Васка Леонтиќ е еднороден родител и со гордост го потенцира тоа. Вели дека не е страшно, ниту тешко да се биде еднороден родител и мајка на 50 години. Страшно е кога заедницата во која живееме и општеството и институциите не се подготвени за еднородни семејства, ниту се зборува за нив. Таа има разиграно секојдневие со ќерка си Анна. Пополнето со утринско милување, скокање в кревет, правење вкусни специјалитети, менување пелени, домашни обврски, работни ангажмани, многу прошетки…
Васка Леонтиќ продолжува да гради бренд од своето име и успешна професија. Анна ѝ е плус мотивација да го извади најдоброто од себе.
Секој има искра што му го прави животот поблескав, сончев, расмеан, треперлив, виножитен. Васка Леонтиќ ја има искрата Анна Портија Бјанка Леонтиќ, и веќе 23 месеци се нераскинлив тандем. Вели дека оваа врска ја поместила од местото на тлеење.
– Со Анна времето ми е исполнето, повторно ми се врати желбата да создавам нови планови за нас две. Имам двојно повеќе обврски, но од друга страна, љубовта е неизмерна. Ме помести од едно место на кое долг период тлеев – вели Васка.
Мајчинството ме направи посензибилна и почувствителна
Вели дека ужива во улогата на мајка и родител.
– Сега, по 23 месеци, уживам во мајчинството. На почетокот сè ми беше како да поминував низ една машина, но сега сè е поинаку и под други околности. Ситуацијата со Ковид-19 нè затвори дома и поголемиот дел од времето го поминувам сама со ќерка ми. Јас сум многу среќна поради сето тоа, од друга страна, тоа е лошо за неа зашто нема контакти со деца. Но, без разлика на сите околности и ситуации во кои се наоѓам, уживам во улогата на мајка и родител. Свесна сум за сите промени кај мене и за сè што ме прави поразлична од претходно, многу посензибилна и почувствителна. Сега ги разбирам сите мајки и имам поголема емпатија за разлика од претходно кога не бев родител, особено за оние што се еднородни родители. Ова во последно време често го именувам и споменувам бидејќи има голема разлика и не е исто кога се вели самохран родител и еднороден родител или еднородни семејства – потенцира Васка.
Денот им минува низ игра и многу зборување.
Пред работа и по работа јас сум целосно посветена на неа. Бидејќи сами живееме, така ги организираме и времето и работните обврски и ангажмани. Долги прошетки во парк, Зоолошка градина, викенди кај баба и тета, пресреќни ако се таму и вујче, вујна и бато Петар – споделува Леонтиќ.
Најубавиот дел од денот е будењето.
– Голема галеничка ни е на сите, обожава да ја галиме, така што еден час пред да се рассони в кревет посакува да ја галам по главчето и грпчето, а најмногу да ѝ ги бакнувам ножињата. А кога ќе заборавам, таа се обидува сама да си ги бакне стапалата за да ме потсети дека сум заборавила. Потоа следува скокање в кревет. На почетокот ја научив многу да си играме, сега тоа премина во секојдневна рутина. Немам секогаш многу време и ѝ кажувам дека за викенд повеќе ќе си играме и тогаш ја оставам колку сака да скока и да ужива во утринските палавштини. Омилен дел ми е кога шетаме во парк и кога се будиме наутро, а најтежок кога треба да ја нахранам и успијам, тоа некогаш преоѓа во агонија. Има денови кога не можам да ѝ погодам што сака да јаде, а кога ќе дојде период за спиење, не можам со часови да ја успијам, дури и со сенките што ќе ги види почнува да си игра – ни раскажува Леонтиќ.
Годините не ми тежат, попалава сум од кога било
Годините не ѝ тежат околу ангажманите со Анна, но здравствените проблеми што ѝ се појавиле како последица на бременоста ѝ создаваат тегоби и грижа, и голем страв да не ѝ се случи нешто.
– Тој страв ме следеше до пред некое време. Сега, по две години од породувањето, комплетно закрепнав и многу е полесно. Годините не ги чувствувам, иста сум и уште попалава од кога било, сè додека некој не ми постави прашање, јас не ни размислувам за годините и се чудам на тие прашања, искрено. Најбитно е како се чувствувате и многу е битно да се води грижа за сопственото здравје, да може полесно да се грижите за детето. Ако сме здрави, односот кон детето е многу посмирен и релаксиран, нема стресови и викање по детето. Но, исто така, потребна е и нега на духот и на телото, често многу родилки паѓаат во депресија или постпородилна депресија, ги шокира фактот на промената на телото, не можат да ја поднесат деформацијата на телото затоа што треба време за да се повлече стомакот и да се намалат отоците. А тоа е толку тешко за секоја жена што водела грижа за себе и не може ништо да направи кога 24 часа е со бебето. Јас бев една од тие мајки, мене тежината ми пречи, но се трудам некако да се носам и со таа ситуација, секако, одвреме-навреме ме излудува – раскажува Леонтиќ, додавајќи дека и менталното здравје е битно.
За да може полесно да ја одгледувам Анна, јас се грижев да не паднам психички. Па постојано контактирам со сите мои пријателки од детството, школски другарки, гледам да одвојам време и во оваа состојба и ситуација. Се грижев колку можам за себе, и покрај тоа што ја доев до 20-тиот месец. Потоа поради здравствените тегоби, морав да прекинам, тоа беше најтешкиот дел од целата состојба, ситуација која ве врзува со детето. Состојба која никогаш повеќе нема да се повтори, но и тоа го надминав некако. Не беше проблем со Анна, туку беше проблем како јас да престанам да ја дојам. Таа се навикна брзо, но мене ми беше претешко – објаснува Васка.
Домашните обврски како фитнес
Секојдневните обврски околу домот не ѝ задаваат тешкотии. Најтешко ѝ е кога бара помош, најлесно и најдобро се чувствува кога сè сама ќе си заврши.
– Домашните обврски ги доживувам како да сум на фитнес, кој во овој период многу ми недостига, вежбање и растегнување, пешачење и планинарење, а сè друго ми е како шега, да менувам пелени, да ѝ подготвувам појадок или да ја бањам или да си играм со неа, не гледам во ниедна ситуација проблем, сето тоа го правам со особена љубов и желба. Јас друга шанса нема да имам во мојот живот и свесноста ме прави да бидам потрезвена во оваа состојба, ова е премија во мојот живот! Секој ден со неа е подарок за мене – потенцира Леонтиќ.
Но не е секогаш сè вака розово како што пишувам, има и многу тешки ситуации. Кога сакам сè да биде совршено, вели таа.
– На пример, не успевам појадокот да ѝ биде декориран во облик на куче, маче или друга форма, а многу би сакала да можам. Има денови кога и јас сум фрустрирана и не сакам да прифатам дека не може поинаку. Но сметам дека тоа го поминува секоја мајка, без разлика на возраста. И да не говорам притоа дека треба да размислувам за работата да тече и да работам да го обезбедам домашниот буџет. Тоа се реалните факти што најмногу ме отрезнуваат кога ќе се исфрустрирам кога на интернет ќе видам послободни мајки кои не одат на работа и имаат време и за декорации и за фотосесии, а јас морам сè предвреме да испланирам, да подготвам – вели Васка.
Анна ме научи на зависност од љубов
Најголем проблем ѝ било да закрепне и да застане на нозе, да биде подвижна, бидејќи тешко ја движела едната нога.
– Имав големи болки, отоците уште не се повлечени од таа нога и имам притисок, што го наследив од бременоста. Но научив да живеам со овие две работи. И не сакав да си го заборавам и мојот живот. Ако сум станала мајка, не значи дека сè што е поврзано со мене и мојот живот мора да запре, и дека мојот живот ќе биде претворен само во улогата на мајка. Две недели од породувањето почнав со работа и се вклучив во сите активности, што не беше многу паметен потег и одлука гледано од сегашна перспектива. Требаше да почекам барем два месеца, и онака канцеларијата ја пренаменив, ја претворив во привремен дом и за живеење и за работа – вели Леонтиќ.
Вели дека бидејќи е еднородно семејство, а тоа подразбира и мајка и татко на Анна, има двојна одговорност и нема на кого да се потпре, уште помалку да обвини, ако нешто не е како што треба.
Сè што ќе се случи, и добро и лошо, зависи од мене, оттука доаѓа мотивацијата да дадам сè од себе и да бидам колку што можам подобра мајка за неа. Во воспитувањето одам по стапките на мајка ми и татко ми, а тоа е многу љубов и посветеност кон детето и семејните вредности, што мајка ми ни ја даваше нам, а строга, принципиелна, работлива и правична, како што беше татко ми. Најмногу внимавам да не се разгали и да не се претвори во лигаво дете, од никогаш не сум посакувала да имам такво дете. Сакам да расте во нормална средина, сакам да ги научи вистинските вредности во животот, да биде работлива и вредна, да научи што сака уште од мала и да биде опкружена со многу љубов и внимание, но исто така да научи да почитува и дава љубов – вели Васка.
Мајчинството во неа отвори нови емоционални длабочини. Ја научи да биде потолерантна, потрпелива, да простува и да дава неизмерна љубов.
Анна ме научи на зависност од љубов, само да ја гушкам и да ја бакнувам, едноставно само да се сака, некое поинакво чувство, нема збор со кој може да се опише мајчинството, трепет и грижа кон друг. Огромна промена има, но не знам, можеби сѐ уште влијаат хормоните. Сега за ситници се расплакувам, а претходно ни над мртов човек не сум можела да се расплачам, па сега вие проценете кои се тие промени – вели Леонтиќ.
Работам од дома, готвам и си играм со Анна
Васка Леонтиќ продолжува да гради бренд од своето име и успешна професија. Анна ѝ е плус мотивација да го извади најдоброто од себе.
– Сега, во кариерата и на работното место сум исто како на почеток, особено со пандемијава, сè почнува одново, сѐ се менува. Нов протокол на работа, нови техники на работа, никој да не престојува во салонот повеќе од 2-3 часа, комплетно се промени модуларната програма во делот од лични услуги за фризери, козметичари, масери и шминкери, се подготвија и скратени програми за обука, времето на обуките се скрати, така што сега сме буквално како на почетокот на кариерата, само со поголемо искуство. Во сите три фирми се воведоа нови реформи и нов протокол на работа и сѐ се надоврза некако со мојата ситуација. Сета архивска работа, електронско банкарство и канцелариска работа ја работам од дома, за тоа имам време со Анна, истовремено да готвам и да ја успијам. Кога игра, јас печатам документи и тоа ѝ е интересно. Така што, таа ја има мајка си покрај себе, а јас сè што е поврзано со канцелариската работа се обидувам да го усогласам со домашните обврски. Откако се породив канцеларијата сега е и мој дом, немав друг избор и покрај тоа што бев многу голем противник на оваа идеја. Сега сум покреативна од кога било бидејќи сум сконцентрирана само на домашниот пазар и на работата само во Македонија, сите други интернационални проекти во овој период се стопирани и сета енергија е сконцентрирана на креативност – споделува Леонтиќ.
Животот е многу поубав кога е цел
Со нејзиното храбро, упорно, прекрасно и позитивно искуство на идните мајки им препорачува да не се двоумат ако искрено имаат желба да бидат мајки.
– Време за љубов има, време за романси има. Љубовта е секогаш љубов, и на 30, 40, 50 години. Но нема време, за жал, да го почувствувате чинот на мајчинство, да носите плод во себе, ја немаат сите таа привилегија. Колку порано се започне, толку подобро, но нека не се откажуваат. Јас сум подготвена и за второ дете, иако ме караат што го зборувам ова. Јас не можам да го родам, но има сурогат мајки кои се подготвени. Не губете време, ниту верба, животот е многу поубав кога е цел – вели таа.
Васка вели дека секој почеток е тежок, без исклучоци, и тоа од повеќе причини, не само поради возраста или поради тоа што спаѓа во еднородните семејства.
– Не е страшно, ниту тешко да се биде еднороден родител и мајка на 50 години. Страшно е кога заедницата во која живееме и општеството и институциите не се подготвени за еднородни семејства, ниту се зборува за нив. Оваа тема прва ја започнав во јавноста со отворениот пристап за мојата одлука, а најстрашно е што не ги препознава потребите на многу родители како нас, а не има многу. Изненадени се зошто реагираме на нивната неподготвеност, а кога принудно ќе им ја објасниме ситуацијата, воодушевено реагираат што сме го направиле овој чекор и тогаш следува браво за храброста од страна на женскиот пол. Но не е истата ситуација и со машките соговорници, тие што имаат смелост да продискутираат ме прашуваат зошто и се многу зачудени, просто не им се верува – додава Васка.
Фото: Приватна архива
912