Основно училиште во Англија ќе ги казнува родителите со една фунта за секои пет минути доцнење при земањето на своите деца од училиштето.

Училиштето „Свето тројство“ во Грејвсенд, Англија, исто така ќе ги контактира и социјалните служби ако децата не бидат земени до 16 часот, по само половина час откако завршува наставата во училиштето. Овој потег е критикуван од родителите кои доцнат само 10 минути, како и од здруженијата, кои предупредуваат дека со ова би можело да се „поткопаат позитивните односи“ со семејствата.

Но, училиштето тврди дека ваквиот потег е потребен за да се покријат трошоците за плаќање на наставниците кои остануваат подоцна отколку што трае наставата. Еден родител, кој сакал да остане анонимен, изјавил: „Како родители, ние сме шокирани и згрозени од овој потег на училиштето. Грејвсенд е изолирана област и родителите се борат за работа со цел да ги намират трошоците. Многу училишта завршуваат во приближно исто време и ова значи дека навистина водиме борба за да ги земеме децата навреме. Во известувањето стои дека ако не ги земеме до 16 часот, училиштето ќе се јави во социјалните служби. Сметаме дека ова е бесрамно“.

Џери Глејзер од Националната образовна унија изјавил дека смета дека ова не е правилниот начин за да се вклучат родителите. Рекол дека е важно „родителите да разберат зошто одредени постапки се штетни за училиштето, но и дека најдобриот начин за да се направи тоа е преку значајно и соодветно вклучување, а не преку казни“.

Глејзер додал дека „непотребното заканување“ за пријави во социјалните служби може да ги антагонизира луѓето.

Главниот наставник во училиштето Денис Гибс-Нагуар истакнува: „Училиштето завршува во 15:30 часот, но станува вообичаено и нормално да има значителен број на деца што не се земени од страна на родителите до 16 часот. Кога ова се случува, голем број од вработените треба да бидат платени за прекувремена работа бидејќи тие вршат надзор врз децата. Училиштето не може да ги издржи тие трошоци, без да влијае врз одредени области во училишниот буџет, а следствено на тоа и врз образованието на децата. Дополнително, учениците што не се земени навреме од родителите покажуваат знаци на анксиозност и стрес, кога не знаат каде се нивните родители/старатели и се грижат дека можеби нешто им се случило. Јасно е дека ова е нешто кое не би требало да го искусува едно дете“.

Автор: Еленор Базби



912

X