Поради интензивната интеракција со светот кој го опкружува, Ведран неочекувано брзо прозборе, со голем фонд на зборови за едно тригодишно дете. Движењата му се усогласени, убаво фаќа со прстињата, лесно се движи, лесно совладува препреки. Со помош на игрите надвор научи одлично да ги користи рацете и прстите. Со помош на вирчињата научи да трча и да скока…, раскажува неговата мајка Симона Арсовска
Природата е најпродуктивната игротека за децата. Слободните игри најинтензивно ги стимулираат сетилата на децата. Научно е докажано дека децата што почесто си играат на зелени површини имаат посилен имунитет. Поврзувањето со природата влијае врз нивото на среќа. Учат како се преобразуваат гасениците, како се победува стравот, како да чекорат цврсто… Чувството на задоволство кога ги гледаат цвеќињата и животните ги прави алтруисти. Децата што растат надвор се грижат за планетата, се стремат да бидат чувари на природата. Сакаат да рециклираат, да штедат вода, веруваат во еднакви можности за сите…
Ведран е едно среќно дете кое расте во природа. Има три години и е мал зелен истражувач. Расте во синергија со природата. Пријатели му се штурците и црвите и сите попатни животни. Сака да гази во езера и реки. Да гради кули од кал. Да шета по дожд. Да бара сонце во вирчињата. Најсилно го радува денот потрошен надвор…
– Тој е вистински истражувач. Секогаш бара нешто ново, нешто невидено. Секое искуство, макар било и на исто место, за него е ново. Секогаш формира нова приказна – ни сподели неговата мајка Симона Арсовска.
Шлапа во вирови, лежи на трева, оди бос, јаде од дрво
– Ведран секогаш формира нова приказна, секогаш имаме волк за барање, во секоја шума живее стара баба во куќа од чоколада, секое ќоше е ново игралиште, секој трактор е посебен, на секое животно му се посветува посебно внимание, на секој инсект му се чудиме и се прашуваме каде живее. Кога бевме на Дојранското Езеро, дозна дека пијавиците цицаат крв, на Охридското Езеро откри дека водните змии се безопасни, искуси дека пчелките се сакаат оддалеку затоа што боцкаат на рачињата, дека мравките штипат ако им се мешаш во работата, дека во земјата живеат црвчиња. Исто така, знае дека од некои растенија се пие чај. Секојдневно има смешни прашања и изјави. Лубеницата, која му е омилено овошје, ја вика нинана. Не знаеме зошто. На кучето Бен и мачката Цаци знае да им зборува и да им се обраќа како на луѓе, со наратив полн со љубов да им дава комплименти колку се мили и убави. Истото им го прави на овошките и зеленчукот и тоа е многу слатко за гледање – со љубов раскажува Симона.
Докажано е дека надвор децата побрзо се развиваат. Постојат многу фактори зошто, но една причина се должи на богатата сензорна средина која ја обезбедува. Родителите на Ведран му овозможиле максимално поврзување со природата.
– Ведран е посебно поврзан со природата. Лани заедно со татко му направи мала бавчичка и можам да кажам дека на две години знаеше веќе како се обработува земјата, како се стигнува од семе до плод, ги знаеше имињата на зеленчукот и овошјата. Никогаш не сме му забранувале да се извалка. Шлапање во вирови, лежење на земја со лицето на тревата, одење бос преку цело лето, јадење плодови директно од дрвјата, галењето и гушкањето со животните што ги имаме, сето тоа придонесе тој со голема љубов да ја доживува околината во која живее. Ние како родители го правиме истото и бескрајно уживаме во тоа. Ние секојдневно учиме од него – потенцира Симона.
Играта надвор му ја буди фантазијата
Постојано се зборува за бенефитите од играта надвор, во кал, покрај вода, меѓу зеленило, со животни. Но ретко кој расте дете во природа. На прашањето каков лек и мелем им е природата на малите и кревки суштества, Симона вели:
– Јас и сопругот, сакајќи што повеќе да им се посветиме на нашите деца, решивме дека треба да создадеме услови да работиме од дома и да бидеме колку што е можно поблизу и поприсутни во нивното растење и воспитување. Работата од дома ни го овозможи тоа. Денот го планираме во зависност од обврските што ги имаме. Гледаме секогаш да има време за работа, време за јадење, време за игра, време за одмор. Секојдневието на Ведран главно е исполнето со играње надвор. На почетокот забележавме дека кога Ведран игра дома, игра со играчка и мора некој од нас да го насочува и да си игра со него, додека кога игра надвор, не му треба никој, таму е свој, таму има план, таму знае што ќе прави следно, таму ги користи сите сетила, рацете му се полни со гранчиња и цвеќиња, нозете му се во кал до колена, а очите, очите му бликаат од восхит и возбуда.
Кога го увидовме тоа, решивме дека ова дете ќе расте надвор. Едноставно ужива во времето поминато надвор, а ние уживаме гледајќи го. Тајна состојка нема, извадете го детето надвор, оставете природата да ги преземе работите во свои раце, оставете го да се извалка и гледајте отстрана како се случува магија – со восхит зборува Симона.
Рецепт за среќно детство
Да се расте надвор, подалеку од екраните, паметните телефоните, таблетите, го иницирало претходното искуство со нејзината ќерка.
– Некаде прочитав дека треба да го научиш своето дете да не згазне на стоногалката бидејќи колку што е важно тоа за животот на стоногалката, толку е важно и за животот на детето. Растејќи со таа филозофија, таа сега е тинејџерка со развиена емпатија за светот околу себе, со голема љубов кон природата и животните, способна да се грижи за помалите и послабите. Ние, возрасните, често забораваме дека сè што правиме во животот, сме го научиле претходно од некој друг. Како што ги учиме нашите деца да јадат, да одат, да зборуваат – така треба да ги научиме да сакаат, да се радуваат, да бидат добри луѓе, да ја сакаат природата, да ги галат животните, да им се восхитуваат на инсектите, да се радуваат на малите работи и да уживаат во престојот на планетава без да ја уништуваат. Цврсто верувам дека тоа е патот по кој сите заедно среќни ќе чекориме. Мојата ќерка сега има 14 години и слободно можам да кажам дека рецептот за среќно детство се покажа успешен, па затоа го применив и кај Ведран – споделува Симона.
Ги обожава водата и калливите вирчиња
– Ведран е предвреме родено бебе од близначка бременост. За жал, неговото братче Огнен не успеа да живее повеќе од четири месеци. Предвреме родено бебе значи дека за разлика од навреме родено, кај овие бебиња мора континуирано и одблизу да се следи нивниот раст и развој. Мора многу да се работи со нив за да ги надополнат деновите што ги изгубиле надвор од утробата на мајката и да ги стигнат своите врсници во развојот. Ведран ги помина своите први 45 дена од животот затворен во мала коцка (инкубатор) во болница. Јас, седејќи без него, си ветив неколку работи. Си ветив дека тоа мало бебе од 1.300 грама мора да порасне во здраво и силно момче, никогаш повеќе да не се чувствува затворено, никогаш повеќе да не биде во коцка, никогаш повеќе во изолација. Сè што му требаше, го најдовме надвор – во природата. Спојот на Ведран со природата беше спонтан, како тоа мало детенце веќе да знаеше што му треба и каде да го најде тоа. Надвор на слобода, меѓу дрвјата, во калта, со сонцето, со животните, со пеперутките. Ако морам да издвојам, најмногу го импресионира водата. Калливи вирчиња, прскање на тревата, полевање на цвеќињата, правење торта од земја и вода. Само тој знае зошто – раскажува Симона.
Омилено место им е парк-шумата Гази Баба.
– Речиси никогаш нема метеж, а нам токму тоа ни треба. Таму пешачиме по патеките и ги разгледуваме растенијата и дрвјата, копаме со лопатки, играме топка на полјаната, се качуваме на дрвените играчки, или пак си правиме пикник – вели таа.
За нивното семејство нема зима
Неограничената игра на отворено создава сигурни, силни и способни деца, а Симона потврдува дека има безброј придобивки.
– Поради интензивната интеракција со светот кој го опкружува, Ведран неочекувано брзо прозборе, со голем фонд на зборови за едно тригодишно дете. Исто така, би ја издвоила моториката, она што најмногу загрижува кај предвреме родени, а во последно време (поради телефоните и таблетите) и кај термински родени деца. Движењата му се усогласени, убаво фаќа со прстињата, лесно се движи, лесно совладува препреки. Се фокусира на детали. Се задлабочува во игрите, има убаво развиена фантазија. Со помош на игрите надвор научи одлично да ги користи рацете и прстите. Со помош на вирчињата научи да трча и да скока. Знае да фати и да фрли топка како возрасен човек, знае одлично да ја шутира, знае да вози велосипед, да се качува на дрвја – споделува Арсовска.
За нивното семејство нема зима. Речиси секој ден се надвор во топла облека. А времето дома се минува со раскажување приказни, читање книги, игри.
– Како родители на предвреме родено дете, тврдиме дека неговата слобода да истражува и да е во близок контакт со природата и животните многу придонесе во развојот на неговата моторика. Ведран имаше крвавење во мозокот и како резултат на тоа малку послаба моторика. Почна да оди на една и пол година, почна да трча на околу 3 години. И цврсто верувам – да не беа сите тие интензивни и секојдневни физички активности, сето тоа ќе одеше многу побавно и ќе се случеше подоцна. Сега тој веќе знае да прави сè што знае да прави едно тригодишно дете. Сакаме Ведран да има детство какво што сме имале ние.
Надвор од четири ѕида, без мобилни и таблети. Сакаме да го гледа сонцето и да му се радува на животот, да ги почувствува дождот и ветрот, да игра со топка, да ја почувствува слободата додека трча и се тркала по полјаните. Кога излегува од вратата на нашиот дом, се гледа возбуда и среќа на неговото лице – Ведран оди во нова авантура! Сакаме да се промени сликата на игралиштата. Премногу згради, куќи, премалку деца надвор. Сакаме родителите да не гледаат на животните и на природата како на непријател, тие не само што го јакнат нашиот имунитет, туку се и наши пријатели и учители – додава мајка му на Ведран.
912