Ќе видите колку брзо сè ќе помине. Нема ни да се свртите, а веќе ќе жалите што повеќе не ве држи за рака. Сврти, нахрани, пресоблечи, заспивај. Се губиме во таа секојдневна рутина, многу често не забележувајќи како таа полека, но сигурно се менува.
И детето само треба да ја фати таа лажица како што треба. Само треба да научи да игра без вас. Кога ќе почне само да си ги облекува чорапите, ви се чини дека ќе се преродите.
-Да помине ова и „јас сум на коњ“ – си велите.
Да помине?! Тоа не е нешто што боли, затоа престанете со такво размислување. А како тоа да го сторите кога по седмата приказна детето одбива да заспие?!
– Доста е играње со вода за денес. Ги избањавме и желката и ракот и октоподот и сите риби. „Уште само пет минути!“ А тие пет минути негови и мои не можат да се усогласат. Го завиткувам во крпа. Не му се гледа ни носот. Следна е нашата игра. Добив пакет. Колку убаво е спакуван. Што ми донесе денеска поштарот? Се смешка и возбудено чека да му го откријам лицето. Леле, па ова е најубавиот подарок на светот! Тој е пресреќен.

Возбудата ја продолжувам со цврсти прегратки. Го држам в раце, а рацете и нозете му летаат околу мене, подготвени за следниот подвиг. Така разнежнета, повеќе за себе, не очекувајќи одговор, прашав: „Дали си ти моето бебе?“
„Јас не сум бебе. Јас сум големо момче“. Тој е сериозен. Сериозно. Како може тој да биде мое бебе и големо момче во исто време? И кога воопшто ќе се помине таа граница? Некако се зема здраво за готово дека овој период ќе трае колку што сакам. Искрено, сè уште не сум решила дека неговата бебешка фаза е завршена. Но, неговиот одлучен поглед ми кажува дека е. Барем сè уште сака да биде мојот подарок.
Автор: Маја Радовиќ