Следува приказната за мајката Ема Хифи, авторка на книгата „Драго мајчинство“:
Еден ден во животот на една мајка.
Беше само 4 часот наутро. Го хранев бебето, го пресоблеков и речиси еден час го заспивав. Повторно ги затворив очите во 5:30. Но, не спиев повеќе од половина час. Мојот сопруг стана за да се подготви за на работа. Моето тригодишно дете се разбуди. Му направив појадок, го пресоблеков и уште половина час си играв со него за да биде тивко и да не го разбуди бебето.
Потоа ја испразнив машината за миење садови, ги наместив креветите и ја наполнив и ја вклучив машината за перење. Седнав да му прочитам книга. По пет минути бебето се разбуди. Престанав да читам, што на моето момче не му се допадна, па морав да се соочам со бес додека го хранев бебето. Се разбира, целосно заборавив на мојот појадок. Дохранувањето на бебето, со прекини, траеше речиси еден час. За тоа време се трудев да имам трпение за љубомората на моето момче, додека неговите емоции се кршеа во мене.
Го чувствував нивниот товар, но некако успеав да контролирам сѐ. Бебето заспа додека го хранев, па се обидов да го ставам во креветчето. Ме следеше тригодишното дете. Ја затворив вратата оставајќи го од другата страна, но тој сепак влезе во собата зад мене. Секако дека бебето се разбуди. Целиот процес на заспивање го повторивме во спалната соба и овој пат успеавме да го спуштиме бебето во креветчето, во тишина. Го изведов тригодишното дете надвор од собата, молејќи го да молчи. Му направив чај. Не му се допадна. Му прочитав три книги. И конечно заспа.
Веќе беше пладне. Ја испразнив машината за перење, го подготвив месото за ручек, одговорив на пропуштениот повик на мојот сопруг. И бебето се разбуди. Беше нерасположено, па талкавме низ ходникот, напред-назад. Тогаш моето момче се разбуди. Двајцата ги внесов, на раце, во дневната соба и некако ги нахранив. Потоа ги однесов надвор на прошетка. Седнавме под едно дрво и ги гледавме лисјата. Разговаравме за боите. Се вративме дома и тогаш мојот сопруг дојде од работа. Некако веќе беше пет часот.

Како е можно?
Јас направив вечера, а тој ги избања. Вечеравме заедно, децата „вечераа“ и по неколку солзи. Бебето заспа. Мојот сопруг го одведе син ми в кревет, а јас останав да раскренам по вечерата. Но, бебето повторно се разбуди. Беше 21 часот. Го нахранив и го смирив. Конечно и двајцата спиеја. Беше 22. Уште не бев истуширана. Не ми беа пружени алиштата. Не го завршив оброкот. Не беа завршени уште многу други работи.
Но, успеав. Барем за следните неколку часа. Можеби до утре. И ќе се обидам повторно утре. Затоа што тоа го прават мајките.