Овие универзални принципи, создадени од експертите, ќе ви го олеснат родителството. Од оваа „мала школа за родителство“ научете како да му помогнете на детето да стане посамостојно, поорганизирано и похумано.
Да се биде родител е најубавата и најтешката работа. Мајките и татковците секојдневно се соочени со сомнежи, предизвици, стравови и прашања дали своето дете го воспитуваат правилно.
За да им се олесни на родителите, експертите за воспитување составија правила кои го сочинуваат „светиот грал на воспитувањето“. Еве што треба да знаете за воспитувањето на детето.
1. Дозволете му да згреши
Доколку сакате да одгледате самостојна личност, на детето некогаш треба да му се дозволи да згреши, без вие да му помогнете.
Запомнете: долгорочна придобивка – тинејџер кој, на пример, знае сам да си ги испере алиштата.
Пред да скокнете и да му помогнете на детето во извршување на некоја физичка задача, запрашајте се: „Дали моето дете е во опасност?“, а потоа запрашајте се дали детето ги има потребните вештини (агилност и рамнотежа) и дали му се исполнети основните потреби (дали е наспано и најадено). Ако одговорот е позитивен, тогаш овозможете му само да го направи она што се обидува да го направи.
Photo by Josh Willink from Pexels
2. Придржувајте се кон три правила во врска со домашната задача
1 правило: Прво го пишува најтешкото.
2 правило: Отстранете му го мобилниот. За домашните задачи на детето можеби ќе му треба калкулатор, но за тоа време не треба да испраќа СМС-пораки.
3 правило: Штом домашната задача е готова, ги става книгите и тетратките во чантата и ја остава покрај вратата.
Овој процес од три чекори лесно може да го усвои секое дете, па нема да мора постојано да го потсетувате за извршување на училишните должности.
3. Обрнете внимание зошто детето е нервозно
Нападите на бес и нервоза најчесто се случуваат бидејќи детето е гладно, вознемирено, осамено или уморно.
4. Секој ден практикувајте постапки на добрина
Учете го своето дете дека на другите треба да им помага, но не само кога се празници. Поттикнувајте го барем еднаш неделно да прави некое мало добро дело, без разлика дали е тоа помош за пријателот или соседот. Фокусирајќи се на другите, детето ќе научи што значи да се биде благодарен. Бидете доследни во она што го работите.
5. Бидете строги во врска со времето за спиење
Истражувањата покажуваат дека 7-годишните деца што немаат одредено време за спиење имаат поголеми проблеми со однесувањето од оние што секоја вечер во исто време одат на спиење.
6. Пуштете го да чита што сака
Децата што читаат од сопствено задоволство развиваат многу пошироки погледи кон светот и се многу подобри не само во општествените туку и во природните училишни предмети. Пуштете го детето во слободното време да чита што сака – најважно е да стекне навика за читање.
7. Не давајте му пари кога ќе си ја среди собата
Доколку го наградите детето кога ќе си ја среди собата, тоа секојпат ќе очекува награда кога ќе го замолите да направи нешто или да ви помогне во извршувањето задачи низ дома. На детето можете да му давате месечен џепарлак за да научи правилно да располага со парите.
8. Учете го на храброст
Сакате самоуверено дете? Учете го за малите, здрави ризици во животот за кога ќе порасне да не се плаши да презема ризици кои навистина вредат во животот.
9. Не гответе посебни оброци за детето
Детето мора да се научи да го јаде она што го јадат и неговите родители. Не мора да изеде сè што сте приготвиле за ручек, но мора да изберете храна што има хранливи материи.
10. Бидете особено внимателни кога ќе наполни 14 години
На оваа возраст децата започнуваат да размислуваат со главата наместо само да го следат „водачот“. Доколку сакате вашето дете да почне да размислува со сопствена глава, почесто поттикнувајте разговори за неговите пријатели за да дознаете со кого се дружи.
11. Победете ги стравовите со здрав разум
Доколку детето се плаши од куче, немојте да го носите на другата страна од улицата ако ви се приближи куче. Демистифицирајте го стравот. Речете: „Види, куче. Ајде да го прашаме сопственикот дали можеме да го погалиме и да видиме дали крзното му е меко“. Или, пак, кога детето ќе оди на вакцина, бидете сочувствителни, но не премногу емоционални. Кажете му: „Сè е во ред. Готово е за неколку минути“, наместо: „Знам, боли“.
12. За детето да биде потивко и помирно, не повишувајте го гласот, туку намалете го
На овој начин детето ќе се фокусира на она што му го кажувате.
13. Прво погрижете се за себе, а потоа за детето
Доколку сакате да бидете подобар родител, морате да се грижите за себе. Родителите што ќе се лишат од одмор, храна и забава поради децата, всушност никому не му прават добро. Многу родители чувствуваат вина бидејќи работат многу, па целото слободно време сакаат да им го посветат на децата. Но, ова однесување често резултира со емоционална и физичка истоштеност. Одвојте време за себе, тоа е многу важно, па макар биле само 15 минути.