Многу од нив не биле способни да ги сакаат своите деца

Во 1934 година германскиот пулмолог Јохана Харер напишала бестселер под наслов „Германската мајка и нејзиното прво дете“. Книгата, која била продадена во 1,2 милион примероци, ги поттикнувала мајките да воспитуваат силни и независни Германци способни за живот.
Веројатно во тоа време тој совет им звучел врвно, но порталот Big Think пишува:

– Дури сега се гледаат последиците од нејзините насоки кои всушност промовирале трауматизирачки стил на родителство кој се пренесувал и на идните генерации. На пример, Харер напишала дека бебето треба да биде изолирано од мајката 24 часа по породувањето и дека мајките треба да разговараат со бебињата на „разбирлив германски“ наместо на „глупав детски јазик“. Најдобро е детето да биде во засебна соба, каде што ќе биде само, пишувала Харер.

Не кревајте го детето од креветчето, не нишајте го, не галете го…

„Не кревајте го детето од креветчето, не носете го наоколу, не нишајте го и не држете го во скутот, па дури и не галете го. На тој начин детето многу брзо ќе научи дека е доволно да вресне и така да повика сочувствителна душа за да биде центар на вниманието. По кратко време тоа ќе бара такво внимание и ќе смета дека таквото постапување е единствено правилно, па нема да престане да бара секогаш да го земате во прегратка, да го нишате и да го носите. И така сте создале мал и немилосрден насилник“, советувала таа.

Додека нацистичката партија ја заземала Германија, овие учења се пробиле во програмата за обука на мајки во Третиот Рајх, кој до 1943 година опфатил најмалку 3 милиони жени. Се разбира, не се придржувале сите до строгите и неприродни родителски насоки на Харер, меѓутоа, неодамнешниот напис во списанието „Сајантифик американ“ бележи дека истражувањето на психотерапевтот Хармут Радеболд покажува дека нејзиниот труд привлекол две посебни групи жени: оние што веќе биле поврзани со нацистичката партија и оние што поминувале низ емоционална траума.

Сега, повеќе од 80 години подоцна, некои германски терапевти известуваат за лекувањето на возрасни пациенти со тешки емоционални проблеми – неможност да ги сакаат своите деца, несигурност во разни облици на приврзаност и криза на идентитетот, а многу е извесно дека дел од тие проблеми произлегуваат од овие остри родителски насоки.

Заедничко на сите пациенти им било сеќавањето дека книгата на Јохана Харер стоела на полицата со книги во нивната соба.
Непотребно е да се каже дека Харер многу грешела во својот пристап. Не само што ѝ недостигала педијатриска обука, туку исто така таа не ги сфаќала еволуциските процеси што ги поврзуваат мајката и детето како составен дел од човековиот развој. И децата и нивните мајки имаат способност да развиваат емоционални врски од најраниот период од детскиот развој. Тоа е еволуциска нужност: на пример, за разлика од бебињата-гуштери кои се самостојни од раѓање, човечките бебиња се целосно зависни од мајката за да ги преживеат првите години од животот. Патем, тоа објаснува зошто луѓето, особено возрасните жени, имаат тенденција да мислат дека сите мали цицачи се слатки. Освен преживувањето, тие рани врски меѓу мајката и детето се клучни за развојот на мозокот.

Според истражувањето спроведено од д-р Мартин Тејхер, директор на развојната биопсихијатриска програма во болницата „Меклен“, децата што биле запоставувани на рана возраст покажале:

–  намален раст на левата хемисфера на мозокот, што може да доведе до зголемен ризик од депресија:
– зголемена чувствителност во лимбичкиот систем, која може да доведе до анксиозни нарушувања;
– намален раст на хипоталамусот, што може да придонесе за тешкотии во учењето и помнењето.

Учењата на Харер влијаат врз денешната младина во Германија

Начинот на грижа за децата во првите години од животот исто така влијае врз нивната емоционална благосостојба, особено врз начинот на кој реагираат на односите подоцна во животот. Ова можеби најдобро е нагласено во психолошкиот концепт кој се нарекува „теорија на поврзаност“, а кој го развил психијатарот Џон Боулби. Тој опишува како луѓето реагираат во односите кога ќе се почувствуваат повредени, кога ќе доживеат губиток или ќе почувствуваат закана.

Теоријата на приврзаност вклучува четири општи типа приврзаност кај децата:

1.Сигурна поврзаност – кога децата чувствуваат дека можат да се потпрат на оние што се грижат за нив, внимаваат на нивните потреби, од кои добиваат емоционална поддршка и заштита. Се смета дека ова е најдобриот вид поврзаност.

2. Анксиозно-амбивалентна поврзаност – се јавува кога чувствува тегоба поради раздвоеноста од негувателите и не се чувствува посигурно кога старателот ќе му се врати.

3. Анксиозно избегнување – настанува кога детето ги избегнува родителите.

4. Неорганизирана приврзаност – се случува кога постои недостиг на приврзаност.

„Занемарувачките тактики на родителство што ги поттикнувала Харер веројатно ги навеле децата да развијат различни видови проблематични стилови на поврзаност“, истакна Клаус Гросман, водечкиот истражувач на поврзаноста меѓу мајките и децата за „Сајантифик американ“.

„Според мислењето на Харер, важно е да се одбие грижата кога детето ќе ја побара. Но секое одбивање значи и отфрлање“, рече Гросман, додавајќи дека децата учат дека нивните обиди за комуникација со мајката не се важни ако не успеат да обезбедат повратна информација или утеха. Тоа може да ги наведе децата да развијат несигурни стилови на поврзаност кои го отежнуваат формирањето односи подоцна во животот. И уште повеќе, истражувањата посочуваат дека родителите можат да ги пренесат своите стилови на поврзаност на своите деца, што ја потврдува идејата дека учењата на Харер и натаму влијаат врз денешната младина во Германија“, вели тој.
Сепак, постои и крајна спротивност на учењето на германскиот пулмолог Харер –  а таа спротивност промовира само галење и „родители-хелихоптери“. Последните децении американските родители сè повеќе се вртат кон стилови на родителство кои ја нагласуваат важноста нивните деца никогаш да не ги стават во ситуација да почувствуваат негативни чувства или искуства. Иако тие методи се насочени кон заштита на децата од сите видови можни опасности и разочарувања во светот, се покажало дека се контрапродуктивни кога станува збор за воспитувањето на децата да станат самостојни возрасни личности.

„Тоа е толку тажно“, вели Мајкл Унгар, кој е на чело на истражувачкиот центар за отпорност на Универзитетот „Далхауз“.
„Смислата на родителството би требало да биде воспитување дете кое е способно да преземе задачи кога ќе порасне. Целосно можам да разберам дека некој го учи детето како да ја пополни пријавата и како да се однесува со шалтерските службеници при запишувањето на факултет, но не можам да сфатам дека родителите  го прават наместо него. Тоа не е стратегија што води кон долгорочен просперитет“, заклучува Унгар.

 



912

X