Воспитување

Важни работи за пријателствата на кои мораме да ги научиме нашите деца

Одгледувањето на децата е сложен процес, полн со предизвици. Во овој процес создавањето пријателства и изградбата на социјалните вештини на детето се некои од најважните задачи.

Луѓето имаат вродена потреба да бидат во друштво на други луѓе. Како што често слушаме, ние сме социјални суштества. Потребата на детето да се вклопи во своето опкружување, да биде прифатено и почитувано е на високо место на неговата листа со потреби. Во тој процес децата ќе прават компромиси, но важно е да не се изгуби нивната вистинска личност и самопочит.

Како родители, наша задача е да ги научиме децата како да наоѓаат рамнотежа, да градат здрави пријателства и да останат верни на себе. Ова се неколку важни лекции што децата треба да ги знаат за пријателствата.

Не можеш да му се допаднеш на секого и тоа е во ред

Децата не треба со себе да го носат товарот да им угодат на сите. Тоа често се учи во семејството, кога децата се принудени да бидат послушни и да не се спротивставуваат. Меѓутоа, многу е поважно да ги научиме децата дека не е страшно ако не се согласуваат со сите.

Добрите пријатели ќе те почитуваат кога ќе им кажеш НЕ

Учете ги децата дека вистинските пријатели ќе ги почитуваат нивните граници. Кога некој им поставува услови како „ако не дојдеш кај мене, не си ми повеќе пријател“, треба да знаат дека тоа не се вистински пријатели.

Никогаш не менувај се за да се вклопиш. Најди пријатели кои ќе те сакаат таков каков што си

Децата треба да научат да се сакаат себеси и да останат верни на својата личност. Кога се свесни за своите вредности и остануваат доследни на себе, ќе привлечат луѓе кои ќе ги почитуваат за тоа што се.

Не мораш да бидеш пријател со некој што не се однесува како да ти е пријател

Иако треба да бидеме љубезни со сите, тоа не значи дека треба да бидеме пријатели со сите. Учете ги децата дека можат да бидат пристојни, но не мора да се дружат со луѓе што не ги почитуваат.

За пријателствата се потребни време и труд, но кога ќе успееш, ќе видиш дека вреди

Како и за сите добри работи во животот, искрените пријателства бараат време и напор. Но, кога стануваат успешна приказна, тие се еден од највредните делови од животот.

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top