дозволено е умерено шминкање, а има и кодекс за облекување кој се почитува и кога во цивилка се стигнува на работа.

Војничката работа може да биде многу стресна, а војниците мора да се справуваат со тешки ситуации.
– Живееме во Скопје, но јас сум од Кочанско. Уште кога се пријавив за оваа работа бев сосема свесна што сакам во животот, каде одам и што ме очекува како професионален војник. Како и во секоја работа, така и во нашата има стресови и стресни ситуации, но тука клучна улога игра мојата психолошка и физичка подготвеност. Ние сме добро подготвени за ова што го работиме, а јас и по природа сум таква – храбра. Кај мене нема „не можам, не сакам“… Знаете како е кога жена нешто ќе науми – додава низ смеа Верица.

 



912

X