Породувањето претставува пресвртница во животот на една жена – станува збор за емотивна, психичка и физичка промена. Но, не постои упатство за преживување по породувањето, кога емоциите стануваат претешки за разбирање и кога се чини дека телото физички не е толку силно, ниту агилно. Од жената се очекува да ја преземе целата одговорност за својата постпородилна состојба, да стегне заби и самата да се избори со сите промени. Но, вистината е дека ова не е момент кога треба да се биде сам.

Советите од типот: како да ја одржите бременоста здрава, како да го подготвите телото за здрава бременост, кои витамини се клучни за здрава бременост и слично, стигнуваат од сите страни, но никој не кажува за периодот по породувањето. Овој период е од неизмерна важност за вашиот понатамошен развој како родител и како жена со дете.

Во продолжение ви пренесуваме ефикасни совети за успешно заздравување по породувањето:

Создајте го вашето гнездо дома

Размислете каде најмногу време ќе поминувате со бебето. Кое е вашето ќоше дома? Тоа мора да биде место каде што и вие и бебето ќе се чувствувате удобно, добредојдено и топло. За многу мајки тоа е удобната фотелја, прекриена со убаво ќебе, украсена со перничиња. Украсете го и реновирајте го тој дел. Внесете свежина, внесете зеленило и сето она што ќе ви помогне да се чувствувате поудобно, побезбедно и попријатно.

Јадете здраво и добро бидејќи храната е лек

Храната отсекогаш била лек, па искуството на многу жени потврдува дека тоа важи и во овој случај. Обезбедете си здрава храна и пијалаци. Олеснете му го на вашиот организам заздравувањето и хранете го со храна полна со влакна и богати хранливи состојки. Избегнувајте храна што тешко се вари.

Замолете ги пријателите или роднините за помош околу оброците

А зошто да не? Не превртувајте со очите, ова е период кога треба да си помогнете себеси. Замолете ги вашите блиски луѓе да ви донесат храна во одредени денови во неделата. Вам секако нема да ви пречи ако ситуацијата е различна.

Подгответе се навреме

Дали знаете дека супата и бујонот имаат најделотворно дејство врз организмот? Од бујонот можете да направите разновидни чорби и супи. Еве одлична идеја: пред породувањето направете неколку видови бујон и замрзнете ги. Подоцна, кога ќе ви треба, само извадете ги и одмрзнете ги.

Ангажирајте помош

Би било одлично ако можете да издвоите средства за да изнајмите помош кога ви е потребна. На пример, издвојте пари да изнајмите чистачка или жена што ќе ви помага. Сметајте го тоа како инвестиција, а не залудно трошење пари. Вашето тело е чувствително и потребно му е време за да заздрави. Ако инвестирате во помош, сте инвестирале во вашето заздравување и на тој начин се штитите од исцрпување.

Одморот е приоритет

Одморот треба да ви биде приоритет во првите две недели од породувањето. Не штедете време за одмор. Вашата главна задача е заздравувањето, негата на бебето и запознавање со бебето. Постојат малку можности во животот каде што ќе имате таков луксуз за одмор. Кога бебето има само неколку дена, тоа нема чувство за ден и ноќ, и времето тогаш е релативно за новите родители. Бидете подготвени на тоа дека и вие ќе бидете целосно збунети.

Пијте чаеви за заздравување

Топлите, лековити, хидрирачки пијалаци треба да бидат дел од вашата рутина. Топлите пијалаци ефикасно влијаат врз заздравувањето на организмот. Исто така, пијте вода на собна температура со лимон. Ќе ви годи, а има и корисен ефект врз лактацијата. Користете и ѓумбир, куркума и мед.

Дремнувајте кога имате можност

Дозволете си себеси, особено првите 40 дена по породувањето, да дремнувате кога ви се дремнува и да се одмарате. Вашиот одмор значи дека ќе имате подобар фокус на бебето. Не брзајте нигде. Ова е период само за вас. Имајте на ум дека вашето заздравување значи дека потоа ќе бидете уште посилни за вашето дете.

Запомнете – не мора сите да дојдат во посета

Добро размислете за гостите. Нека ве посетуваат само оние што ви се поддршка и ви носат радост. Нема потреба да ве посетуваат сите роднини, и оние од десетто колено што едвај ги знаете. Ако некој од посетителите ви понуди помош – прифатете ја, бидејќи ова не е време да докажувате дека сè можете сами.

Обезбедете си помош кога партнерот ќе се врати на работа

Кога вашиот партнер ќе се врати на работа, изнајмете помош. Ова е совршено време некој да биде со вас. Организирајте некој што ќе ви носи оброци. Ако имате поголемо дете, организирајте некој да го носи и да го зема од училиште.

Ако во вашата рутина вклучите макар еден од овие совети, тоа ќе ви биде од голема помош. Мајчинството е своевидна метаморфоза, тоа е улога со која се соживувате со текот на времето. Со добра постпородилна нега можете да процветате и да се вратите во колосек уште посилни.



912

X