Постојат места што оставаат неизбришлива трага во нашите срца – а училницата е едно од нив. Таа не е само простор со клупи и табла, туку сцена на безброј мали чуда, каде што секој ученик добива можност да расте, да сонува и да верува во себе. Таа не е само простор за предавања, туку сигурно пристаниште во кое децата се чувствуваат прифатени, разбрани и инспирирани да бидат најдобрата верзија од себе. Во ова свето место се испреплетуваат образованието, емпатијата и менталното здравје – три сили што можат да го променат светот, дете по дете, срце по срце. Место каде што се градат личности, се создаваат критички мислители и се одгледуваат емпатични срца.

Во сржта на суштинскиот воспитно-образовен процес лежи емпатијата, како клуч за создавање генерации што ќе градат општества базирани на разбирање и почит. Учителот што знае да слуша, што разбира дека зад секој ученик стои приказна, може да направи вистинска разлика. Вистинскиот учител не предава само лекции – тој ги буди соништата, ги инспирира срцата и создава безбедно катче каде што секој ученик се чувствува прифатен, слушнат и вреднуван.  Како што вели Марија Монтесори, истакнат педагог, која во 20 век целосно го промени ставот и начинот на воспитување на децата: „Најголемиот успех на наставникот е кога детето ќе рече: Јас го направив тоа сам/а!“ А како децата ќе станат свои луѓе ако во нив не ја всадиме емпатијата, ако не им покажеме дека емоциите не се слабост, туку сила? 

Но, како да ги научиме децата да бидат емпатични? Првиот чекор е да им дадеме сопствен пример. Јас, како магистер за образование, цврсто верувам дека најважните лекции не се пишуваат со креда, туку со љубов. Истовремено, длабоко сум убедена дека љубовта, поддршката и емотивната стабилност во домот се темелите врз кои се гради идентитетот на секое дете. Моето добро ментално здравје денес е резултат на љубовта, охрабрувањето и безусловната поддршка што ја добивав од моите родители. Тоа е наследството што го носам во себе, дар што денес со радост го споделувам со моите ученици. И не сум сама на овој пат – мојот сопруг и моите две ќерки се мојата сила, мојот компас и мојата потврда дека љубовта е најголемата движечка сила во светот. 

Особено важен момент во мојот професионален развој беше посетата на тренингот за ментално здравје организиран од Првата детска амбасада во светот -Меѓаши. Овој тренинг не само што ги прошири моите хоризонти, туку и ми даде нова енергија, нова визија и нови перспективи за значењето на  емоционалната благосостојба кај учениците. Детето што е поддржано, разбрано и прифатено, расте со силна самодоверба, со креативност што не познава граници, со верба во сопствените способности. Ние, како учители, мораме да бидеме чувари на нивниот дух, да им покажеме дека секој нивни предизвик е можност за раст, дека секоја нивна мисла вреди да биде слушната, дека секој нивни страв може да биде надминат со љубов и поддршка. Од првиот ден, со радост започнав да ги применувам стекнатите сознанија со моите ученици, забележувајќи позитивни промени во нивното однесување, комуникација и самодоверба. Тие започнаа да ги слушаат не само моите зборови, туку и пулсот на моето срце, што секој миг го вложував во нив.     

Затоа, ако сакаме да градиме подобро утре, мораме да почнеме од тука – од училницата што ги менува животите на најмилите. Од училницата во која секое дете ќе знае дека е вредно, сакано и важно. Во светот постојат многу титули, но една од највозвишените е титулата учител. Тоа не е само професија, тоа е мисија. Мисија да се остави белег, да се создаде светлина, да се биде поттик за нечиј лет.  Учителот не е само оној што предава знаење, туку и оној што го лекува детското срце кога е ранливо, што го насочува кога е збунето и што му дава крилја кога е подготвено да полета. Ако можеме да научиме дете како да чита, да пресметува и да размислува критички, тогаш можеме да го научиме и како да се сака себеси, како да ја пронајде својата сила и како да се бори за своите соништа. Тогаш ќе знаеме дека навистина сме ја исполниле нашата најголема мисија – да создадеме нова генерација која ќе ја води иднината, која ќе ги надмине сите предизвици и ќе остави неизбришлива трага за сите идни генерации.

Автор: м-р Василка Ѓурчиновски



912

X