Воспитување

Важноста на терапевтскиот триаголник во психолошката практика

Од развојна перспектива, емоционалните и социјалните модели кај децата се градат и одржуваат во семејната и образовната средина. Честопати причината за упатување на психолог не е самиот проблем, туку одраз на родителските или системските тензии – спротивставени очекувања, недостиг на координација, неразбирање на потребите. Однесувањето на детето е обид да се приспособи на овие услови. Системскиот пристап ни овозможува да ги откриеме овие меѓусебни влијанија, да ги потврдиме емоционалните потреби и да ги координираме целните интервенции помеѓу домот и училиштето – за да дојдеме до причината, а не само до симптомот.

Кај децата не постои „еден клиент“ – постои систем. Додека кај возрасните промената се случува главно однатре, кај децата таа бара и адаптација на околината и обука за саморегулација и комуникациски вештини. Трајна промена се постигнува само кога двата правци се движат заедно.

Терапевтскиот триаголник комбинира три нивоа на работа и во мојата практика тоа може да изгледа вака:

Детето – обезбедување безбеден терапевтски однос, развој на емоционална свест и социјални вештини, вежби за адаптација и совладување на тешкотиите во реални ситуации.

Родителите – индивидуални родителски консултации и домашен водич (3–5 јасни правила), рамнотежа помеѓу топлината и границите, работа на реакциите и потребите на родителот.

Системот (училиште/градинка) – создавање поддржувачка клима, јасни цели и индивидуален план за поддршка, тимска работа помеѓу наставниците, училиштен психолог, логопед и ресурсен наставник, обезбедување непречена комуникација.

Промената се случува кога сите се движат во иста насока – детето наоѓа безбедна врска, родителите стекнуваат алатки и јазик за поддршка, а училиштето создава стабилна и разбирлива рамка.

Промената не е подреденост, туку автономија, самодоверба и тивка гордост.

Автор: м-р Христина Стефановска

Поврзани написи

To top