Се сеќавам, беше есенско, но сончево утро. Одев и размислував каква ќе биде мојата прва средба со училиштето, учениците, наставниците и директорот. Импресиите беа големи. Детски џагор, викотници, брканици, смеа и игра. Ѕвончето ѕвони за час. Советникот објаснува: „Целодневна настава значи: учениците во училиште да го совладаат материјалот, книги носење дома нема, само во петок, родителите имаат задача да видат што нивните деца совладале во текот на неделата“, се присетува учителката Маре Трaјкова
Сања Јачевска
Маре Трајкова е прва учителка на целодневна настава. Како што ни раскажува таа, Основното училиште „11 Октомври“ почнало со работа 1955/1956 година како експериментално училиште со кабинетска настава. По барање на родителите и педагошкиот завод, во училиштето е воведена целодневна настава во прво одделение во учебната 1978/79 година. Формирани се две паралелки, а работата во одделението е поделена на два одделенски наставници. Првите месеци од учебната година биле малку понапорни, како за учениците така и за наставниците. Самиот престој од 7 часа организирано бил распореден со учење на нов материјал и совладување со игра и забава. Истовремено се развивале другарството, колективизмот, адаптирање во новата средина и што е најважно – описменување и стекнување нови поими и правила кои тука требаше да се совладаат, се присетува учителката Маре.
Целодневната настава позитивно прифатена од почеток
– Се работеше по наставен план и програма со користење разни нагледни средства, методи и други форми на работа. Со залагање и труд на целиот персонал, се формираа катчиња за одмор и разонода, училниците се уредија со паноа, слики, катчиња со цвеќиња, така што престојот на учениците стануваше сè попријатен. Благодарение на богатата хортикултура, слободното време учениците го минуваа во училишниот двор – вели првата учителка на целодневна настава.
Целодневната настава продолжила до 4. одделение. Од постигнатите резултати очигледно било дека знаењето на учениците било солидно, многу поуспешно се совладувал материјалот.
– Ученикот постојано се контролираше, а преку самостојната работа многу брзо се уочува кој ученик го разбрал претходниот материјал, а кој потешко. Веднаш му се помагаше, му се објаснуваше. Преку ваков начин на работа учениците се оспособија за самостојно извршување на задолженијата и континуирано следење на наставата во понатамошното школување – вели учителката.
Искуството покажало дека вака организираниот начин на работа е неопходен за правилниот развој на сестрано развиена личност уште во најрана возраст.
– Се сеќавам, беше есенско, но сончево утро. Одев и размислував каква ќе биде мојата прва средба со училиштето, учениците, наставниците и директорот. Импресиите беа големи. Детски џагор, викотници, брканици, смеа и игра. Ѕвончето ѕвони за час. Затишје… Влегуваме јас и Елеонора Димитриевска, двете одделенски учителки, во училница заедно со учениците, родителите. Влегува и советникот Ристо Наумовски. Тој објаснува: „Целодневна настава значи: учениците во училиште да го совладаат материјалот, книги носење дома нема, само во петок, родителите имаат задача да видат што нивните деца совладале во текот на неделата“ – ни раскажува учителката Маре.
Нема учење дома
Предметите се поделени. Трајкова Маре ќе предава: математика, општество, музичко и физичко. Елеонора Димитриевска: македонски јазик, ЗПО, ОТП и ликовно. Соработката треба да биде на високо ниво, континуирана за да се постигнат резултати. Учениците ќе имаат појадок, ручек и ужина. Ќе престојуваат од 6:00 часот наутро до 15:00 попладне, ни споделува таа.
– Настапија нови моменти за нас. Ученици, првачиња. Тие учат… ние учиме. Тоа беше генерација со која ги стекнувавме новите поими, правила, термини, законитости. Секоја следна генерација беше надградба и усовршување до крајот на мојот работен век. Се почна со работа. Беспрекорна соработка со колешката Нора. Најсовесно одржани часови, набљудувања, екскурзии, настава во природа… И што е најважно, поврзување на часовите со една содржина беше најсреќен час за учениците. Секоја генерација броеше од 35 до 43 ученици. Фасцинантна бројка за пример – вели учителката.
Учениците ги памети како заинтересирани, совесни, дружељубиви, со натпреварувачки дух кој побрзо ќе ја совлада лекцијата на час.
– Затоа извадивме многу солидни генерации на кои ќе се сеќаваме и кои ќе нè имаат во сеќавање. Часот траеше 45 минути. Од 11 до 12:30 ручек и игри во училишниот двор. Во 15:30 часот учениците си одат дома без обврска. Нема учење дома. Тоа беше формулата. Тоа го правевме 38 години, тоа е целодневна настава. Имаше денови кога останувавме по цел ден во училиште за да поврземе една наставна единица, тоа е пример во кој ќе можат да се совпаднат сите предмети „на пример, листопадни и зимзелени дрвја“. Тоа се планира преку методи, наставни средства, цели и активности, извештаи, забелешки во дневната подготовка – вели Маре.
И на 80 години би се вратила во училиште
– Учителот во тоа време беше многу ценет и почитуван.Треба секој момент да бидеш насмеан, пристоен, скромно облечен… Така нè учеше професорот Чедомир Поповиќ. Да бидеш пример за родителите, учениците и сам за себе. Мојата професија ми значи бескрајно, немам зборови. Сега да ми речат да бидам учителка, веднаш ќе прифатам, но годините и здравствената состојба ми велат… Почекај, не брзај – вели учителката.
По некое време се воведува и интерактивна настава која се вклопи со целодневната.
– Најприфатлива форма на настава за учениците е практичната работа. За да се одржи еден час практична работа, на пример „Зеленчук и овошје“, треба да се оди на пазар, да се разговара со продавачите, да се разгледаат овошјето и зеленчукот, да се пазари и во кошница да се донесе сето тоа во училница. Утредента Маре и Нора цел ден работат со учениците. Едни продавачи, други купувачи. Со престилки, капи, ваги, клупите се претворени во тезги. На час се купува, се продава, а низ тоа се учи математика, ЗПО, физичка активност… На крајот се мијат рацете, овошјето и зеленчукот. Се сечат намирниците и се освежуваат учениците. Бескрајна радост – со емоции раскажува Маре Трајкова.
Работа со врвни учители и одлични ученици
Таа е пресреќна кога денеска ќе сретне свои ученици. Вели дека има само позитивни спомени. – Еднаш на автобуската станица кај Млин Балкан чекам автобус број 5 за до училиште. Се подготвувавме за 40 години од постоењето на училиштето. Влегувам во автобусот. Станува возачот, младо момче, ме прегрнува и ми вели: „Мојата учителка Маре“. Ме бакнува и плаче. Плаче тој, плачам јас.
– Зоран ти ли си, му велам?“
– Да, јас сум. Завршив Машински факултет, не најдов работа и се вработив како возач во Градски сообраќај. Седна, вози, а солзи како бисери се нижат. Дојдовме кај семафорите кај Црвен крст. Наместо да сврти лево кон Југодрво, тој продолжи право кон училиштето. Патниците почнаа да негодуваат дека требало да сврти, но тој им рече да не се секираат, дека ќе стигнат навреме. Автобусот застана пред училиштето „11 Октомври“. Со солзи радосници се разделивме – се присетува учителката Маре.
Вели дека со годините следувале многу промени, многу генерации, многу колеги, неколку директори и од сите нив носи пријатни спомени доживувања и радости.
– Многумина ќе речат дека на старомоден начин ги воспитувавме учениците, но така излегоа успешни генерации и врвни професионалци во своите професии. Би сакала да ги истакнам колегите од кои многу научив каков треба да биде учителот, а тоа се: Оровчанец, Коевска, Минова, Митковски, Филовска, Бомбол и други – вели Маре.
Училиштето е прозорец кон светот
Таа вели дека сега сè е поинаку, за време на пандемијата. Се согласува дека здравјето на учениците е на прво место. Но не се согласува со начинот на кој се изведува наставата.
– Молчев, слушав, размислував што со учениците денеска. Многу фактори даваа предлози, насоки и сугестии. Дури слушнав и дека на нашите ученици не им е интересно во училиште! Тука ми попушти трпението, имам 80 години и сѐ уште зборовите учител и училиште за мене се највозвишени. Прозорец кон светот. Да го научиш детето да чита, пишува, смета, да ја сака природата, да го помириса листот на борот, смреката, брезата, да го сака својот народ, татковината, езерата, реката. Сето тоа со допир на малите и нежни рачиња на учениците.
Тука се и другарството, натпреварот, детската смеа, игри и песни. Колку моменти имало кога ученикот сака да го помилуваш, да се исплаче во твоите прегратки, да те прегрне и да најде утеха. Свесна сум дека технологијата оди напред, свесна сум дека и учениците и целиот народ се приспособуваат на овој процес, но воопшто не се согласувам со постапката едни ученици да посетуваат физичка настава, а други онлајн-настава – вели Трајкова.
Што ќе биде со здравјето на ученикот пред лаптопот? Каде е физичката активност и сето она горе напишано, прашува таа.
– Не можам да разберам и да се согласам со ваквиот начин на работа. Живиот збор на учителот е најважен за учениците, особено од прво до четврто одделение. Можеби ќе речете дека сум со стари сфаќања, но се гордеам што учев во класата на професорите Чедомир Поповиќ и Климе Секуловски. Тие направија од мене и од колегите врвни учители и квалитетни ученици, за што сведочат добиените признанија. Посакувам успешно да се реализира овој начин на работа со воведување учење со „таблети“, но не сум оптимист дека тоа позитивно ќе се одрази врз учениците. Им посакувам многу здравје на новите поколенија и враќање во училишните клупи, со учење од книга – додава учителката Маре.
912