Воспитување

Ве преколнувам, немојте да живеете за децата!

Ве преколнувам, немојте да живеете за децата! Не само што ним не им е потребно тоа, туку и може да им наштети. Колку пропуштени судбини, скршени срца, навреди и недоразбирање! Ги гледам жените што секојдневно се откажуваат од нешто заради децата. А потоа ги гледам овие деца чии мајки се откажале од сè. Тажна е оваа глетка

Мајката сама го одгледала Вања. Таа никогаш не се омажила, сè му давала на својот син, му купила стан, му платила факултет. Тој стана прекрасен и успешен маж. Сега има 50-ина години. Никогаш не се оженил и нема деца. Цел живот се труди да ѝ се оддолжи на својата мајка затоа што таа се одрекла од сè. Не успева.

Таткото на Ксјуша работел по цели денови и ноќи за децата. Имал големи планови – особено за ќерката. Таа била најпаметна. Тој мечтаел таа да стане докторка. Ја запишал на факултет, но таа се отпишала. Сакала да го живее својот живот. На свој начин. Сакала да стане уметник. Татко ѝ се обидел да ја вразуми и пресметал сè: колку чини училиштето, секциите, приватните часови, облеката, храната… и барал да му се врати долгот. За жал, таа го нема видено својот татко повеќе од 30 години.

Мајката на Ира се откажала од личниот живот заради неа. По разводот не се гледала со никој, се плашела да не ја истрауматизира ќерката. Ќерката пораснала и не можела да ја остави мајката. Не можела да се гледа со никој. Не можела ни да помисли да ја остави мајката и да се занимава со својот личен живот. Ира денес има 40 години, не е мажена и нема деца.

Фото: pixabay.com

Родителите на Игор и Жења биле најпрекрасните на светот. Сè направиле за децата, сè што било возможно и невозможно. Семејството отсекогаш било сложно, заедно за семејни празници, одмори… Само што во родителството се изгубил односот маж-жена. Повеќе ништо не ги врзувало. Проживеале заедно 30 години како тато и мама. А потоа, кога децата си отишле по својот пат, тие се разделиле. Жења ден-денес не може да прости за таквата измама. Има 37 години и сè уште не планира да стапи во брак. Се плаши да не ѝ се повтори тажната приказна. По разводот нејзината мајка за брзо време опаднала.

Гоша – долго очекувано дете. Сите постојано трепереле над него, се грижеле, го чувале, дури и премногу. Мајката на Гоша на секој начин се обидувала од него да направи чудо. Тој научил неколку јазици, свирел на харфа. Мајката постојано го фалела својот син и го молела да им отсвири нешто на гостите. Харфата е толку егзотична. Гоша денес е во петтата деценија од животот. Се разведува. Неговите деца ги воспитува друг маж. На Гоша не му пречи. До ден-денес не знае што сака од животот. Чудо од дете не стана. Не издржа и се скрши. Сега пие. Пред работа, на работа и после работа. Мајката не го гледа тоа.

Малку ли се вакви приказни и дали постои утеха и радост во нив? Кога детето ќе стане смислата на животот, тоа за него е претежок товар. Тоа е како да е заклучено во соба во која порано или подоцна ќе го снема воздухот. На почетокот може да се живее, но постепено почнува тешко да дише. Дишењето му е отежнато од љубов и грижа.

И не е доволно што 20 години живееш во загушлива животна пустина, туку и стануваш должен. Ти со задоволство им помагаш на домашните – сам и на сопствена иницијатива. Но, сега на послужавник ти се дадени цели 20 години.

Детето оваа сметка може да ја плаќа вечно. Како Ира и Вања од почетокот на приказната. Или да протестира – да започне да пие, да ги прекине сите врски – како Гоша и Ксјуша… Ретко кој може да го сфати и прифати овој однос со родителите. Да сфати и да прифати и притоа да не го жртвува својот живот и своите интереси.

Затоа, ве проколнувам, немојте да живеете за децата. Пронајдете друга смисла за вашиот живот, пронајдете друга смисла во мајчинството и татковството. За малите девојчиња и момчиња кои доаѓаат на овој свет да не станат заложници и жртви на вашата грижа и љубов.

Сакајте го вашиот сопруг – децата ќе пораснат и ќе си заминат, а тој ќе остане со вас. Вие можете да бидете пример за вашите деца и вашиот однос може да биде причина и тие да посакаат семејство и деца. А и можете да ја убиете секоја желба ако сте опседнати со проблемите и го игнорирате односот на сопругот.

Сакајте се себеси – не заборавајте се себеси барајќи ја среќата на вашето дете. Немојте да се откажувате од новиот фустан поради новиот робот. Не менувајте го козметичарот за приватен наставник. Ако за себе не водите сметка, што можете да му дадете на друг? Каков пример? Каква љубов?

Смислата на животот побарајте ја надвор од материјалното. Овој живот еднаш ќе заврши дури и ако одбивате да помислите на тоа. Духовната пракса, религијата, молитвите – оттука можете да црпите животна сила наместо да ја вадите од децата.

Не живејте за децата, ве проколнувам. Кога ќе сретнам луѓе на кои родителите им овозможиле сè, и повеќе од тоа, тешко ми е да ги гледам в очи. Во голема мера се препознавам себеси и својата болка. Ги гледам истите маки, скршени срца, празни души. Во нивните очи – крици за помош. Болка, очај, неправда… тие – како и секое дете – сакаат да ги сакаат своите родители. Но во тој случај едноставно нема да преживеат.

Дајте им на вашите деца можност да живеат и да дишат. Тогаш ќе можат да растат и да се развиваат. Онака како што ги води нивниот пат. Нашата улога како родители е едноставна: полевај одвреме-навреме, не блокирај го сонцето, чувај од штетници. А понатаму детето, како цвет, ќе се снајде и само, и ќе го направи она што најдобро може.

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top