Моето утро не почнува кога ќе го слушнам ѕвонењето на мобилниот. Не, за мене, утрото почнува претходната вечер.
Кога ќерка ми ќе заспие, почнувам да го планирам наредниот ден. Таква сум. Наутро не сум во состојба да спремам сè што ни треба, затоа еден ден порано ги спремам облеката, обувките, работи за на работа и за школо. Наутро најчесто одвај се составувам.
Мобилниот првпат ми ѕвони во 6:40. На знам зошто токму тогаш, така одлучив еден ден. На можам да го игнорирам, морам да ја пружам раката и да го исклучам неговиот иритирачки звук.
Ќерка ми не се поместува. Инаку е ранобудник, или да речеме дека во викенд нема проблем со станувањето, додека е сосема поинаку кога мора да се оди во училиште.
Наредниот аларм се слуша во 6:50 ч. Стратешки си оставам уште 10 минути за развлекување.
Собата ми гледа на исток, ако храбро ги оставам завесите тргнати настрана, ќе нè разбуди сонцето (ќерка ми се вратила во собата, а повремено ми улетува во креветот) навреме. Затоа јас станувам околу 6 и ги навлекувам. Во 7 испаничено скокам.
Постојат рутини што ги извршувам, а не сум ни свесна за тоа. Утринско миење. Рака витамини. Лек за штитната жлезда, извадена ми е половина пред неколку години. Оттогаш не сум сигурна дали сум уморна поради детето или поради хормоните.
Ја будам ќерка ми така што наизменично ја скокоткам, ја молам и ѝ наредувам. Па што ќе функционира.
Ми поставува разни прашања со цел да го одложи одењето во училиште… Нејзиниот монолог звучи приближно вака:
Кој ден е денес? А кој ден е утре? А кога не се оди на училиште? А кога е викенд? А зошто морам да одам во училиште? Ќе останам дома, ти оди на работа. Можам да останам сама дома, што има врска… Го мразам училиштето… Зошто го мразам училиштето? Не знам… Мамооо, јас сум уморна, цела ноќ не сум спиела… Не ми веруваш? Па ти спиеше, те видов. А јас не спиев и мноооогу сум уморна, морам малку да се одморам….
Го вклучувам ТВ, секогаш е добредојден. Ќерка ми конечно се орасположи, гледа некаков глупав цртан во кој главната хероина има рогови, па роговите ќе ѝ паднат, па е очајна, па прави вештачки рогови… Детето скроз се внесе во приказната, дофрлува и коментира.
Страшно ме нервира извештаченото смеење на глумците. Пoчнувам да ги имитирам – ах ах ах ах… Моето дете се смее. Заедно го имитираме смеењето од цртаниот.
Кујната: Леб во тостерот. Вадам што било од фрижидерот. Вчера беше кајмак, денес ќе биде путер и домашен џем. Утре можеби пак кајмак. Не сум гурман, јадам за да преживеам. Затоа понекогаш ми е тешко за моето дете да смислам каков било оброк.
Назад в соба. Ќерка ми удобно се потпрела на перниците, ги тегне прстите на левата нога. Десната ја грее под јорганот. Сè уште го гледа цртаниот и не покажува намера да стане. Добро, барем е будна и да речеме дека е добро расположена.
Ѝ носам појадок на послужавник. В кревет, така е. Знам дека не е педагошки, но честопати ми е така полесно и побрзо отколку да преговарам околу модалитетот за одење во трпезарија. А часовникот отчукува, тик-так, тик-так…
Е сега, тоа мое попуштање ќе ми се удри од глава по неколку дена. Нејзиниот татко вели: Повтори ѝ на мама што ми кажа мене. Таа повторува: Кај тато поубаво спијам, во креветот нема трошки…
Се шминкам и на секоја минута повторувам – дали јадеш? Дали изеде? Ајде побрзај, џвакај, те гледам, не јадеш. А, полна ти е устата, извини, добро, само така продолжи… Мора сè да изедеш, да, сè од чинијата…, не, не може ништо да остане…, те гледам во огледалото, не јадеш, ќе го исклучам ТВ ако не побрзаш… Не вреди да се поместуваш, сè уште те гледам. Знаеш дека имам очи и на грбот…
Викајте ме мама-папагал
Појадуваше. Се извлекува од својот кревет, ама буквално. Овде отворам заграда. Пред да се роди, купив поголем кревет, оној од 135 см. За да трае подолго. Сè уште е во него, нозете и главата ѝ удираат во дрвената рамка, но не се откажува. Тука е и музичката вртелешка, повремено ја вклучува, лежи и се преправа дека повторно е бебе. Баш ме интересира како ќе изгледа кога ќе мора да лежи со свиткани колена…
Значи, ја извлеков од креветот. Оди во ходникот, не е сигурна каде и зошто. Притоа на себе ја има само горната пижама. Знае дека треба да ја соблече, но и понатаму се обидува да остане дома.
Со несигурен чекор се враќа од тоалетот. Го остава светлото запалено, а вратата ширум отворена.
Ја фаќам за рамена и така ја насочувам во правец на бањата.
Се враќа. Облекува долна облека. Ги одбива фармерките, вели дека ја стегаат. Бидејќи и онака не сака да оди во школо, може и во гаќи, што ѝ е гајле. Извлекувам хеланки од орманот. Тоа може. Исто така сака маица на кратки ракави со мотив пиши/бриши. Не ѝ дозволувам, студено е. Да, има сонце, но сепак е студено. Правиме компромис. Може пиши/бриши маица, но со долги ракави и џемпер. Мора и јакна. Мора. Не, не може без јакна. Зошто? Затоа што е студено. Да, сончево е, ама сепак е студено.
Излегуваме. Ја тегнам мојата чанта (полна со разни глупости кои веќе не ги ни вадам. Ќе ја средам еден ден, веројатно), нејзиниот ранец, неизбежната кеса со ѓубре, мојата јакна (а зошто ти мама не ја облечеш својата јакна ако е студено? Зошто јас морам, а ти не мораш?).
Стигнуваме до училиштето. Го носам ранецот, тежок барем 10 кг, по скалите.
Се гледаме подоцна.
Ја гледам како се провлекува меѓу поголемите деца, правејќи се важна со претешкиот ранец на грбот.
Се вртам и заминувам на работа.
Веќе ми недостига.
Автор: Владана