Гинеколозите и ембриолозите објаснуваат дека немаме доволно донори, па поради тоа, болниците склучуваат договори со странски банки на биолошки материјал што потоа се користи при ин витро

Крвна група, боја на кожа, коса, очи, образование, здравствена состојба, работа… Ова се само дел од критериумите според кои може да се избираат донори на сперма, јајце-клетки или на ембриони. Во Македонија нема доволно донори, па болниците увезуваат биолошки материјал од странство. Оваа можност ја користат парови што се соочуваат со стерилитет или жени што го избрале овој начин за да станат мајки, т.е. една десеттина од оние на кои им е потребно ин витро. Постапката е законски регулирана.

Стравот и стресот дека нема да може да се остварат како родители е секојдневие на сè повеќе луѓе, на кои им помагаат лекарите и ембриолозите што се специјализирани за асистирана репродукција или биомедицинско потпомогнато оплодување (БПО). Патот по кој често поминуваат е долг и мачен, особено психички. Поминуваат многу испитувања и прегледи, неретко интервенции со различни методи.

 

– Фрустрациите се огромни, а чекањето дали некоја метода ќе биде успешна е често неподносливо. Не можам ни да ви опишам како се менува емоционалната состојба од час во час. По одредено време ќе се помирите дека не може да ве разбере некој што не минувал низ истото и дека на цела мака мора да го истрпите притисокот од средината. Знаете како е кај нас, сите имаат купишта прашања и потпрашања, сите се експерти и сите имаат решение за вашата мака. За среќа, науката ги кажува последните, убави зборови. Да не направевме ин витро со сперма од донор, немаше да сме родители на четиригодишно, прекрасно сонце – вели мајка од Скопје.

Сперма од Данска и од Русија, јајце-клетки од Украина

Гинеколозите и ембриолозите објаснуваат дека немаме доволно донори, па поради тоа, болниците склучуваат договори со странски банки на биолошки материјал што потоа се користи при ин витро. Од Министерството за здравство велат дека биолошки материјал се увезува од Данска, Украина и од Русија.

Д-р Слободан Лазаревски е шеф на одделот за асистирана репродукција во „Аџибадем Систина“, една од болниците што прават ин витро со биолошки материјал од донори. Тој објаснува дека еден човек може да е донор само за една пациентка, а за тоа се грижи Комисијата за БПО при Министерството за здравство.
– Во земјава околу 10 проценти од паровите или самохраните мајки на кои им е потребно биолошки потпомогнато оплодување имаат потреба од донација на сперматозоиди, јајце-клетки или ембриони. Сперма увезуваме од банката Криос од Данска, а јајце-клетки и ембриони од банката Интерсоно од Украина. Селекцијата се прави, пред сè, врз база на комплетна наследна, медицинска, социјална, економска, хабитуална и психофизичка историја и состојба, вклучувајќи ги родителите, браќата и сестрите, како и децата на донорите, ако ги имаат, нивните таленти, желби и хобија. Има дури и фотографии од донорите кога биле на едногодишна возраст – вели д-р Лазаревски.

Д-р Валентина Сотироска, ембриолог во болницата „Ре-Медика“, која е и професор за молекуларна биологија, објаснува дека имаат склучено договори со „Еуропеан сперм банк“ од Данска за увоз на сперматозоиди и со „Фрст ег бенк“ од Украина за увоз на јајце-клетки.
– Со Законот за биомедицинско потпомогнато оплодување се воведе и донорската програма за изведување на ин витро со донирани сперматозоиди, јајце-клетки или ембриони на парови кои имаат потреба од нив. Законот дозволува и наши граѓани да бидат донори на биолошкиот материјал доколку ги исполнуваат законските барања за соодветни генски испитувања, психолошки и правни. Но, поради слабиот одѕив, а од друга страна сè поголемата потреба за дониран материјал, се наметна потреба за увоз – раскажува д-р Сотироска.

Изборот на соодветниот донор го прават паровите или самохрана мајка директно од донорската листа што е достапна на веб-страницата на банката.
– Обично се одбираат фенотипските карактеристики од мажот, ако се работи за донирани сперматозоиди или од жената (за јајце-клетки) во однос на бојата на очите, висина, тежина, крвна група… На веб-страницата, освен слики има и родословни стебла за пациентите да имаат подобар увид во семејната анамнеза од неколку фамилијарни колена. Се разбира дека генетиката има свои правила и комбинации кои не мора да бидат исти кај роденото дете, затоа што носи генски дел и од другиот родител. Овие работи им се објаснуваат и на пациентите – вели Сотироска.

Ако се бараат ембриони, се увезуваат и сперма и јајце-клетки

Има два типа донори на сперма: анонимни и т.н. отворени. Оние што одбираат може да видат слика на анонимниот донор и да прочитаат податоци за него. Кога детето ќе порасне, пак, може да го побара и да го запознае отворениот донор, но нема право да бара што било од него.
– Доколку парот има потреба од донирани ембриони, во тој случај пациентите одбираат донорка и донор, а ние во ИВФ-лабораторијата ги оплодуваме и добиените ембриони ги трансферираме кај пациентката. Досега имаме одлична соработка и одлични резултати на постигната клиничка бременост и голем број родени дечиња – објаснува Сотироска.

Согласност пред да почне постапката

Според законот, еден донор може да се користи за две живородени деца.
– Тука законот е малку нејасен, дали на два пара по едно дете или на еден пар по две деца. За да се избегнат непријатности, наша практика е еден донор за еден пар или самохрана мајка. Во нашиот центар водиме дата-база за сите користени донори и за исходот од оплодувањата за да имаме контрола со донорската програма. Исто така, секој квартал од годината праќаме извештај до донорските банки за исходот од оплодувањата со нивните донори – објаснува ембриологот.

Инаку, пред да почне постапката за ин витро со донорски материјал целокупното досие од парот или жената заедно со податоците од избраниот донор се испраќа до Комисијата за БПО, која дава согласност за отпочнување, доколку се исполнуваат барањата на законот. Процедурата за увоз почнува дури откако ќе се добие согласноста.
– Живееме во модерно време каде што во трката по кариера, поради финансиското прашање, стабилноста, свесно или несвесно го одложуваме планирањето на семејството. Од друга страна, тоа си носи свои последици со намалување на квалитетот и квантитетот на јајце-клетките кај жените кои драстично опаѓаат по 35-тата година. Во светски рамки, последниве 70 години драстично опаѓа и бројот на сперматозоидите кај мажите, па сè повеќе се соочуваме со сериозни проблеми на машки инфертилитет. Досега во нашата болница се искористени повеќе од 800 донори на сперматозоиди, а помал е бројот за јајце-клетките затоа што процесот за увоз стана актуелен во последните две години – додава Сотироска.

 



912

X