Според разговорот со повеќе раководства на градинки, таму сега се организираат за отворање, а што понатаму, не знаат
Што доколку сега родителите немаат потреба детето да го пуштат во градинка, но појдат на работа по одредено време откако градинките ќе бидат отворени? Како да се снајдат оние родители што очекуваат упис на детето во градинка и нема кој да им го чува зашто работат или треба да работат. За уписи на нови деца засега воопшто не станува збор во градинките, а за примање на запишаните уште не се знае. Во моментов во многу градинки се собираат потврди од родителите за тоа дека мора да одат на работа. Во исто време нема одлука кога би почнале со работа овие установи кои згрижуваат деца, а се неопходни за многумина што не можат да си дозволат да ја користат можноста со потврда да бидат ослободени од работниот процес.
– Во овој момент мојот сопруг работи од дома и тој го чува детето (4 години). Но има најава дека може да почне на работа од средината на октомври или ноември. Ако однесеме потврда во градинка и од кај него од работа, таа би била лажна и би значела дека резервираме место, а детето нема да оди. Тоа значи и дека му го фаќаме местото на дете кое мора да оди, дека групата би била поголема, а не мора да биде така во моментот… Од градинката ни кажаа дека ако сега не однесеме потврди, потоа нема да го вклучат детето. Треба ли да бидеме казнети за чесноста? – вели Маја К. од Скопје.
Татко, исто така од главниот град, вели дека во градинката му објасниле дека ако треба да се вратат на работа по отворање на градинките, детето да почне да оди штом ќе се отворат вратите за децата зашто нема да има чување места.
За тоа како ќе се решаваат овие прашања, прашавме во Министерството за труд и социјална политика.
– Министерството за труд и социјална политика и Комисијата за заразни болести подготвија Протокол за активностите во установите за згрижување и воспитание деца по укинување на вонредната состојба, кој Владата го усвои во мај годинава. Согласно Протоколот, воспитните групи за деца до 2-годишна возраст треба да имаат по максимум 6 деца, а групите за децата над 3-годишна возраст да имаат по максимум 15 деца. Поради тоа што градинките треба да работат со намален капацитет и помал број деца во воспитните групи, а со цел поголема заштита на здравјето на децата, се утврди потреба од одредување приоритет додека трае пандемијата на Ковид-19. Со оглед на погоренаведеното, ПРИОРИТЕТ за посетување градинка ќе имаат децата на кои двајцата родители им се вработени и за тоа ќе донесат потврда во установата, но одлуката за згрижување на останатите деца и упис на нови деца ќе ја донесе самата детска градинка доколку има помал број на деца во групите од предвиденото во Протоколот и доколку просторните капацитети го дозволуваат тоа – велат од МТСП.
Според разговорот со повеќе раководства на градинки, таму сега се организираат за отворање, а што понатаму, не знаат. Во некои неофицијално велат дека најверојатно нови деца би се вклучиле само ако се ослободи простор (престанат да одат деца што оделе претходно). Но не се сигурни. Од градинките не даваат официјални изјави додека не се утврди како ќе постапуваат, а не знаат ниту кога би имало упис на нови деца.
Според податоците на Државниот завод за статистика, во 2019 година (состојба на 30 септември) вкупниот број деца во установите за згрижување и воспитание на деца − детски градинки/центри за ран детски развој изнесува 38.094, што претставува зголемување за 1,3 % во споредба со 2018 година.
912