Воспитување

Вашето дете тргнува во градинка? Поставете си ги следниве прашања

Голем број од родителите немаат друг избор, па ги носат своите деца во градинка и пред да наполнат една година, меѓутоа, малкумина од нив знаат дека подготвеноста за градинка е повеќе поврзана со тоа до каде е вашето дете во однос на развојот. Дали е социјално, емоционално, физички и когнитивно подготвено да учествува во секојдневна, структурирана, едукативна програма со група други деца?
Иако повеќето од вас би рекле „да, моето дете може да ги направи овие работи, подготвено е“, оваа метода не е сигурна. Најдобар начин да одлучите е да поминете време размислувајќи за вашето дете и да разговарате со други луѓе што го познаваат добро, како што е вашиот партнер или докторот на вашето дете.
Следните прашања дадени од Патриша Хендерсон Шим, помошник-директор на Центарот за развој на мали деца во Њујорк, ќе ви помогнат да размислите за најважните фактори за подготвеноста на вашето дете за градинка.

Дали вашето дете е независно?

Во претшколските установи се бара од децата да имаат совладано основни вештини. Повеќето од нив бараат вашето дете да биде во состојба да извршува основни работи, како миење на рацете по боење, јадење без помош и самостојно заспивање.

Дали поминало одреден период далеку од вас?

Ако за вашето дете се грижи дадилка или роднина, тогаш ќе биде подобро подготвено да се одвои од вас кога ќе тргне во градинка. Децата што се навикнати да се одделуваат од родителите честопати одлично се адаптираат на градинките. Ако вашето дете нема многу можности да биде подалеку од вас, тогаш добро би било да испланирате викенд со бабите и дедовците или ден со вашата сестра или брат.
Но, дури и да ви е тешко одделувањето, не грижете се премногу. Многу деца првпат се одвојуваат од мама и тато за да одат во градинка.
Трикот е да му помогнете на вашето дете да се приспособува во кратки „дози“. Многу градинки ги чуваат децата по еден или два часа во првите неколку дена. На тој начин вашето дете постепено ќе се навикнува на оваа нова средина.

Дали може самостојно да работи на одредени проекти?

Градинките обично вклучуваат многу проекти за уметност и различни активности за кои се потребни концентрација и способност да се фокусираат на индивидуална задача. Ако вашето дете дома сака да црта или самостојно да се занимава со други активности, тогаш е добар кандидат за градинка.

Доколку е дете што постојано бара помош или постојано ве бара, тогаш можете да почнете да го подготвувате давајќи му половина или еден час да се забавува само. Додека ги миете садовите, охрабрете го да направи нешто од глина.
Постепено зголемувајте го времето во кое ќе игра само. Вашата цел е да бидете преокупирани со некоја активност, така што вашето дете ќе продолжи само да игра, без да ве бара.

Дали е подготвено да учествува во групни активности?

Многу активности во градинка бараат сите деца да учествуваат истовремено. Овие интеракции на децата им даваат можност да играат и да учат заедно, но и да седат мирни, да слушаат приказни и да пеат песни. Ова можеби е тешко за деца под 3 години, кои природно се активни истражувачи и не секогаш развојно се подготвени да играат со други деца.

Дали е навикнато на редовен распоред?

Претшколските установи обично следат рутина: време на прием, јадење, време на играње, ручек, па спиење. Постои добра причина за ова. Децата се чувствуваат најудобно кога истите работи се случуваат секој ден во исто време.
Значи, ако вашето дете не се држи до некој распоред и секој ден му е различен, може да ви помогне ако воведете рутина неколку дена пред да тргне во градинка. Започнете со нудење оброци во редовна временска рамка.

Дали е физички подготвено?

Без разлика дали сте го запишале за полудневен престој или за целодневен, детето во градинка е прилично активно. Има многу активности, патувања и игри за кои е потребна физичка подготвеност. Дали вашето дете е навикнато на вакви активности или има проблем?
Друга работа што треба да ја земете предвид е како и кога вашето дете спие. Во градинките спиењето обично е по ручекот. Ако вашето дете не сака да заспие по ручекот или не е навикнато да преспива во текот на денот, тогаш размислете дали треба да се одлучите за целодневен престој.

Поврзани написи

To top