Во извештајот стои и дека наставниците не се доволно обучени за реализација на Кембриџ-програмите, а родителите сметаат дека се претешки за возраста на децата

Во период кога наставата во државата се одвива од дома, Државниот просветен инспекторат подготви годишен извештај за ланското работење на инспекторите, вклучително и за работата на училиштата. Во извештајот, кој деновиве ќе биде јавно објавен на нивната веб-страница, како една од слабостите е наведена неможноста на училиштата да реализираат сѐ што е предвидено со наставните програми за основно образование по „Кембриџ“ бидејќи немаат доволно пари за тоа.

Инспекторите донеле заклучоци врз основа на контроли кои лани ги направиле во 153 училишта.

– Во основните училишта наставниот процес се изведувал според наставни планови и програми за воспитно-образовна дејност за деветгодишно основно образование, како и по наставни програми по наставните предмети математика и природни науки, адаптирани во соработка со Меѓународниот центар за наставни програми за основно образование од Кембриџ, Велика Британија. За остварување на образовните цели, училиштата недоволно се опремени со нагледни средства и помагала за реализација на Кембриџ-програмата по дадените наставни предмети. Исто така, наставниците не се доволно обучени за реализацијата на овие програми, а родителите сметаат дека не се соодветни на возраста на децата. Од извештаите на инспекторите се констатира и дека најголем број наставници што се ангажирани во комбинирани паралелки не добиваат доволно поддршка за работа во истите – нотирано е во извештајот на Инспекторатот.

Формиран инклузивен тим во поголем број училишта

Од извршените интегрални евалуации и реализираните инспекциски надзори е констатирано дека дел од слабите страни нотирани во претходните извештаи се надминати, а во дел од нив има повторно повторување на слабостите.

– Но, тоа не зависи од училиштата бидејќи тие немаат доволно финансиски средства за надминување на слабостите. Она што е забележливо е дека најголемиот број училишта успешно планираат и реализираат ученички екскурзии согласно Правилникот изготвен од МОН, намален е бројот на изречени педагошки мерки како резултат на советувањето на родителите. Поголем број од училиштата ја имаат испочитувано законската обврска и имаат формирано инклузивен тим, обезбеден е пристап на лица со телесни пречки во развојот, постои тренд на подобрување на просторните услови во воспитно-образовните установи и стручната служба сѐ повеќе се доекипира – стои во документот.

Немаат компјутери и опрема, недоволен пристап на лица со телесни пречки

Инспекторите го навеле она што беше проблем и изминатите учебни години, а тоа е дека поголемиот број училишта немаат функционална компјутерска опрема, како и тоа дека ИКТ-наставата е недоволно применета.

– Училишта ги почитуваат правата на децата без разлика на етничката припадност, вера, пол и друго, но во голем број училишта нема обезбеден пристап за лица со телесни пречки, а исто така во случај на елементарна непогода училишта немаат изготвено планови за евакуација и поголем број училишта немаат спроведени симулации за брзо напуштање на училишните објекти – се додава во извештајот.

Во 2019 година инспекторите планирале да извршат вкупно 11.080 инспекциски надзори, од кои 9.666 редовни, 832 контролни и 582 вонредни инспекциски надзори. Тие реализирале 11.882 надзори во воспитно-образовните институции. Во извештајната година Инспекторатот поднел 239 прекршочни пријави, а поднел и три кривични пријави за неправилности во работењето на воспитно-образовните установи. Поднесени се 1.030 управни решенија, 906 едукации.

Фото: Колектиф Прес



912

X