Воспитување

Важна работа за безбедно и среќно растење

Децата често се плашат од непознатото, понекогаш тоа е нова храна, а понекогаш голема животна промена, како преселба во нова куќа или доаѓање на нов брат или сестра. Иако промената е можност за учење, таа може да биде и многу стресна за децата.

Родителите често се уморни, зафатени со работа или мислат дека нивните деца се тврдоглави, па решаваат да не поставуваат граници и правила, туку да им дозволат да прават што сакаат. Меѓутоа, колку подолго го одложувате поставувањето на границите, толку потешко ќе биде да ги поставите подоцна и може да дојдете до точка каде што тоа ќе биде невозможно. Затоа е важно да се воспостави рутина која носи сигурност и доследност во животот на детето.

Американското здружение за педијатри (AAP) разви програма наречена „Ран развој на мозокот и детето“ (EBCD), чија цел е да го оптимизира развојот на мозокот во првите илјада дена од животот. EBCD се фокусира на пет точки за промовирање на развојот на детето, а тие се:

читајте со вашето дете секој ден,

играјте и дружете се со вашето дете секој ден,

креирајте рутина поврзана со јадење, спиење и семејна забава,

пофалете го вашето дете за успехот,

развијте силна врска и негувајте го односот со детето.

Дневните рутини може да вклучуваат: будење и подготовка за новиот ден, време за капење, менување пелени, оброци, заспивање, домашна работа, готвење и чистење, време за игра, семејно време и игра на отворено.

Додека дневните рутини изгледаат различно во семејствата низ светот, најважно е да создадете рутина што ќе одговара на вашето семејство. Еве неколку причини зошто рутината му помага на детето полесно да расте.

Му помага на детето да препознае и да се придржува до распоредот

Родителите мислат дека децата се среќни ако можат да прават што сакаат и кога сакаат, но вистината е спротивна. На децата им требаат разумни граници за да се чувствуваат безбедно, а рутината е дел од поставувањето граници. Постојаната рутина ќе му помогне на детето побрзо да заспие и да има подобар сон, по секојдневните ритуали како капење и менување пелени пред спиење, потоа читање приказни и слични моменти заедно се многу важни.

Ги зајакнува независноста и самодовербата на детето

Децата подобро се однесуваат кога знаат што да очекуваат, но и што се очекува од нив. Како што расте детето, ќе мора да прави многу работи самостојно, како што се средување играчки или подготовка на оброк, а структурата поттикнува независност. Заедно со рутината, детето на крајот ќе научи кога е време да ги мие забите или да носи пижами. Ќе се гордее што знае нешто да прави – и само тоа ќе му порасне самодовербата бидејќи нема да мора да му кажуваат што и како да прави. Кога децата се чувствуваат моќни и независни, помала е веројатноста да се бунтуваат и да имаат изливи на гнев.

Воспоставува здрави и конструктивни навики

Од редовно миење заби до пишување домашна задача или учење секое попладне, рутините помагаат да се воспостават конструктивни навики. Децата што ги практикуваат овие вештини ќе знаат како подобро да управуваат со своето време. Како што ќе пораснат, ќе имаат повеќе самодисциплина во однос на хигиената и навиките во исхраната, заедно со учењето и чистењето на собата.

Го поврзува семејството

Рутината го поврзува целото семејство бидејќи семејството има повеќе заеднички и редовни активности, дури и во стресни ситуации или при големи животни промени. Исто така, им помага на родителите да запомнат важни работи. Ги зајакнува очекувањата и му нуди на детето шанса да се радува на она што следува, како што се секојдневни ритуали, дружење со мама и тато преку читање или игри, заеднички појадок или вечера, подготовка за спиење или заедничко будење.

Како да се одреди рутината според возраста на детето?

Со деца на претшколска возраст направете или купете табла и нацртајте активности и направете весел распоред во слики. Поставете ги сликите каде што децата ќе можат да ги гледаат секој ден и така ќе знаат што е следно што треба да прават или каде одат.

Децата на училишна возраст може да имаат поголема слобода во одлучувањето за сопствената рутина. Можете да организирате прифатливи времиња за спиење и активности со вашиот тинејџер.

И иако е добро да се води рутината постојано, треба да се остави простор за флексибилност, особено за време на училишните празници и специјални настани, како што се патување во друг град, одење на семејни прослави и слично. Но и за време на празниците добро е децата да си легнуваат во исто време, тоа не треба целосно да се замени со нови, особено не поблаги правила.

Извор

Поврзани написи

To top