Успехот или неуспехот на работното место зависи од тоа каков бил вашиот татко, тврди еден американски психолог.
Во книгата „The Father Factor“ (Факторот татко), Стивен Полтер, клинички психолог кој работи со адолесценти во училиштата во Лос Анџелес, наведува пет типа татковци – супер успешен, темпирана бомба, пасивен, отсутен и ментор – кои имаат силно влијание врз кариерата на своите деца.
– На пример, децата на татковците „темпирани бомби“, кои имаат експлозии на гнев во семејното опкружување, умеат да ги препознаат карактерот на луѓето и нивното расположение. Благодарение на таквите интуитивни способности, тие се добри на позициите менаџери и преговарачи – наведува Полтер.
Сепак, таквите деца тешко стекнуваат чувство на сигурност и доверба, пишува Полтер.
– Запознав многу луѓе кои, како што велат, налетуваат на стаклен таван или ѕид од цемент во своите кариери, а јас тоа го нарекувам – фактор татко. Каква улога имал таткото во вашиот живот? Тоа е непознат факт кој има огромно влијание бидејќи сите ние сме нечии синови или ќерки – вели тој.
Татковството може да одреди дали децата ќе се согласуваат со колегите, дали ќе имаат претприемачки дух, дали премногу ќе се грижат за кариерата, дали ќе изгорат или ќе станат шефови, пишува Полтер.
Дури и отсутните татковци влијаат врз деловниот живот на своите деца, со поттикнување на чувството на отфрленост и напуштеност.
– Таквите деца можат да бидат многу успешни, односно може да се случи да станат онакви како што нивниот татко никогаш не бил или, пак, да развијат чувство на гнев кон авторитетните фигури и да работат најдобро кога самите се свои шефови – пишува тој.