Има огромен број придобивки кои се надеваме дека ќе ги достигнеме со спроведување активности надвор од домот: одржување добро ментално здравје, намален стрес, одржување здрава телесна тежина, запознавање со природата. Токму затоа решивме да работиме на овој проект, во чии рамки ќе бидат снимени осум едукативни видеа, односно дигитални часови за учење во природата, вели Ирина Поповска

Продукцијата „Светот на Биби“ подготвува нов проект кој е поддржан од Фондот за иновации. Станува збор за „Учиме со Биби и Боби“, во чии рамки ќе се снимаат видеа за најмладите. Ирина Поповска, раководител на продукцијата „Светот на Биби“, информира дека ова е проект што ќе донесе иновација во едукацијата на најмладите и ќе одговори на актуелните потреби на децата и родителите.

– Го насловивме „Учиме во природа со Биби и Боби“, а преку хероите од „Светот на Биби“ се обидуваме да ги охрабриме дечињата да го сменат своето секојдневие. Идејата за проектот потекна од реалната потреба децата да излезат надвор во природата, но и да учат за неа. Следејќи ги насоките на нашиот тим од едукатори од едукативната платформа „Бибиверзум“, заклучивме дека треба да разработиме малку поинаков пристап – вели Поповска.

Едукаторите посочиле дека не е доволно децата само да дојдат физички на настава или да ја следат онлајн бидејќи се случува да изгубат интерес доколку предолго седат во една иста средина.

– Има огромен број придобивки што се надеваме дека ќе ги постигнеме со спроведување активности надвор од домот како: одржување добро ментално здравје, намален стрес, одржување здрава телесна тежина, запознавање со природата. Токму затоа решивме да работиме на овој проект, во чии рамки ќе бидат снимени осум едукативни видеа, односно дигитални часови за учење во природата – додава Поповска.

Содржината на видеата ќе биде разновидна

– Биби и Боби ќе учат математика, македонски јазик, екологија, природни науки, а сето тоа преку реални примери и вежби во природата. Ги подготвуваме овие видеа со цел да придонесеме за развој на здрави навики за поминување повеќе време во природа, развој на социјалните вештини кај децата, но и намалување на физичките и психичките последици од ковид-периодот – појаснува Поповска.
Видеата ќе бидат достапни на јутјуб-каналот на „Светот на Биби“ и на едукативниот канал „Еdukacija.svetotnabibi.mk“, а ќе се објавуваат тековно.

Одделенскиот наставник Мартин Поповски, едукатор во „Бибиверзум“, вели дека видеата што ќе се снимаат ќе бидат од едукативен карактер.

– Преку ликовите на Биби, Боби и тато Тино децата ќе учат за нашето опкружување, за природата, природните појави, животинскиот и растителниот свет. Во видеата ќе има предлог-активности кои родителите ќе можат да ги прават со своите деца додека престојуваат во природа. Тоа ќе бидат едукативни игри, вежби за правилен раст и развој и истражувачки активности – информира Поповски.

Како што вели тој, овие видеа ќе ја истакнат важноста од редовниот контакт со природата на децата и на нивните родители за унапредување на физичкото и менталното здравје. Улогата на наставникот Поповски е да ја смисли и да ја подготви содржината за видеата.



912

X