Нема фотографии од мојот син на денот кога се роди.
Има фотографии од мене, од монитори; од мојот насмеан сопруг како седи на болничкото столче чекајќи да ми започнат контракции. Но, нема од малото момче кое засекогаш ми го промени животот.
Кога ми пукна воденикот во 35. недела од бременоста, бев шокирана. Буквално правев сè правилно: не јадев лоша храна, земав пренатални витамини и се обидов да го контролирам зголемувањето на телесната тежина. Одев на часови за трудници, ја посетив болницата, се пријавив на часови по доење, па дури и разговарав со експерти за тоа како да спијам повеќе во текот на бременоста. Така, моето слатко момче Бенет се појави на светот еден месец пред очекуваниот термин. Го држев за момент, ја почувствував неговата тежина и топлина на моите гради додека нежно го галев, а потоа гледав како заминува со експерти на неонаталната интензивна нега.
Додека шетав низ болница во текот на бременоста, воопшто не обрнав внимание на неонаталната интензивна нега. Не затоа што не беше важно место, туку затоа што не замислував дека ќе завршам таму. Бременоста ми беше толку „нормална“ и толку лесна, што очекував и породувањето да биде исто. Но, набрзо по раѓањето на син ми, го одведоа токму на ова одделение.
Никогаш нема да го заборавам моментот кога влегував во ова одделение и го видов моето бебе закачено со куп цевки, жици и машини. Се чувствував беспомошно и се плашев. Очајно сакав да го земам в прегратка, да го утешам. Наместо тоа, му шепнав на сопругот дека сакам да се вратам во ходникот и да земам воздух. Назад во болничката соба, солзите продолжија да ми течат. Мојата неверојатна медицинска сестра Мишел, која цело време беше покрај нас, дојде да ми даде документи и да ме пресели во друга соба. Кога ме виде како плачам, ми се доближи за да ме утеши и ми рече:
– Знам дека сето ова изгледа ужасно во моментов, но еден ден, кога ќе има две години и ќе трча низ твојот дом кршејќи сè, ова ќе биде далечен спомен. И потоа ќе почне да оди во градинка, а на тој ден ти повторно ќе плачеш како денес.
Тоа е нешто што не можете да го цените во тој момент, но постојано мислев на тие зборови кога го однесовме дома Бенет.
Сега ќе наполни две години.
Помина осум дена на интензивна нега, а за мене беа најдолгите осум дена од нашиот живот. Сè уште се сеќавам на мирисот на интензивна нега, на звукот на мониторите, на плачот на малечките бебиња. Но, се сеќавам и на акушерот, педијатарот и лекарите кои одиграа толку важна игра на денот кога се роди Бенет. Се сеќавам на имињата на сите неверојатни медицински сестри што ни помогнаа на тој пат, кои се грижеа за нашиот син во првите денови од неговиот живот, кои направија да се чувствуваме посилни и посигурни како нови родители. Тие засекогаш ќе бидат важен дел од приказната на нашето семејство. И се сеќавам на изливот на љубов и поддршка што ги добивме од семејството, пријателите и колегите родители на интензивна нега.
Не постојат зборови кои би можеле да ја пренесат длабочината на нашата благодарност до секој од овие поединци. Меѓутоа, она што стана подалечно е сликата на таа исплашена новопечена мајка што липа во ходникот. Тие чувства на неуспех, беспомошност, страв и несигурност се надминати со страхопочит, радост и огромна љубов што никогаш не замислував дека е возможна. Со секоја стомачна смеа и немирна насмевка, секој лигав бакнеж и „те сакам мамо“, се приближувам поблиску до тој „еден ден“.
А што се однесува до првиот ден во градинка, камерата и шамичињата дефинитивно ќе бидат до мене.
Автор: Алиса Мекалеј
Извор
912