Воспитување

Вашата ќерка треба да ги чуе овие работи од вас

Некаде помеѓу сите воннаставни активности, часови и семејни обврски стојат зборовите. Зборовите кои создаваат разговор, дискусија, па и можности за да ја зајакнете својата ќерка, да ја мотивирате, да ја воспитате во една едуцирана, стабилна и вредна личност. Деновите поминуваат без да забележите и дека шансите за разговор ви се губат низ рака како песок низ дланките. И покрај тоа, треба да се ловат моментите кога имате можност да се фокусирате на разговор. Искористете ги моментите за да ја пофалите својата ќерка и да ѝ кажете колку сте горди на неа, да ѝ вградите уште една цигла во домот на самодовербата и да ја охрабрите да биде најдобрата можна верзија од себе.

Забележете ја кога прави нешто добро

Поправањето на детското однесување или постапки им доаѓа сосема природно на родителите. Многу време се губи на корекција. За промена, свртете лист и истакнете ја позитивната страна на постапките. „Многу ценам што садовите си ги ставила во машината“. „Ти благодарам што му помогна на брат ти да ја направи домашната задача по математика“. „Види како си се разбудила навреме. Браво“. Афирмациите се заразни. Се пренесуваат од уста на уста, така што во еден момент ќе сведочите на повратните афирмации што ќе ги изговара вашата ќерка.

Истакнете нешто позитивно во негативна ситуација

Неуспехот е составен дел од животот. Тој ги следи сите претприемачи, научници, работници. Ги следи сите луѓе што се спремни да ризикуваат и да трасираат нови, иновативни патеки во некоја област. Ако сакате вашата ќерка да биде бестрашна, да биде свесна колку неуспехот е важен дел од развојниот пат, разговарајте со неа за важноста на грешките. Кога децата се чувствуваат добро во својата кожа, растејќи со сознанието дека е во ред да се обидува и да не успее, повеќе ќе се трудат да опстанат и да преземаат нови ризици.

„Денешна мала победа, препрека, нова идеја?“

За време на вечерата или пред спиење прашајте ја ќерката на кои мали победи е горда дента, на кои препреки наишла и кои идеи ги добила со надминување на препреките. Споделете го и вашето искуство. Вашето доживување на денот ќе ѝ помогне да види дека сите во животот поминуваме низ светлина и темнина.

Покажете ѝ ја пошироката слика

Ако се прашува зошто мора да учи математика, бидејќи сè што сака да прави во иднина е да се занимава со пишување, или се жали зошто мора на физичко да спортува кога не е спортски тип, разговарајте со неа за придобивките од математиката и спортот кои важат за цел живот, без разлика на тоа за која кариера ќе се определиме. Децата често го гледаат светот со скратен видик, па затоа им треба помош да ја опфатат пошироката слика. Понекогаш најдобриот одговор на прашањето „Зошто морам да учам математика?“ е едноставно – „За да научиш како да учиш. Целиот живот ќе учиш нови работи, па секој предмет ти помага да ја усовршиш вештината за учење“.

„Што планираш?“

Прашајте ја како планира самостојно да ги реши проблемите (се мисли на предизвици кои навистина може да ги реши самостојно). „Мамо, дресот ми е валкан, а утре имам натпревар!“ Наместо самите да тргнете во потрага по валканиот дрес, кажете ѝ: „Мислам дека можеш тоа сама да го направиш во следните 12 часа“. Или, на пример, им ветила на соседите дека ќе го чува нивното дете во сабота, но сега сака да ја откаже таа обврска бидејќи добила покана за роденден. Оставете ја самата да го реши тоа, само прашајте ја: „Што мислиш, кој би бил најдобриот начин да го средиш ова?“ Надминувањето и решавањето проблеми се едни од најважните и највредни вештини за сите луѓе.

Препознавање страсти и желби

Таа можеби сè уште не препознава од што ѝ „чука срцето“, што ѝ носи радост и волја за работа. Помогнете ѝ да ги препознае страстите за кои би брзала да ги оствари. Прашајте ја: „Забележав дека баш се задлабочи во емисијата за спасување животни. Што мислиш за тоа да волонтираш и да им помогнеш на напуштени животни?“ Или „Многу ме радува што сакаш да ми помогнеш околу вечерата. Што мислиш да одиме заедно на час по готвење?“

„Горда сум на тебе“

Едно е да ги пофалите и прославите нејзините успеси, но што со нејзиниот карактер? „Ти си прекрасен и лојален пријател, толку сум горда на тебе што ги охрабруваш и бодриш твоите пријатели“. „Бев толку горда на тебе кога ја прегрна сестра ти и ѝ даде поддршка за тој многу тежок ден на училиште. Имаш големо срце“. Многумина од нас, дури и како возрасни лица, а за децата и да не зборуваме, водат негативни внатрешни разговори. Кога на децата, јасно и прецизно, ќе им укажете на нивните фантастични страни, прекинувате низа на негативни внатрешни изјави и им помагате да ја обликуваат самодовербата.

„Верувам во тебе“

Застанете една секунда и запрашајте се: кој ви го кажал тоа последен пат? Родител? Партнер? Можеби пријателка? Тоа е силна изјава, која не се кажува доволно често. Можеби и никогаш не сте ја слушнале. Да, би ви дала крилја, би ви го кренала духот, би запалила оган и би ве насочила кон напредок.
Без разлика на тоа дали вашата ќерка е бестрашна или плашлива, иновативна, дали сака да го освои светот или да биде во својата комфор-зона – потребно ѝ е да ја охрабрите, мотивирате и поддржите.

Извор

Поврзани написи

To top