Основно училиште во Холандија ги подучува децата за огромното влијание што може да го има доброто дело. Децата се охрабруваат да кажуваат за добрите дела што ги направиле и за ефектот од нив. Лекциите почнуваат со инспиративната приказна за Џап Бресерс, кој останал парализиран по несреќа при нуркање, и како еден гест на добрина од медицинскиот брат Карлос направил разлика во неговото закрепнување и неговиот живот.

Џап Бресерс се разбудил во паника откако сфатил дека се наоѓа на интензивна нега, неспособен да се движи. Последното нешто на кое можел да се сети било нуркањето на одморот во Португалија. На 21-годишна возраст Џап ја удрил главата во морското дно кршејќи си го вратот, по што останал парализиран.

Но, благодарение на љубезноста од медицински брат, Џап пронашол мир во својата ситуација.

– Лежев таму во чудна земја, во чуден кревет и во чудно тело. Чувствував само паника. Ако викнев, ќе дојдеше некој, ќе ги провереше мониторите и пак ќе си заминеше. Стандардна процедура. Една вечер медицинскиот брат Карлос дојде додека имав напад на анксиозност. Ме виде токму мене, а не жртвата од нуркањето.

Карлос му обрнал внимание, ја ставил раката на неговото рамо и му рекол: – Во ред е. Овој мал гест значел многу за Џап и го смирил.

– За мене, тоа направи огромна разлика во светот. Мислам дека сите ние имаме еден Карлос во нас и секој може да направи разлика на свој начин – вели Џап.

Токму оваа трогателна приказна за сочувство беше идеја за часовите „Карлос-моменти“.

Што нуди програмата?

Наставната програма нуди две можности: едната за основно училиште, а другата за средно.

Во еден или два часа програмата ги воведува учениците во „Карлос-моменти“; навидум мал гест што има голема вредност за луѓето. Програмата нуди разновидни интерактивни методи на работа што се забавни и достапни. Опфатените теми вклучуваат:

– Уживај во она што го правиш;
– Саморефлексија: откриј ја сопствената вредност;
– Справување со промените;
– Доживување дека правењето нешто мало и лесно за тебе може да има голема вредност и важност за друг;
– Стимулирање на креативноста.



912

X