Кога ќе дојде моментот децата сами да заминат на одмор, родителите се вознемирени и не им е лесно да донесат одлука. За тоа како да препознаат дали нивното дете е подготвено за тој голем чекор, зборува психологот Мирјана Вуксановиќ.
– Годините на детето не се единствениот критериум, туку можат да послужат само како ориентација кога да ги пуштиме. Поважно од возраста е зрелоста на детето и неговата способност да се однесува самостојно и одговорно. Исто така, искуството е многу важно. Дали детето веќе било на летување преку градинка, училиште или спортски кампови, тоа искуство може многу да му помогне – вели Вуксановиќ.
Таа објаснува дека никогаш не можеме со сигурност да знаеме дека дошол моментот за самостојно летување, но преку внимателно следење на однесувањето можеме со голема веројатност да процениме.
– Ако гледаме дека детето ги исполнува договорите, исполнува одредени обврски, како на училиште така и дома или надвор, тогаш можеме да заклучиме, или барем претпоставиме, дека е време да го пуштиме да оди со друштво на одмор – додава таа.
Искуството на психолозите покажува дека околу 14. година почнуваат првите разговори за самостојно летување, но во просек родителите се подготвени да ги испратат децата дури две години подоцна. Психологот и психотерапевт Маја Антончиќ истакнува дека не постои психолошка формула со која родителот може прецизно да ги одреди денот, часот и минутата кога детето ќе биде зрело за првото самостојно летување затоа што не се сите тинејџери подготвени во исто време.
– Проблемот е што родителите и тинејџерите не мислат на истото кога зборуваат за самостојно летување. Родителите се плашат дека детето ќе експериментира со алкохол (или лесни дроги) или ќе падне под лошо влијание, додека тинејџерот возбудено размислува за уживањето во слободата на морето. Но, јас секогаш ги прашувам родителите: „Дали постои пречка сето тоа што стравувате да му се случи и дома?“ Ако нивните спомени од летувања се толку бурни што не би сакале нивното дете да доживее ништо слично, тогаш е јасно зошто преговорите за прво самостојно летување понекогаш изгледаат како мали психолошки војни – вели таа.

Многу родители пред првото самостојно летување се одлучуваат за варијанта на „надгледувана независност“. Станува збор за летување во исто место, но на различни адреси. Родителите, на пример, ќе престојуваат во хотел, а детето во приватно сместување со друштво. Така родителите ја задржуваат контролата, а детето го задржува чувството на самостојност.
– Важно е да знаеме каде оди и со кого оди – вели Вуксановиќ.
Меѓусебната доверба, отворениот разговор и постојаната комуникација во комбинација со љубов во семејството даваат добри резултати. Детето не треба пред поаѓање да слуша што смее, а што не смее. Тоа веќе требало да го научи. Треба да се договорат конкретни работи, како ќе комуницираат, да не го бараат родителите постојано по телефон, да се одреди која сума на пари ќе ја носи, бидејќи се подразбира дека веќе знае како да раководи со пари.
– Добро е однапред да се платат превозот и дел од оброците за да не дојде до ситуација да немаат пари. И да се даде мала сума за „не дај Боже“, која потоа ќе ја вратат дома, доколку не се случило ништо непредвидено. Така се гради одговорност и меѓусебна доверба – нагласува Вуксановиќ.
Во секој случај, мора да знаеме со кого патуваат нашите деца, да ги познаваме нивните пријатели и нивните родители, и сите да комуницираме. Да се дефинираат заеднички правила бидејќи колку повеќе нешта се договорени однапред, толку помалку непријатни изненадувања ќе има.
– Никогаш не знаеме дали сме згрешиле или не сè додека детето не порасне. Дотогаш можеме само да веруваме, да се надеваме и да се трудиме да го правиме она што е најдобро за него. И, секако, љубов – заклучува психологот Мирјана Вуксановиќ.