Кога мислиме на малтретирање, злоупотреба од врсници, булинг или како и да го наречете, прво замислуваме понижување, јавно исмејување, удирање, па дури и туркање на главата во веце-школка, а тука спаѓа и модерното виртуелно малтретирање… Некои работи не се менуваа долго, долго време. Сепак, целиот процес започнува многу помалку забележливо, дури и пред очите на наставниците, професорите, родителите.

И покрај тоа што започнува посуптилно, тоа воопшто не значи дека малтретирањето било помалку сурово и помалку опасно. Таквото малтретирање е всушност многу поподмолно. Многу наставници го знаат тоа, многу родители го знаат тоа, а сепак таквото малтретирање поминува „под радарот“.

Една учителка објавила видео кое брзо станало вирално, зборувајќи токму за „суптилно малтретирање“. Таа ја објавила својата опсервација за малтретирањето што често не го согледуваме, а треба да му обрнуваме внимание. Таа го нарекла „суптилно малтретирање“ и појаснила како може да изгледа тој процес во училницата.

-Еве како изгледа. Ученик кој е помалку популарен, можеби има попреченост, ќе зборува, а дете кое е насилник ќе ги погледне сите свои пријатели од другата страна на собата и ќе се кикоти и ќе прави гримаси – вели учителката во видеото.

-Полудувам кога ќе го видам тоа – истакнала таа.

Додала дека иако е „опуштена“ за многу работи, како што се пцуењето, јадењето на часовите, учениците кои ја нарекуваат по име, дури и грубост до одреден степен, ова е однесување кое таа нема да го толерира.

За да го реши проблемот, таа обично стои до насилникот и го гледа в очи цело време додека другиот ученик зборува. Нејзината друга опција е да го избрка ученикот од часот. Суптилното малтретирање, според оваа учителка, вклучува и „расизам, сексизам, хомофобија“, што за неа е гаранција за „разговор еден на еден“ кој, таа секогаш се надева дека ќе го реши проблемот. Меѓутоа, ако тоа не се случи, таа вклучува и други лица, додека ученикот не препознае дека неговиот коментар е „неприфатлив“.

Видеото на учителката им е познато на многумина. Добила многу коментари од колеги кои потврдуваат колку е вообичаен овој тип на малтретирање, а некои го раскажуваат нивното директно искуство на суптилно малтретирање, главно од луѓе кои биле жртви.

@stillateacher basically we’re gonna learn and respect each other #teacher #teachertok #teachersoftiktok #highschoolteacher #teacherlife ♬ original sound – Ms. C

-Суптилното малтретирање е огромен проблем – напишало едно лице.

-Суптилното малтретирање е многу лошо! Редовно имавме караоке на час и моравме да престанеме поради насилникот – рекла една жена, додека друга напишала:

-Трпев суптилно малтретирање кое траеше седум години, а ми требаше речиси една деценија да го преболам. Ја уништува самодовербата. Вие ги менувате животите! – се вели во друг коментар.

Можеби е потешко да се забележи суптилното малтретирање, но е исто толку штетно како и физичкото насилство или навредите, па затоа е исто толку важно да се реши. Во нејзиното следно видео учителката нуди корисни совети за наставниците кога станува збор за забележувањето на овој тип однесување. Таа им предлага на наставниците да им дадат на учениците анкета, прашувајќи ги дали има некој со кој не би сакале да седат (важно е анкетата да биде строго доверлива). Ако има ученик кој малтретирал други, неговото име ќе се повтори. Очигледно не е беспрекорно совршена стратегија, но е почетна точка.

Единствената константа во злоупотребата, без разлика дали е суптилна или отворена, е дека таа не е прифатлива. А одговорноста на возрасните во животот на детето – родителите, наставниците, професорите – е да се погрижат тоа да не стане навика која се пренесува во зрелоста.

Автор: Наташа Крстичевиќ

Извор



912

X